Зошто поентата на животот не е перфектниот баланс, туку препознавање и приоретизирање на тоа што е навистина вредно?

Како татко на 2-годишен син и претприемач којшто раководи со растечка компанија, доста често се наоѓам себеси во дебати околу “work-life balance”. ⚖️

Јас длабоко верувам дека самиот концепт на тој “баланс“ е една обична пропаганда, мит и на некој начин мамка, која во суштина нè оттргнува од размислување кон навистина важните работи во животот – личните вредности и приоритети. 

darko-davkovski

Балансот сам по себе значи еден перфектен еквилибриум каде што секој аспект од нашиот живот добива подеднакво влијание. А тој баланс, практично не постои. Меѓутоа, и те како е добар маркетиншки трик. 

Опкружени сме постојано со понуди што ветуваат дека ќе го подобрат нашиот животен баланс. И така луѓето влегуваат во еден магичен круг, бркајќи го тој баланс додека животот, ден по ден поминува пред нив.  

Животот по дифолт, не е симетричен. Постојат периоди во кои мојот бизнис, мојата работа го преокупираат поголемиот дел од моите денови. Постојат периоди во кои моето семејство го презема приматот. Флуидна динамика. Нели е многу покул животот да ти е флуидно динамичен отколку балансиран? 🙂

Е сега, динамиката сама по себе може да е хаотична и опасна доколку не постои некој навигациски систем којшто ќе не насочува. Сметам дека тој систем е комбинацијата од лични вредности и приоритети. 

Во мојот случај, мојот прв приоритет сум јас. Ова можеби звучи чудно и себично, меѓутоа интересно е што јас се ставив себе на прво место во моментот кога сфатив дека ќе станам татко. 

А го сфатив тоа, за среќа, неколку месеци пред навистина да станам татко. Сфатив дека за да може мојот син да го добие најдоброто од мене, за да бидам добар сопруг, пријател, соработник, ментор – јас морам да сум подобра верзија од себе. ✨

Ова ме носи кон една друга мисла што сакам да ја пренесам – а тоа се позитивните опсесии. Обично, самиот збор опсесија има негативна конотација. Велат дека не е добро кога некој е опсесивен. Меѓутоа, ако таа опсесија е канализирана кон позитивни работи, всушност и те како е добра како прекрасен мотиватор и извор на енергија. 

Моите опсесии со личен развој, со фитнес, со семејството, со мојата кариера и развојот на мојата компанија, се двигатели што ја креираат таа енергија, тој елан за да бидам подобар од себе. Опсесијата со слобода, како моја лична вредност, ми помага во секојдневните одлуки и ме оттргнува од работи што не резонираат со тоа што сум. 

Да – личните вредности се оној камен тeмелник врз кој што ги носам сите одлуки. Без разлика дали станува збор за бизнис одлука или семеен план, личните вредности се водилките што ми помагаат да не се изгубам во тој лавиринт на дневни предизвици и она што го викаат “grind” (не знам како се преведува 🙂). Секој избор е многу полесен кога вредностите и верувањата се поклопуваат. 

Еден ресурс за читателите на овој блог што мене лично ми има помогнато е следниов: https://www.valuescentre.com/tools-assessments/pva/

Е сега, кога сме кај избор и одлуки, сметам дека буквално најважната одлука која еден маж ја прави во животот е изборот на животниот партнер. Да избереш жена, некој со кој што ќе го споделиш животот, соништата, животните предизвици и радости е масивна одлука. 

Јас сум пресреќен, бидејќи имам сопруга која што ме подржува и е покрај мене и со мене и во добри и во тешки моменти. Плус, опсесивната природа ме прави “доста напорен“ – ова се нејзини зборови. 😀 

Ама, да си се вратам на првата мисла од погоре и со збoровите на доста попаметен човек, Ворен Бафет – „За да имаш добра жена, пред се ти мораш да бидеш добар маж.“ 

Во суштина, поентата на животот не е перфектниот баланс, туку препознавање и приоретизирање на тоа што е навистина вредно. За мене, тоа е комбинација од личен “well-being”, семејството, пријателите и кариерата. Сето ова е поврзано и испреплетено со моите вредности и моите опсесии. 

За животот да ни е подобар, мора ние самите да сме подобри. Никогаш нема да сме перфектни, постојано ќе сме work in progress. И тоа е убавината на животот. 🚀


Автор: Дарко Давковски