Зошто мајчинството е 24/7 работа?

Кога си мајка, не можеш да си дозволиш да речеш: „Досадно ми е”. Тоа би било далеку, далеку од вистината.

Некаде прочитав истражување дека мајчинството е еквивалент на 2,5 работи со полно работно време. Времето што мајките го поминувале на обврски поврзани со бебето било еднакво на 98 часовна работна недела.

Иако кога бев бремена оваа истражување ми беше фасцинирачко, сепак сфатив дека не е баш така. Мајчинството не е 98 часа работна неделно, туку 24/7. 

working-mom

 

Еве зошто мајчинството е една непрекината работна недела што ти се чини дека никогаш нема да заврши:

⭐ Треба да бидеш 24/7 достапна за секоја потреба на бебето во секое време: доење, храна, ждригање, заспивање, менување пелени, гушкање, утешување, бањање, облекување, стимулација, прошетки итн.

⭐ Треба храбро да ги издржиш прекините во спиење и да го жртвуваш својот сон, особено кога бебето има нерегуларни шаблони на спиење во текот на целиот ден. Затоа моја најтопла препорака до сите бремени жени е: Наспијте се додека можете. Сепак, сфатив дека можеш одлично и да функционираш со само неколку часа сон (на краток рок).

⭐ Како мајка, треба да бидеш постојано достапна во случај на болест, несреќа или едноставно – раздраздливост на бебето. Ти си таа што најдобро знае да му обезбеди утеха, поддршка и гушкање што ќе го осигури дека светот е безбедно место гледано низ призмата на прегратката на мајката.

⭐ Мора да бидеш спремна постојано (дење и ноќе) да обезбедуваш храна за твоето најмило, било преку доење, молзење, подготовка на адаптирано млеко, подготовка на оброци, итн.

⭐ Потребно е постојано да ја надгледуваш безбедноста и благосостојбата на своите деца. Ова вклучува да се осигураш дека бебето седи/лежи/се движи во безбеден простор, да ги надгледуваш неговите активности во случај да посегне по нешто што не треба, да ги гушкаш и тешиш кога се вознемирени, итн.

⭐ Мајчинството вклучува и обезбедување на емотивна поддршка на децата, што може да им биде потребна во било кое време. Ти секогаш треба да си на располагање како рамо за плачење, утеха, разговор, совет, насока, без оглед на тоа колку е часот.

⭐ Мајките играат клучна улога во стимулирање на своите деца за да ги развијат своите ментални и физички способности. Кај новороденчето ова вклучува стимулација како време на стомак, вежби за нозе и колкови, вежби за намалување на грчевите, вежби за седење, вежби за очи, читање, стимулација со црно-бели-црвени играчки и слично.

⭐ Континуирано донесување на одлуки во име на своите деца во консултација со партнерот е уште една од твоите обврски. Од изборот на храна што ќе се јаде, места за шетање, дружење со луѓе, здравствена заштита, образование, воншколски активности, мајките се тие што во консултација со своите партнери треба да донесат безброј одлуки што директно ќе се одразат врз квалитетот на своите деца.

За крај, мајчинството е најтешката работа на светот, но воедно и најубавата!

Сите горенаведени обврски иако делуваат исцрпувачки и одземаат многу време, енергија и нерви, не би ги менувала за ништо на светот. 

Ниту една финансиска стимулација не може да се рамни со наградата што ја добиваш од своето дете – гушкање, насмевка, бакнежи и чувството дека ти си му најважната личност на светот. ❤️