Ако прашаш некој дали да стартуваш нов бизнис за време на бременост, одговорот што најчесто ќе го добиеш е: Не си отварај дополнителна работа, одмарај, наспиј се и уживај во бременоста.
Секако дека одмарав, спиев по 12 часа и уживав во бременоста.
Но, добро ми дојде и предизвик што ќе ми дава чувство на исполнетост и цел.
Бев во 5от месец од бременоста кога со сестра ми решивме да го стартуваме TrixieBox. 🚀
Свесна бев дека ќе има голем број на предизвици бидејќи стомакот со секој изминат ден се повеќе ми растеше, а уморот беше тука да остане.
Но, позитивно се изненадив кога ги почувствував и предностите на своја кожа.
Лично ја правев доставата за TrixieBox на територијата на Скопје бидејќи како нов мал бизнис, сакав да се запознаам со луѓето што ни дале шанса.
Колку и да не им бил денот, кога ќе ме видеа со стомакот напред како им го носам подарокот, веднаш лицето им омекнуваше. Навистина го ценеа тоа што и покрај тоа што сум бремена, сум собрала сили да им ја врачам нарачката лично.
Дел од нив, се уште ни се лојални клиенти.
Бременоста ми создаде силно чувство на цел и дополнителна мотивација продуктивно да го користам секој час.
Ова го достигна врвот во 9тиот месец кога секој ден можеше да се породам, па многу внимателно избирав на кој начин ќе ги потрошам “последните” часови.
Дополнително, сакав да бидам исполнета и реализирана мајка за кога ќе се роди син ми. Да му покажам дека може да си ги реализира сите негови амбиции без разлика колку и општеството да вели дека сега не е моментот за нив.
Како фриленсер но и сопственик на бизнис, флексибилноста е нешто од кое што не би се откажала. Можноста сама да си го креирам распоредот на денот навистина ми послужи во бременоста.
Имаше утра кога бев толку многу уморна што ќе си речев: Денеска не е ден за работа и ќе си продолжев да спијам.
Имаше денови кога бев толку полна со енергија што ги завршував работните обврски предвидени за целата седмица.
Или, пак, деновте кога одев на гинеколошки прегледи си ги земав слободни бидејќи единственото нешто на кое што можев да се фокусирам е благосостојбата на моето бебе во стомакот.
Бременоста знае да биде прилично скап процес, особено ако сте малку и опседнати со различни тестирања и почести прегледи само за да се осигурате дека сè е како што треба.
Секој извор на приход ми беше повеќе од добредојден, бидејќи се плашев дека по раѓањето на бебето ќе имам стагнација од работа (што за среќа, не се случи).
Да се врши достава на нарачки во 9от месец од бременоста и набавка на материјали на терен беше многу, многу заморна работа.
Од една страна, ми беше забрането по 27та недела од бременоста да возам, па морав да зависам од маж ми со часови и часови да ме вози низ Скопје додека правам достава.
Дополнително, мораш да внимаваш на секој твој чекор, да не се сопнеш, лизнеш и слично, па сестра ми требаше постојано да “ме држи на око” или за рака да не се сопнам додека набавувавме материјали.
Како и секој бизнис, и нашиот бараше финансиски инвестиции за да може да ги креираме првите тематски кутии.
Во време кога имав финансиски притисок поради огромните трошоци поврзани со бременоста, секој денар вложен во бизнисот значеше многу.
Уште од самиот старт ни беше јасно колку отварањето на бизнис носи ризици и неизвесности. Но, тоа не нè демотивираше да си ја реализираме идејата.
И самата бременост ми додаде дополнителен степен на непредвидливост, бидејќи знаев дека моите околности и приоритети можат да се променат откако ќе се роди детето.
Откако се роди син ми, си дадов еден месец пауза за да се навикнам на новата реалност (во меѓувреме сестра ми продолжи да ги држи конците – не можевме да си дозволиме да паузираме).
Месец дена подоцна, со освежен ум и уште поголема желба за експанзија си се вратив во игра. 💪
© 2023 Created with love