Самото тоа што за пишување на овој блог пост ми требаше еден месец, ви кажува сè во врска со тоа како е да имаш работа со полно работно време и активен мал бизнис. 🙂
Тргнување во авантурата на бизнис светот е еден голем предизвик во било кој период од животот, па кога на тоа ќе додадеш и мало бебе од неполни три месеци, изгледа како невозможна мисија.
Јас сум Марија, имам 32 години, имам завршено германски и шпански јазик и Магистер сум по маркетинг и човечки ресурси. Целото мое работно искуство го посветив на маркетингот, а последнава година сум работена сум со полно работно време како проектен менаџер.
После два спонтани абортуси, на моја најголема среќа во 2021 останав бремена и подоцна истата година се породив. Ведран беше и уште е здраво дете. Од раѓање има белег на грбот како бемка за кој ни рекоа дека мора да биде добро заштитен од сончевите зраци.🌞
Мене ако ме прашате за што најчесто сакам да зборувам во слободно време, без размислување ќе ви кажам за skincare рутина и најдобри производи за нега на кожа. Токму кога останав бремена почнав навистина да внимавам на составот на продуктите кои ги користам, па кога требаше да бирам козметика и крема со заштитен фактор за Ведран, ги засукав ракавите и почнав да ја барам најдобрата на пазарот.
Испадна дека една од најздравите креми со заштитен фактор за деца и бебиња е француска козметика која ја има само во Србија, па ги исконтактирав за начините на плаќање и после неколку е-маилови нарачав неколку креми одеднаш за да ги имам за подолг период.
Ги добив неколку недели подоцна преку блиски луѓе кои патуваа за Србија. Кремите беа совршени и во однос на текстура и во однос на состав. Навистина сакав тие креми да ми бидат достапни цело време.
Со оглед на тоа што сум passionate environmentalist, пред да останам трудна, на почетокот на 2020 година аплицирав и добив мал грант за да започнам со концепт продавница во која ќе се продаваат продукти на точење и мерење, односно zero waste продавница. Кога започна ковид, сè ова се стави на пауза, но знаењето кое го имав околу процедурите со започнување на нова фирма ми остана.
Така, една вечер, се сеќавам баш затоа што беше петок вечер, „пост-партумски“ ми светна идеја да составам еден е-маил за фирмата која ја увезуваше козметиката за Србија и да ги прашам дали би биле заинтересирани да прават увоз и за Македонија.
Само за контекст, немав никакво искуство со увоз, никакво искуство со процедурите, имав само идеја и желба. Дури во моментот немав ни средства за тоа. Верувам дека за работите кои навистина ги посакуваш, ќе најдеш начин. 💪
За големо чудо, Србите беа заинтересирани за тоа затоа што веќе ги разгледувале опциите и барале партнер. Голема среќа беше и што не им пречеше тоа што немав искуство со претходен увоз.
Преговорите траеа неколку месеци. Во тој период разгледував многу опции за финансирање, меѓу кои и кредит од банка. Long story short, жената на братот на сопругот (исто така Марија), која исто ја користеше оваа козметика, реши дека сака да ми се приклучи и да биде дел од оваа приказна, што ми ја реши половина од работата.
Едноставно, не сум човек што е премногу аналитичен и човек што размислува предалеку во иднината, повеќе сакам да одам чекор по чекор и да ги решавам работите во од. Ако не започнам веднаш и ако размислувам предетално за ги согледувам сите пречки што би можело да искрснат по патот, нема да започнам никогаш. Не велам дека ова е правилниот начин на размислување, само кажувам дека овој е мојот начин на размислување. Go with the flow (водолиите што го читаат ова, ќе ме разберат).
Не сум ни некој човек кој добро се снаоѓа со бројки и финансии, ама на голема среќа сопрузите на двете ни се одлични аналитичари и економисти, така што тој дел од работата околу пресметките ни беше решен.
Кога се подготвувавме за увозот, баравме многу контакти кои веќе го работат истото за да се распрашаме околу процедурите и можам да кажам дека најголема помош добивме од луѓе кои практично не ги ни познаваме лично. Чудно е како вратите се отвараат кога ќе бидеш подготвен за нив и отворен за ново искуство. 💯
Денес, една година од првиот увоз, можам да кажам дека патот воопшто не е праволиниски, проблеми излегуваат од места каде што најмалку очекуваш. Кога на сето тоа ќе додадеш работа од полно работно време и мало дете кое си го бара вниманието кое му припаѓа, има моменти кои се навистина многу предизвикувачки.
За сето ова е потребна огромна поддршка од околината. За ова е потребно the whole village that it takes to raise a kid.
✅ Огромно разбирање од партнерот и делење на сите обврски меѓусебно. Разбирање, дури и во моменти кога ни самата не можеш да се разбереш, особено во периодот на пост-партум кога хормоните се насекаде. Поддршка и во најлудите идеи, затоа што да го прашате мојот сопруг за петочната вечер кога решив да им пишам на Србите за увозот дали тој би го направил истото – ќе каже дека нема шанси. Најпрво би ги согледал сите аспекти на работата, би направил SWOT анализа, анализа на пазарот, анализа на конкуренција, буџетски пресметки и пресметки за цена на продуктите. Тоа е едноставно тој (а верувам и повеќето од луѓето), но не и јас.
✅ Помош од најблиските, родителите, за да ни се најдат во сите ситуации кога треба да го чуваат Ведран. Моралната поддршка од нивна страна е исто така еден од најголемите фактори за успех. Можам да кажам дека родителите ни се најголемите навивачи за да успее нашата бизнис идеја. Можеби имале во себе одредени сомнежи на почетокот, но никогаш не оставија да го осетиме тоа.
✅ Морам да ја истакнам работата на себе и својот личен развој. Голем придонес кон ова сè има тоа што веќе неколку години сум посветена на ова. Секое слободно време, од пешачење до чистење дома, го користам за слушање podcast-и за личен развој, слушање аудио книги со истата тематика, редовно посетувам coaching сесии и поминав NLP Practitioner обука. Секојдневна работа на себе и дневни рутини кои те поддржуваат на тој пат се едни од клучните фактори за успех на секое поле, од родителството до бизнисот.
✅ Едни од клучните фактори за успех, покрај овие три погоре, се свесност за нашите вредности, таленти и интереси; размислување за тоа како може (а не како не може), силна верба во себе и слушање на својот внатрешен повик.
Балансирањето меѓу бракот, мајчинството, работата со полно работно време и малиот бизнис е нешто со кое се соочувам секој ден, но најважно од сè сметам дека за успех е потребна поддршката од околината и грижата за себе и своите дневни рутини. Само доколку се грижиме за себе, можеме да бидеме одличен партнер, родител, вработен и сопственик на мал бизнис. 🏆
Исто, многу е важна истрајноста и флексибилноста. Дури и идејата за zero waste продавница не е нешто од што се откажав, туку само му барам време и начин за остварување. А, до тогаш, продолжувам со развивање на постоечкиов бизнис и најважното – растење на свесно, мало, креативно човече.
Автор: Марија Арсоска
Повеќе инфо за бизнисот на Марија: ⬇️
© 2023 Created with love