Врвот на кариерата на една вработена мајка

По 18 години кариера во медиуми, маркетинг и комуникации и речиси 16 години кариера како мајка, она што би заклучила е дека и од почеток сѐ да почнам, пак сѐ би направила на истиот начин. 💡

За изборите и одлуките

Знам дека сите сакаме некој рецепт, совет, искуство од некој кој го поминал нашиот пат за да бидеме сигурни дека by-the-book балансираме со родителството и кариерата, но рецепт нема. Сите донесуваме одлуки и правиме избори согласно контекстот, емоциите и интуицијата и се надеваме на најдобро.

За мене 2 одлуки беа пресвртни:

1️⃣Делумно да се вратам на работа со 7-месечно бебе.

2️⃣По 10 години да ја напуштам телевизијата. 

Од денешна перспектива двете беа одлични одлуки. Во моментот кога јас одлучив дека сакам да имам дете имав нестабилна хонорарна работа, бев на почетокот на кариерата и се чинеше дека немам што да изгубам дури и ако направам пауза. 

Околностите непланирано се променија во периодот додека бев бремена и делумно се вратив на работа кога моето бебе имаше 7 месеци, а кариерата тргна по нагорна линија.

 

Семејство од калап

Неизбежно имаше малку вина што го оставам детето со дадилка, а потоа од 2 годишна возраст во градинка, но не мислев и не мислам дека мајката е примарен родител, а таткото само ѝ помага. 

Станував во 5 часот наутро за да стигнам на работното место како водителка на утринска емисија што почнуваше во 6.45 часот. 

Природно, на сопругот му преостануваше спремањето на детето, носење во градинка, излегување од работа за одење кај педијатар и слично. 

И ова функционираше за нас, но не е правило дека ќе функционира за сите. Нема еден калап по кој треба да бидат моделирани семејствата со однапред предодредени улоги и обврски на родителите. 

Сите треба да си го создадеме моделот на родителство што функционира за нас и не треба да биде на штета на амбициите и професионалниот напредок на еден од родителите. 💯

 

Не ми кажувај, покажи ми!

Втората одлука ја донесов кога детето сè уште не беше во тинејџерските години, што знаат да бидат вистински предизвик за многу семејства. 

Телевизијата ја изживеав и стана бајато искуство, па ми требаше промена. Влегов во нова, исклучително динамична индустрија, но не без доза на несигурност. 

Знаев дека пораснавме дете кон кое се однесуваме како кон возрасен, чие мислење рамноправно се уважува дома, кое е самостојно, дете со многу самодоверба и простор за да го креира својот пат. 

Сепак, се преиспитував и секој ден се преиспитувам дали сум доволно присутна во нејзиниот живот, дали ѝ требам, колку ѝ требам, треба ли да ѝ требам? 👀

Мојата работна позиција подразбира различни ангажмани, настани за клиенти, чудно или барем променливо работно време, работам и додека сум дома, носам лаптоп на одмор, предавам на Академија за дигитален маркетинг и уживам во сè што правам затоа што си ја сакам работата.

Мојата ќерка ја гледа сета таа љубовта и посветеност и ја перципира како нормален однос кон професијата. 

Не морам да ѝ кажам со зборови. Доволно е да ѝ покажам со пример дека ако уживаш во работата, кариерата сама се гради, успехот е неизбежен. Мајка никогаш не престанувам да бидам, но не можам да бидам само тоа.

 

Врвот на кариерата на една мајка

Факт е дека немам 5 совети за успешен баланс на работата и кариерата, немам ни 3 клучни лекции од искуството на градење кариера со мало или големо дете, немам универзални мудрости за тоа како да се биде успешна вработена мајка.

Ја имам само изјавата на ќерка ми: „Мамо, сакам да бидам како тебе!“ а тоа е врв на кариерата на една мајка. 

Оваа (па веројатно и секоја мајка) на ваква изјава дава одговор „Знам дека ќе бидеш многу, многу повеќе од мене!“ 🚀

 

Автор: Наташа Велковска