Враќање на работа како нова мајка - грижа на совест и грижа за менталното здравје

Го пишувам ова после цел работен ден, додека моето бебе спие во креветче до мене. Додека го гледам како спие, не можам, а да не ги „уловам“ мислите што ми се вртат низ глава: 

„Многу моменти пропушташ.“

„Еднаш е бебе, посвети му се повеќе.“ 

„Многу брзо расте, а ти не си околу него“

„Му требаш, како ли ќе надоместиш?“

Па, да позборуваме малку за „слонот во собата“ – грижата на совест поради враќање на работа, од перспектива на мајка на 4-месечно бебе.

vrakanje-na-rabota-nova-majka

Породилното отсуство ми траеше 3 месеци. Како што се наближуваше денот кога требаше да се вратам на работа, така ми се зголемуваше и чувството на вина што не можам постојано да сум со моето бебе.😔

Дополнително, ми требаше време да прифатам дека неизбежно ќе пропуштам одредени моменти во неговиот развој што ќе се случат за првпат и дека нема да бидам во можност да одговорам на секоја негова потреба.

Обидувајќи се да бидам посветена мајка која истовремено постигнува сѐ на работа, постојано чувствував грижа на совест дека недоволно одговарам на потребите на детето.

Се чувствував како да правам нешто погрешно со тоа што се враќав на работа, а тоа несомнено се одрази и врз моето ментално здравје. Беше период полн со предизвици кој подразбираше нова динамика на која сѐ уште се навикнувам.

Иако сѐ уште се учам како да ја навигирам мојата нова реалност, ова се неколку важни лекции кои ги извлеков досега:

 

Лекција #1: Имај реални очекувања. 👀

Наоѓањето баланс помеѓу работата и мајчинството е голем предизвик. Tоа значи дека нештата нема баш секогаш да се совршени – што е сосема во ред. 

Затоа, постави си остварливи цели и немој да си престрога кон себеси. Научи да си простуваш ако работите не секогаш се онакви какви што си ги испланирала.

 

Лекција #2: Фокусирај се на квалитет, а не на квантитет. 👨‍👩‍👧

Времето што го имаш со семејството, поминувај го квалитетно и значајно. Наместо да се грижиш и да се обвинуваш што не можеш постојано да си присутна, извлечи го максимумот од времето кога сте заедно. 

Најдете заеднички активности и во тој период заборави на мејлот што не си го одговорила или на повикот што не си стасала да го имаш денес.

 

Лекција #3: Не заборавај да се грижиш за себе. 🤸‍♀️

Уште 100 пати ќе го кажам ова – грижата за себе е неопходност, а не луксуз. 

Обиди се да најдеш барем малку време за себе и за своето ментално здравје во текот на денот –  направи нешто што ќе усреќи и ќе те наполни со позитивна енергија. 

 

Лекција #4: Најди соодветна поддршка. 🫴

Во вакви моменти, системот за поддршка што го имаме е исклучително важен. Разговарај со други мајки коишто се наоѓаат во слична ситуација. 

Опкружи се со драги луѓе коишто ќе ти ја дадат потребната морална поддршка и ќе ти бидат поткрепа за полесно да се навикнеш да се справуваш со новите кариерни и животни предизвици, особено во моменти кога се сомневаш во своите способности. 

 

Лекција #5: Преголемата самокритичност само ќе ти одмогне. 🙄

Прифати ги несовршеностите и одбегнувај споредби со други луѓе. Не се прекорувај секогаш кога нешто ќе тргне наопаку. Во ред е ако не можеш баш сѐ да направиш во денот. 

И на крај, препознај го и цени си го трудот што го вложуваш и во кариерата и во семејството. Некои денови ќе се подобри, некои ќе се полоши – и во обата случаи даваш сѐ од себе. 

 

Автор: Елена Чичевалиева