Поспаност. Замор.
Недостаток од мотивација да отвориш компјутер и да почнеш со работните задачи за денот.
Уф.
Имаш милион обврски, а тебе толку многу ти се спие што целосно ти е блокиран мозокот.
Обвинете го прогестеротот! Зголеменото ниво на хормонот прогестерон во раната бременост е најчестата причина за замор и поспаност. 🥱
Велат дека по завршување на првиот триместар од бременоста, овие симптоми се повлекуваат. Сè уште чекам да го посведочам тоа.
И што сега?
Еве 5 работи што ми помогнаа:
Отсекогаш ми беше “трошење време” да спијам во текот на денот. Сметав дека тие 2-3 часа може многу попродуктивно да се искористат, сè до моментот кога останав бремена.
Имав 2 избора: Да најдам начин да го игнорирам уморот, или, да си дремнам.
Со оглед на тоа дека телото одеднаш почна да не ми поднесува кафе (на мое големо изненадување), се одлучив за “непродуктивниот” избор – да си легнам.
Моето искуство низ скопските продавници покажа дека купување облека за бремени е голем предизвик. Не затоа што сум прибирлива за облека или имам некои високи стандарди, туку едноставно имаше минимален избор на облека за трудници (во главниот град на државата, каде што нели треба да има сè?).
Сепак, трчањето од една продавница во друга беше многу возбудливо, особено бидејќи демнееше опасноста да завршам со празни раце, а веќе немав фармерки што ми се точни во пределот на стомакот.
Докторите ми препорачаа да не се мешам многу со луѓе поради ризикот од заразување со Ковид, па неколкуте дружби што ги имав со роднини и пријатели во текот на првите неколку месеци од бременоста ме мотивираа да останам будна за да не ги пропуштам тие ретки моменти на социјализација.
Морков, цвекло, лимон, јаболка – ова се намирниците што колку-толку ме држеа будна барем уште некој час, два додека да завршам со работните обврски за денот.
Дури и кога не сум бремена, секогаш внимавам да внесувам повеќе зеленчук и овошје додека работам бидејќи имам низок притисок и секоја храна што потешко се вари, ме заспива (а тоа не можев да си го дозволам).
Нетфликс беше и сè уште е еден од моите најверни пријатели во текот на бременоста.
Со оглед на неопходната домашна изолација и работењето од дома, успеав да бидам во тек со сите најнови филмови и серии. Не сум многу горда на тоа, но вредеше претплатата.
Си велев – ако го сработам ова, ќе се наградам со 1 епизода од серијата што ја гледав. За среќа, оваа мотивација успеваше па ги извршував задачите со брзина на светлината.
Во “нормални услови” наместо Нетфликс избирам да читам книги, но токму книгите ме успиваа.
Во време на пишување на блогот сум во 2от триместар и ми се чини дека заморот полека почнува да исчезнува. Затоа конечно и собрав енергија да започнам со овој блог.
Можеби и не е така трагично постојано да си уморен за време на бременоста.
Можеби на овој начин телото ја чува енергијата за имаш сила кога бебето ќе се роди и да можеш да му ја пружиш сета љубов и внимание што ја заслужува тоа мало суштество.
А токму бременоста на извонреден начин умее да ти покаже зошто треба да си го слушаме (и сакаме) своето тело. ❤️
© 2023 Created with love