Како до баланс помеѓу мајчинството и кариерата: Водење важен проект по породилно отсуство

Да се стане мајка е искуство што го менува животот, го исполнува срцето со неспоредлива радост и го трансформира светот на начини на кои никогаш не сте можеле да замислите. 🤱

Но, исто така тоа е патување што доаѓа со свој сет на предизвици, особено кога сте мајка којашто се труди да ги задржи своите аспирации во кариерата, а истовремено сака максимално да се посвети на семејството кое расте. 

Frosina

Тука, сакам да ја споделам мојата приказна со вас, не како приказна за недостижните подвизи на  супер-мајка, туку како доказ за силата, издржливоста и приспособливоста што ја поседуваат мајките. 💪

Се надевам дека ќе ги инспирирам сите идни мајки кои можеби се прашуваат како да одржат рамнотежа на линијата помеѓу мајчинството и кариерата. 

Крај на породилно отсуство, враќање во реалноста? 

Среде хаосот и еуфоријата што ги носи едно бебе, уште од самиот почеток во мојата глава повремено навлегуваше чувство на сомнеж. 

Дали би можела да се вратам на мојата кариера и да продолжам да ги остварам моите професионални соништа, а во исто време да бидам најдобрата мајка што можев да бидам? 🤔

Гледав да ја тргнам таа мисла секогаш кога можев, но последниот ден од породилното отсуство пристигна и време беше за враќање во светот на мојата кариера.  

Најголема помош овој период ми беа начините на планирање и подготовка за нештата што следеа. 

Тука влегуваат низа ментални подготвувања од тоа како да се одделиш за прв пат од бебето, како да почнеш да веруваш дека некој друг може да му пружи добра нега и грижа, стравот од промените што можеби се случиле на работно место – еден куп работи и чувства што сакале или не – ги решаваме едно по едно. Не е лесно, но тоа беше најдобриот начин за мене. 

Неочекувани промени помеѓу очекуваните 

Како што навлегов во работните обврски, новата природа на работа после пандемијата на Ковид-19, запознавање со нови колеги и аспекти на работата беа промени што ги очекував, но на моето биро се најде нацрт за проект што требаше да отпочне што поскоро. 

Ова беше проект што требаше да го водам јас. Поконкретно, се работеше за Ада – првиот дигитален асистент на Владата на Република Северна Македонија. 🤖

Со доза на возбуда и најискрено кажано, паника, започнав со подготовките на проектот. Доброто нешто тука беше што со моето искуство во компанијата веќе ги знаев процесите и активностите потребни за водење на проект, бидејќи бев повеќе пати индиректно инволвирана во тоа. 

Страшното нешто беше тоа што досега проект од ваков размер никогаш не било дел од моите задачи. А и подоцна си го потврдив мислењето дека индиректното и директното учество во проект воопшто не е исто.  

Во трка со времето 

Како што работите почнаа да се отплеткуваат во самото водење на проект од таква важност, заедно со новата улога како мајка којашто сака секој момент да го помине со нејзиното бебе, сфатив дека морам да го сменам стариот начин на размислување и работа бидејќи пред мене беше еден сосема нов предизвик. 

Како мајка и професионалец сметам дека времето е најскапоцениот ресурс чиешто трошење мора внимателно да се планира. Па така научив да управувам мудро со времето преку поставување реални очекувања за себе и за тоа што го очекувам од другите. ⌛

Научив да поставам приоритет на задачите, да делегирам кога е тоа можно и да побарам поддршка. Сфатив дека управувањето со времето не е само трупање сѐ повеќе и повеќе обврски во еден ден и на крај соочување со чувство на непродуктивност и замор. 

Ми требаше време да научам да го оптимизирам моето време за да можам да го насочам фокусот на она што навистина е важно како дома така и во кариерата. 

Поддршка како клучна алатка за успех 

Некаде на средината од овој пат, сфатив дека не треба да правам сѐ сама. Ова беше едно од  потешките нешта што морав да ги сменам и научам. 👀

Како што не бев спремна обврските околу моето дете да ги предадам на градинката, така и не бев спремна моите задачи и обврски да ги пренесам на други членови од тимот. Сметав дека јас можам сѐ да завршам и дека нема да морам да оптеретувам некој дополнително. 

А и дома, се однесував себично кон делење на обврските околу бебето со сопругот бидејќи самата си правев притисок дека ако ги споделам обврските со друг, не сум доволно добра мајка. Мислев дека ако не завршам сѐ сама околу детето, никој друг нема да го направи толку добро колку мене. Тоа е голема грешка. ❌

Треба да се искористи поддршката понудена од страна на колегите и семејството секогаш кога е потребна. На тој начин, повеќе работи ќе бидат завршени навреме, а така и се градат поврзаност и доверба со луѓето околу вас коишто се спремни да ви помогнат. 

Лансирање на проектот 

По повеќе од 1 година вложен труд и време, дигиталниот асистент беше успешно лансиран и доживеа национален успех и бројни пофалби. 🙌

Токму ова беше и периодот кога научив најмногу работи за себе, стекнав многу нови способности и вештини, како и на професионален така и на приватен  план. 

Се трудев да надминам еден голем страв од непознатото – од 2 непознати работи всушност. И сметам дека на крајот од ова – трудот се исплатеше. 

Максималната посветеност, дополнителната работа и флексибилноста, придонесоа да не биде пропуштен ниту еден состанок, но исто така и ниту една насмевка на моето дете. 😊

 

Автор: Фросина Стојчевска