Вистината за балансот помеѓу работата и приватниот живот

„Да, работам во сектор Маркетинг и овој текст не е пишуван во ChatGPT или некоја друга слична алатка. Туку, баш е изворен и мој,  посветен од срце на сите жени кои се оствариле како мајки, но и како бизнис жени истовремено. Верувам дека многу од Вас ќе се идентификуваат со подолу наведеново. Па, ајде да Ве прошетам низ патувањето на мојата приказна”. 👣

Откако ќерка ми се роди, животот ми стана права “брканица”. Под притисок, размислував како буквално да го расцепкам времето за да успеам да постигнам сѐ што сум замислила. 

Најпрво, наидов на шокови додека да се адаптирам на новата ситуација и на помислата дека на одреден временски период, моите желби и амбиции за кариера ќе бидат на секундарно место. Барем додека не потпорасне. Така си велев. 🤭

Но денес, после големо самоспознавање откако ја родив, чувствувам како дополнително да созреав. Светот го гледам низ нова призма, со нови приоритети, избори што брзопотезно ги правам и не губам време. 

Се организирам на сите можни начини. И еве, тешко е, но горе-долу постигнувам. Среќна сум и исполнета заради тоа. Нели и тоа е некаков резултат? 

Дури почнав себеси да се доживувавм како ПЛАНИНА. Не случајно велам планина. Инспирирана сум од книгата  што ја прочитав и со која се идентификував – ПЛАНИНАТА СИ ТИ. Топло ја препорачувам. Еве ме, значи најдов време и да читам. 📖

Но, што беше клучно? 

После една од многуте обуки со Жарко Костиќ, па и со други бројни предавачи по семинари и конференции каде присуствувам, надвор и во склоп на дигиталната маркетинг агенција каде што работам 11 години, научив да бидам брутално искрена и да практикувам т.н “директива”. 

Тоа значи секаде да ја споделувам вистината и отсечно да го кажувам своето мислење. Особено тогаш кога треба да кажам НЕ или да го искажам своето мислење. Да кажам НЕ на одредени непотребни дружби, неважни активности и разговори. 🙌

Во наводници, научив да правам селекција на луѓе и активности. Да препознавам што е важно, а што е споредно, на кого и на што да го трошам времето и како паметно да го пренаменам. 

Баш тука лежеше одговорот на мојот баланс. Балансот го најдов во тоа кратко време што го имав за себе, помеѓу сите активности што ги правам. 

Додека го пишувам овој текст, ја користам паузата од работа за оваа активност што ме исполнува, а не за било што друго, што нема да ме усреќи, а ќе ми го потроши времето. 

Навистина ми е драго да зборувам на тема за мајчинството и балансот во семејството и работата. Сакам да рушам стереотипи и да споделам несекојдневни искуства и мои видувања. Особено за очекувањата од жената што светот ги има после нејзиното остварување како мајка. Улога и титула што не се ни малку лесни. 👑

Со низа прашања пред себе за тоа како да остварам подобри резултати на работа и да останам компетентна , да напредувам и да не заостанам, листи за набавки на домашни намирници, списоци за нешта кои не треба да ги заборавам, стикери излепени по лаптоп, потсетници во телефон, аларми итн, итн. 

Воопшто не е едноставно и лесно. Притисокот да изгледаш добро, да се однесуваш добро, да одгледаш дете добро, да се социјализираш, да најдеш време за себе и за свое хоби, да пиеш кафе со пријателка еднаш на 3 месеци, е тоа е уште по хаотично.

Да, многупати успевам да стигнам сè: Да прочитам бајки на ќерка ми, да ја заспијам, да ја изгушкам, па да читам литература за себе, да изгледам некој туторијал пред спиење, да сработам некој дополнителен проект на компјутер, да зготвам ручек за “утре”. И ете ти, дошло 12, 1, 2 часот наутро. Тоа беше формулата за да постигнам сè – го скратив сонот. 🥱

Паузите на работа ги користам за да покријам активности од секаков тип. На пример, 50 минути сум тренирала фитнес додека свекрва ми/мајка ми го чува детето, a во меѓувреме размислувам има ли начин овој обем да се намали? Да Магде, ако се клонираш… Смешно. Но тоа е реалноста. 

Брзото темпо на живот ни носи различни предизвици. Теренски патувам често, па тогаш ставам слушалки, се исклучувам и слушам музика. Се опуштам и заминувам во нова димензија. 

Се инспирирам, фаќам забелешки што следно би правела за да се подобрам, да се усовршам, да се опуштам, каде да одам со семејството, како да поминам квалитетно време со нив, итн. 

Многу пати стресот и напорот кулминираат, но среќа, се сметам себеси за позитивна личност, планина која може сè да надмине и да истрпи. 

Научив да го тренирам мозокот да мисли позитивно, да очекува добро и така нештата се случуваат и доаѓаат. Моите најблиски и сопругот ми се максимална поддршка која ме разбира и охрабрува. Го чуваат моето “јагне” додека одам по семинари со ноќевања. Бидејќи жената освен што е домаќинка, таа е и бизнис жена. 💼

Понекогаш и самата си се восхитувам на себеси како се издржувам и успевам да организирам. Го најдов одговорот зошто е така – се инспирирам од ситници како што се топло турско кафе, пријатни колеги, сакани најблиски, убава книга, добра музика, црвен кармин, убаво исчешлана коса и средени нокти.

Но, најголема мотивација од сѐ ми е мојата Мила. Поради неа животот ми се преврте. Колку и да ми стана потежок и со повеќе обврски, заради неа сè доби смисла. ❤️

 

Автор: Mагдалена Аневска