Working Mom на Неделата: Викторија Кузмановска Николовска

Use your intuition, follow your effort, be confident, yet humble!” е мотото врз кое Викторија Кузмановска Николовска го темели своето мајчинство. Таа на потешкиот начин научила дека за да бидеш најдобрата верзија од себе и пример за своето дете, немаш друг избор освен да излезеш од својата комфорна зона и максимално да се вложиш во она што го работиш. 💡

working-mom

Без разлика дали има добар или лош ден, многу или малку работа, Викторија постојано се труди да биде позитивен и инспиративен пример за својата ќерка Уна.

Многу пати сум чувствувала вина не само ако заглвам од работа, туку и ако се вратам дома нервозна и трпението ми е на нула од некоја причина. Потоа имам грижа на совест и се преиспитувам зошто така сум ѝ одговорила на ќерка ми. Сум можела подобро – јас сум возрасна личност, а таа е само дете. Во овие ситуации дишењето длабоко ми помага  да започнам од почеток и да ѝ дадам одговор на нејзините прашања. Сметам дека е важно да се разговара за секојдневните предизвици со семејството и пријателите. Супер е што можеме преку Working Mom платформата да го кажеме своето искуство. Штом споделиме ќе видиме дека не сме сами во оваа приказна. Сите поминуваме низ слични ситуации.  

Викторија го користи секое слободно време за да воспостави длабок, пријателски однос со својата ќерка и да ја научи на вистинските животни вредности.

Тактика која ја користам како родител е разговор со Уна за сè. Секогаш ја прашувам како ѝ поминал нејзниот ден во градинка, што ја прави среќна и што ја растажува. А потоа, пробуваме заеднички да најдеме решение за сè. Секое слободно време го користиме да бидеме надвор во природа, да разговараме и да си играме, затоа што имам навистина енергично дете. Секогаш кога таа ќе се налути дека имам многу работа, пробувам да ѝ објаснам дека едноставно денес имам работен проблем што морам да го решам. 

Најголемиот предизвик со кој таа се соочила како working mom е комплетна промена на професијата, искуство што ја научило дека некогаш е потребно да ги затвориш очите и да скокнеш во авантурата.

Најголемиот предизвик ми беше менувањето на кариера во сосема нова индустрија. Пред да одлучам да се пробам во ИТ индустријата работев во училиште скоро 10 години. Јас сум човек што многу чита и учи па некако спонтано после неколку години пауза од учење, решив да завршам мастер студии во областа на Човечки Ресурси. Но некако не успеав да најдам работа откако магистрирав, па така продолжив со тековната работа во училиштето. Пред пандемијата, имав неврзан разговор со брат ми каде повторно му спомнав дека сакам нешто да учам и да се испробам на ново поле или индустрија.Тој е дел од ИТ индустријата повеќе од 10 години и ми спомна дека постојат академии за програмирање и софтверско тестирање (Quality Assurance). Тој ме насочи кон софтверско тестирање, велејќи ми дека ќе ми се допадне и треба да истражам повеќе. По неколку недели размислување, одлучив да се пуштам во нова авантура на академија за софтверско тестирање што траеше 6 месеци. Најголемиот предизвик ми беше дали ќе ги разберам предавањата зошто немав никакво претходно познавање од оваа материја. Се случуваше по неколку пати го слушнам исто предавање да се осигурам дека сум го разбрала. Во тој момент веќе бев мајка на 2 годишно дете и работев во училиште. Тоа дополнително ми го отежнување процесот на учење зошто моето дете беше многу плачливо (сигурна сум дека многу мајки ќе пронајдат во оваа ситуација). Најчесто ги користев ноќите за учење додека сите спијат. Потоа и Ковид пандемијата дополнително ни го отежна секојдневното движење, комуницирање, страв за своето и здравјето на нашите најблиски. Градинките не работеаа, па моравме да научиме како да работиме сите заедно од дома со дете коешто не оди во градинка. Следен предизвик беше и барањето на работа бидејќи често не ме сфаќаа сериозно. Луѓето често ми велеа: „Па зошто менуваш работа сега? Не си веќе сама, имаш семејство! Ризик е да бараш нова работа сега! Работиш во државно училиште, имаш сигурна позиција – сепак размисли уште еднаш што правиш”. 👀 Предизвиците имаа среќен крај. Веќе 2 години работам како QA и сум задоволна од целите што ги поставив и успеав да ги остварам. Запознав многу интересни луѓе и тоа ја направи промената што навистина ми требаше.

Викторија често добива прашања од типот „Како успеваш да постигнеш сѐ со мало дете?” Многу трпение и посветеност се нејзините тајни адути, а ова се стратегиите што ги користи за менаџирање на времето:

Ранобудник сум и тоа ми дава предност да имам време за себе пред да започне денот. Најчесто моето прво кафе е испиeно пред другите да станат. Користам планер на мобилниот телефон, а имам и еден на работна маса кадешто ми се запишани сите активности што треба да ги завршам поврзани со работата, но и со активностите на својата ќерка. Многу често знаат да ме прашаат како постигнувам да сум насекаде. А јас на шала им одговарам дека не спијам многу и затоа ме има секаде.😄 Мислам дека е многу важно да сте организирани и одговорни. Секако, во овој дел ми помага и  сопругот кој паралелно ги извршува сите обврски. Голема поддршка сме си еден на друг. Посебна тајна немам совен многу трпение и посветеност иако знам дека некогаш тоа звучи како невозможна мисија. Најчесто полнам батерии кога сум излезена на прошетка низ природа или кога сум покрај езеро или море.Тогаш ги средувам моите мисли и добивам нови идеи. Некогаш тоа тешко знае да ми оди зошто премногу знам да анализрам и да влегувам во детали, но сепак ми помага во балансирање на повеќе животни области.

Таа е свесна дека мајчинството е процес во кој секогаш има нешто ново што да научиш, но овде се крие и убавината во истото. 

Мислам  дека не би променила ништо во моето досегашно искуство како working mom. Среќна сум што ја имам својата ќерка Уна и што успеав да стигнам таму каде што сум. Секако дека ме чека уште работа и учење. Секако дека не беше лесно повторно да се почне од почеток и повторно да се гради кариера од нула. Мислам дека мојата енергија и сила доаѓаат од тоа што сум мајка. Сакам да бидам пример за ќерка ми и да ѝ покажам дека можеш да постигнеш сè ако навистина сакаш. 🙌

Нејзината најголема поддршка се сопругот, семејството, другарките. ❤️ 

Тие беа со мене низ целиот процес. Мислам дека немаше да успеам без нив. Благодарна сум што веруваа во мене и во мојата амбиција. Голема поддршка добив од моите блиски пријателки, и иако дел од нив заминаа надвор од државата, поддршката продолжи преку Viber. Ги поздравувам и гушкам многу. 

📚 Книги што препорачува да ги прочитат сите working moms се следниве: 

  • „Клубот 5 наутро” од Робин Шарма
  • „Атомски навики” од Џејмс Клир
  • „Твојот втор живот започнува кога ќе сфатиш дека имаш само еден” – Рафаела Жордано
  • „Книгата што посакувате да ја прочитале вашите родители” од Филипа Пери

 

Мислам дека Working Mom како платформа ќе помогне да се покрене свеста за теми поврзани со мајчинството за коишто малку се зборува. Треба да се зборува почесто за ситуации низ коишто поминуваме за да сфатиме дека не сме сами. Кога си мајка, поддршката  од партнерот, семејство, пријателите, па и од општеството е навистина битна. Имам среќа да запознавам сè повеќе жени и мајки што се на високи раководни позиции и со одлични кариери. Среќна сум и горда што можам да бидам дел од овие промени. 

Најдобриот совет што Викторија би го дала на сите идни мајки е овој: ⬇️

working-mom