„Мајчината љубов е гориво кое му овозможува на човечкото битие да го направи она што е невозможно“. ❤️
Растев во семејство каде што родовите улоги не беа поделени на машки и женски, ниту пак моите родители беа свесни што е родова идеологија. Едноставно, нивниот брак, својата основа ја наоѓаше во љубовта, додека пак во семејството владееше блискоста на емотивните односи помеѓу брачните другари и децата. Од родителите научив дека поддршката меѓу партнерите во еднаквата распределба на семејните обврски е најбитна за градење на еден цврст и балансиран живот.
Токму на почетокот на моите 30-ти години за прв пат станав мајка. Отсекогаш сум сакала да бидам мајка и да се грижам за домот и семејството. И покрај тоа што тогаш веќе бев во работен однос како државен службеник и завршував со моите магистерски студии, обврските во домаќинството и грижата околу бебето јавија уште поголема потреба за финансиска поткрепа и зголемување на семејниот буџет.
Во тоа време работев работа која што воопшто не ме исполнуваше, туку само ми даваше чувство на сигурност дека финансиски придонесувам. Но, по раѓањето на моето дете, наеднаш личната среќа и благосостојба ми станаа приоритет и важен критериум за постигнување на исполнет живот. Тоа особено ме мотивираше да бидам храбра, истрајна и да барам начин како поефективно да ја исполнам својата функција како сопруга, мајка и успешна деловна жена. Ова роди во мене и нов извор на креативност и сила за којашто порано не бев ни свесна дека ја поседувам.
Велат дека кога имаш деца, тоа те менува. Приоритетите почнуваат да се менуваат и забележувате работи што претходно не сте ги забележале. Во мојата кариера, ова беше мошне позитивна работа и го трансформираше мојот стил на лидерство. Наеднаш почнав поинаку да ја перципирам реалноста и да поставувам повисоки цели.
Јас можам! Со години оваа толку проста, а моќна реченица ја користев како секојдневна афирмација секое утро кога се соочував со тешкотии во донесување на битни одлуки, стресни ситуации или во моменти на слабост, фрустрација и недоверба во сопствените капацитети. 💪
Милите очиња на моето дете што секојдневно ги гледав и нејзините мали рачиња секојдневно обвиткани околу мојот врат, ми дадоа сила и полет да верувам дека е можно да најдете начин подобро да управувате со својот живот.
Мајчинството поттикна желба да размислувам што е следно за мојата кариера, каков пример ќе му бидам на моето дете, кои позитивни особини и вредности сакам моето дете да ги наследи – како морал, праведност, трудољубивост, љубов кон фамилијата, вербата во образованието.
Тоа што станав мајка ми помогна да реализирам голем дел од својот потенцијал. Тоа ми даде и мотивација за сопствената големина и зрелост. Станав подобра верзија од себеси благодарение на искуството да се биде родител и токму преку тоа искуство стекнав длабоки и значајни интеракции.
Да, грижата за дете може да биде исцрпувачка, болна и досадна. Но, таа може да биде и едно од најубавите жртвени искуства во животот. Грижата за едно мало и кревко човече може да помести планина во нас, да нè научи на поголемо трпение, да ни понуди подобри вештини во планирање и менаџирање, повеќе внимателност и набљудување, да поттикне безусловна љубов, благодарност и свесност за низа дарови и способности, но и освестување дека финансиите не се единствениот индикатор за успех. 🎯
Чувството кога ми беше врачена дипломата од вторите магистерски студии додека ќерка ми седеше во амфитеатарот и гледаше колку нејзината мајка е горда и среќна е неописливо. „Ова е само почеток на едно прекрасно патување’’ – ѝ шепнав тогаш, пресреќна што мојата ќерка сведочи на тоа колку е потребно во животот да учиме и да се надоградуваме, независно од возраста. 🙌
Ми требаа неколку години да соберам храброст да заминам од државна позиција што ми претставуваше комфор зона, но и токсично работно место што со години ми носеше незадоволство и застој. Само неколку месеци по напуштањето на таа работа, собрав храброст и започнав нова кариера во странска компанија што ми носеше прогрес и задоволство, а во исто време добив и понуда за докторски студии во Нов Зеланд.
И повторно се соочив со внатрешна борба и недоумица дали гигантските чекори што почнав да ги правам се вистинското нешто, не само за себеси туку и за целото мое семејство коешто требаше да ме следи во мојата цел и затоа одлуката беше тешка. Но сепак, кога ќе поминете долго време во реализирање на своите желби, способности и афинитети и кога точно знаете која е вашата цел и се стремите кон тоа, чуда почнуваат да се случуваат.
Кон крајот на јануари 2023 година пристигнавме во Нов Зеланд. Почетокот беше макотрпен, но со храброст и позитивна волја нема ништо невозможно. Како PhD студент, првите неколку месеци се посветив на студиите, но набрзо добив и понуда да работам во подрачно одделение на Министерството за 3дравство во Нов Зеланд. Оваа прилика верувам дека е отскочна даска за уште поголеми достигнувања во иднина. 🚀
Истовремено работам и на мојот докторски труд со особена инспирација и волја зашто верувам дека нема да биде само академско достигнување, туку ќе понуди и законски решенија за подобрување на состојбата на бремените жени и мајки во македонското општество по примерот на европските развиени земји.
Тоа е она за што живеам и сакам да го видам кај сите жени и мајки – взаемна поддршка и несопирлива борба да го направиме светот подобро место за живеење.
Како може да го постигнеме тоа? ⬇️
Избегнувајте да осудувате, слушајте внимателно, давајте позитивни зборови на поддршка, разбирање, наклонетост и охрабрување. Ако по породувањето, согледаш дека некоја мајка страда, а нема подобрување на состојбата, помогни ѝ да добие стручна помош. Многу е важно ние жените меѓусебно да се поддржуваме. Кога се афирмираме една со друга, тоа ги отклучува нашите моќи, ни дава дозвола да блеснеме посилно.
Балансот не е нешто што може да се најде или купи. Тоа е нешто што се креира.
Еве само неколку мои совети кои мене лично ми помогнаа:
✅ Бидете оптимистични. Оптимизмот е верба што нé води до достигнување. Ништо не може да се постигне без надеж и доверба.
✅ Побарајте помош од најблиските, не практикувајте ‘’можам јас сé сама’’. Бидете отворени за соработка, но и искрени да им укажете доколку претеруваат со нудењето помош и со советите.
✅ Не наоѓајте изговори, туку решенија. Вложувајте во себе, не престанувајте да учите и да се развивате, со тоа градите и подобра иднина за своите деца.
✅ Изразување на благодарност е мошне вешта алатка за да ви се случуваат убави работи. Кога се чувствувате благодарни за сите неверојатни работи што ви ги дал животот, неверојатни работи навистина и се случуваат во вашиот живот.
✅ Грижата за другите не може да даде добар резултат ако заборавате да се грижите и за себеси. Одвојувајте време за одмор, за добра храна, за прошетки во природа, за читање на книги коишто ќе ви помогнат да откривате нови и нови начини да растете. Инспирирајте се од славни и успешни луѓе и применувајте ги нивните совети. Кога го практикуваме ова закрепнуваме, креативноста се зголемува, а продуктивноста и резултатите значајно растат.
На мајчинството гледам како на благослов и дар што нé прави повеќе видливи, похрабри да се појавуваме и да го соголиме нашето битие. Мајчинството ни помага да се соочиме со нашите стравови, да им се вратиме на нашите вистински страсти и да развиваме храброст да ја живееме сопствената вистина.
Да пружиме рака на секој што се обидува да постигне нешто уште поголемо во својот живот. Успехот на секоја жена треба да биде инспирација за друга. 🙌
© 2023 Created with love