Промените што ни се случуваат во животот нè носат на одредени патишта. Тие пред нас фрлаат предизвици што знаат да нè извадат од нашата комфор зона.
Но, најчесто овие предизвици се случуваат за наше многу поголемо добро. 👀
Како креативна и уметничка душа, кариерниот пат го започнав студирајќи на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер во Скопје. Јасно ми беше дека тоа е она што ја поттикнува мојата имагинација да исплива и да ја имплементирам во нешто што и ден денес ми е предизвик.
Уште поголем предизвик пред мене беше и формирањето на семејство, како и запливување во водите на мајчинствто. Приоритет ми станаа очињата што ми ја греат душата. 🤱
По завршувањето на породилното отсуство, се вработив и продолжив да работам во истата индустија, но не за долго. Незадоволството од претходните, но и од моменталните работни искуства како дизајнер за ентериери, ме натераа да свртам нова страница и да пробам нешто сосема ново.
За да промениш кариера, многу е важно да веруваш во своите способности. Да имаш јасна слика за себеси. Да знаеш што сè можеш и на што сè си спремен/а.
Смелоста доаѓа и од поддршката што неминовно ја имав од мојот сопруг, а најмногу од желбата да можам да му овозможам многу повеќе на тогаш малиот toddler. И со тоа еден ден да му бидам пример. ✨
Аплицирав за работни позиции за кои што немав претходно работно искуство во таа индустрија. Тие беа поврзани со моето средно образование – економско. Секогаш сум имала афинитети и кон таа индустрија како и секоја тематика што опфаќа бројки.
Секако, се случи. Како човек кој што ја прифаќа секоја дадена шанса, се вработив како сметководител во странска USA-based компанија, што ми помогна да запливам во тие води. Се обучував и учев паралелно со тековната работа, истражував и постојано се надоградував.
Најголемата пречка ми беше работното време – втората смена. На почетокот, решив да го прифатам тоа работно време и да пробам некако да се организирам со сите обврски.
Така и беше. А грижата околу детенцето со мене еднакво ја делеше и сопругот. Тој ми беше поддршка за сè. ❤️
По околу 2 години, по многу пресметки и многу грижи околу организацијата, сепак на вагата повеќе тежеше времето што не го поминувам со моето дете. Ова пропуштено време не се заменува и е клучно во растот и развојот, како на детето, така и на нас како родители.
Работното место го заменив во друга компанија каде што добив поголема функција и одговорност. Од Accounting Specialist станав Financial Controller. Овде сè уште се надоградувам и напредувам и верувам тоа ќе продолжи во секој сегмент од работењето.
Надоградувањето ќе продолжи и во мајчинството. Промената ми донесе и соодветно флексибилно работно време, што значеше и многу, многу слободно време за да бидам со најмилото. 👶
Секако, асот во ракавот за плус заработка е сè уште тука. Сè уште го користам моето знаење и искуство за повремено да работам freelance проекти за ентериер, доколку ми дозволува времето и доколку сметам дека е потребно. Уметничките особини секогаш се негуваат.
Во одредени сегменти во животот, неминовно е да се направат некои исклучоци. Од нас како жени се очекува, но и самите од себе очекуваме, да бидеме подеднакво посветени мајки, да имаме успешна кариера и да изгледаме добро.
Кога се прават некои поголеми чекори, како промена на кариера во мојов случај, во ред е нешто да трпи, бидејќи се работи за постигнување на една поголема цел. Зацртаната цел ќе ги подреди нашите приоритети. 🎯
На крајот од денот, искрената насмевка и радосната прегратка што ја добивам од моето дете се ветерот во грбот што ме турка да продолжам да напредувам и да бидам исполнета и среќна мајка за него. И да, вистина е, кога сакаш – можеш сè!
Автор: Мери Тасевски
© 2023 Created with love