Успехот на професионален и приватен план е личен избор

Да се има амбиции за професионален развој и кариера, не значи дека треба да се запостави личниот живот. Сите ние имаме избор, а изборот кој го правиме го дефинира нашиот живот. 💡

Мојата професионална кариера е тесно поврзана со периодот кога станав мајка. Или поточно – кога за прв пат станав мајка, започна посериозно да се развива мојата кариера.

Претходно, моите професионални ангажмани беа хонорарни. Во тој период работев динамична работа, која немаше работно време, бев новинар. И тоа новинар во млада редакција. 

Што значи тоа? Моите тогашни колеги беа млади и повеќето од нив сѐ уште не беа родители. Таквата атмосфера значеше дека морам да работам напорно, да не отсуствувам од работа и да ги балансирам сите приватни и мајчински обврски, без тоа да се рефлектира на мојата работа.

Во тој период, мојот постар син сѐ уште беше многу мал, немаше ни 2 години, па поддршката од семејството и градинката беа навистина драгоцена помош. Лично сметам дека градинката со сите мани и доблести е одлична институција и навистина корисна за развојот на детето. 🪁

Иако не беше едноставно, никогаш не се доживував себеси како некој во подредена ситуација, затоа што сум на почеток на кариерата, а истовремено бев и на почеток на моето мајчинство.

Секоја жена и секој човек независно од полот, има замисла што сака од својот живот. За оваа замисла да стане реалност, потребна е силна волја, но и многу труд и жртви. 

Животот е дар и полн со предизвици, но исто така полн со убави моменти кој во најголемиот број случаеви сами ги креираме. Оттука развојот и напредокот на сите животни улоги и на професионален план значат посветеност на својот сон.

Но, да бидеме искрени – не се едноставни службените патувања, долгите состаноци и останувањето на работа подолго од вообичаеното, кога вашето дете ве чека, а времето што го имате заедно во работните денови се намалува.

Поддршката од партнерот и од семејството е клучна во овие моменти за да може да се направи соодветен баланс. 🫴

Современата технологија дополнително создаде нови предизвици во секојдневниот живот на луѓето, правејќи го работниот ден без крај. Ние мора да сме секогаш достапни, да одговориме во реално време…. 

Посветениот однос кон работата наметнува брза реакција бидејќи работите мора да се завршат во реално време за да се постигне ефектот. Така е барем во полето на работа во коешто јас делувам – односите со јавност и комуникациите.

Раѓањето на мојот 2 син, даде нова убавина во мојот живот, а како растеа децата, се развиваше и мојата кариера. Мислам дека жените имаат природна дарба да работат повеќе работи истовремено. 🦸‍♀️

Секоја мајка која е и деловно активна, сигурно ќе се препознае во ситуации во кои таа го успива детето, додека истовремено работи пред компјутер. Жените го можат тоа и може да се каже дека им е природна состојба да работат 2 работи истовремено.

Иако сум професионално активна веќе 20 години, не престанав да трагам кон нови знаења и да стекнувам нови вештини. Постојано сакам да учам, да се подобрувам и да се менувам. 

Токму тоа сакам да им го пренесам и на моите деца и искрено се надевам дека сум успеала да го направам тоа, иако длабоко го почитувам нивниот личен избор.

А на жените кои сега стануваат мајки или се на почетокот на својата кариера, сакам да им го порачам само следново: Следете го својот сон и верувајте во себе! 💪

 

Автор: Магдалена Михајлоска