Унапредување или дете? - А зошто не и двете?

Имам многу што да кажам на темата, но со денови се обидувам да ги пронајдам вистинските мудри зборови за старт. И никако не ми успева. Затоа ќе импровизирам. 

Јас немам многу искуство како Working Mom, повеќе сум Working Mom-To-Be. 🤱

Но мајчинството веќе се одразува врз мојата кариера. Темата на која пишувам е доста комплексна, па ќе опфатам само мал дел отсликан преку моето лично искуство. 

Со мојот сопруг веќе 4.5 години живееме во Германија, каде пред 5 месеци се роди нашиот син. Овде постои можност породилното отсуство да се подели помеѓу двајцата родители. Ќе ве поштедам од деталите. 

Јас и мојот сопруг, без многу размислување, решивме дека јас ќе отсуствувам од работа 1 година, а тој 2 месеци (тоа е наједноставната поделба овозможена од државата). 

Факт е дека и во држави во кои овој избор постои, токму жените најчесто се оние што подолго остануваат дома. Нормално, овде постои и биолошкиот фактор, но и некоја примеса на традиционалност, што колку и да глумиме дека сме современи, потсвесно продолжува да постои. 👀

Сепак, како мајчинството ќе се одрази врз кариерата на жената е одлука што треба да ја донесе само таа. И никој друг. Ја почитувам одлуката на многу жени со доаѓањето на мајчинството кариерата да ја стават на второ место или сосема да ја паузираат, но тоа не е нешто што јас го сметам како опција за себе. 

Баба ми има завршено виша учителска школа со 3 деца. Мајка ми специјализираше со 2 мали деца. Верувам дека јас можам да излезам на крај со 1 дете и со работа која можам да ја вршам и од дома. 

Од моја гледна точка, мајчинството нѐ гради како личности и нѐ збогатува со незаменливи вештини што имаат примена и во професионалниот свет. 

Можам да направам паралела како одгледувањето на дете е слично со правењето на продукт со користење на агилни методологии. На пример, секоја итерација трае 24 часа, клиентот најчесто не знае да искомуницира што сака, па често пати, што и да правиш – на крај ќе биде незадоволен. 😳

Негде онлајн наидов на примерот во кој станувањето мајка се споредува со тоа да те назначат за извршен директор на компанија без никакво работно искуство, во индустрија која ти е сосема непозната. 

Уште пред да ја соопштам веста во компанијата во која работам, низ глава ми се вртеа мисли околу влијанието на мајчинството и отсуството од работа врз мојата кариера. 

Имено, работам на менаџерска позиција во ИТ секторот на голема телевизиска компанија, и во периодот кога останав бремена беа во најава големи реструктурирања во мојот домен. 

Но на крајот на денот, работа ќе има секогаш, но мојот син никогаш повеќе нема да биде новороденче. Впрочем, живееме во модерно општество во кое жената и легално е заштитена во вакви ситуации. Импактот не би требало да биде голем, нели? 🤔

Промените и реструктурирањата беа реализирани неполна недела откако престанав да работам. Јас бев преместена организациски во сосема друг оддел на компанијата. На LinkedIn ми излегуваа постови за унапредувања на некои од моите колеги и колешки како резултат на промените. 

Понекогаш неминовно беше да ми се појави чувство на завист и да ми дојдат мисли од типот на „а што ако?“ Повеќе од 3 години бев максимално фокусирана на работата и давав сѐ од себе, а сега бев изоставена од можност за унапредување само затоа што се поклопија тајминзите со раѓањето на моето дете? 🙄

И тогаш, сосема случајно дознав дека е отворена нова интерна позиција, што мене би ми го донела тоа долгоочекувано унапредување. Не бев лично известена за отварањето на позицијата со образложение дека од човечки ресурси не ги информирале оние кои во моментот подолго отсуствуваат од работа. 

Без лажна скромност, знаејќи дека не постои подобар кандидат од мене, аплицирав и имав интервју со моите нови претпоставени. Едно од прашањата кои ги добив беше дали планирам да се вратам на работа со полно работно време. На мојот одговор дека – “Да, планирам”, добив коментар „Хмм… Интересно…“. 

Свесна бев дека кога ќе станам родител ќе мора да направам одредени жртви и да се откажам од некои нешта кои ги сакам (за некои нешта и не се откажав, на пример кашкавал). 😅

Но, амбициозноста и напредокот во работата никогаш не биле на листата. 

Зошто и ден денес постојат оние предрасуди дека жената, ако е мајка, нејзин примарен фокус треба да биде семејството? Зарем не постојат доволно жени кои ги рушат стереотипите и докажаа дека можеме да бидеме добри мајки и да продолжиме да се остваруваме и професионално? 

Дали ако работам цело работно време и продолжам да се стремам кон поголеми професионални предизвици, во нечии очи би била лоша мајка? Дали се тоа и очите на мојот син? 

Дали можам да бидам добра и среќна мајка ако притоа имам фрустрации дека се откажав од амбициите за да бидам тоа – мајка? И зошто има потреба да бирам – унапредување или дете? ⚡

Да се биде Working Mom не значи дека треба да бидеме повеќе од едното, помалку од другото. Да се биде Working Mom значи дека имаме храброст и сила да имаме сѐ! 

Без разлика дали ќе одлучиме да пловиме по мирно море и да се закотвиме во познати води, или ќе продолжиме да освојуваме нови територии – тоа треба да биде само наша одлука. Не треба да ни биде наметната од општеството и туѓите предрасуди и очекувања. 

Сѐ уште не знам дали го добив унапредувањето или не. Единствено знам дека тоа што сега сум мајка, нема да ме спречи да продолжам да се надоградувам професионално и да се стремам кон нови професионални успеси. 

Тоа е така бидејќи мајчинството не ме дефинира која сум, туку само додава комплексност на мојата личност. И доколку јас се чувствувам способна да имам две улоги – мајка и менаџер, не постои личност која може да ме убеди во спротивното. 💪

 

Автор: Даница Трајковски