Moeто лично искуство: Што значи да бидеш Working Mom во странство?

Додека го пишувам овој текст, актуелна e веста дека мајчинството во Русија можеби ќе биде признаено како професија во блиска иднина. Силно ја поддржувам оваа иницијатива и се радувам на нејзиното можно остварување. 🤞

Како и повеќето, и јас сум мајка со уште една професија освен мајчинството. Мојата улога како менаџер на ЕУ проекти вклучува доста патувања, покрај редовните канцелариски обврски и домашни настани (оние кои ги организираме овде во Словенија). Со маж ми сме единствените кои го чуваме и одгледуваме детето, кое е веќе во градинка. 

 

Како постигнувам да имам истовремено една успешна и одговорна работа и добар семеен живот? 

Зависи кој ден ќе ме прашате. 😊 

Еден ден сум Supergirl, следниот трпат и двата сегменти. Олеснителните околности за мене се: можноста да го поделиме породилното од 1 година со маж ми на каков начин и да сакаме (јас бев дома првите 7ипол месеци, потоа тој), работа од дома, кога доев ми ја носеа ќерка ми на пауза да цица или имав услови да се измолзам во салата за состаноци.

Инфраструктурата е одлична и можам да го земам детето со мене насекаде затоа што е чисто, пристапно, и архитектонски подобно за сите жители на градот во кој живеам – вклучувајќи ги овде и неговите најмали жители. 

 

Што точно ѝ е потребно на мајката која работи?

Моето искуство ме научи дека (нај)важните предуслови за мојата успешна кариера во првите години мајчинство се/беа: 

✅ Партнер кој е подеднакво (и понекогаш повеќе) вклучен целосно во одгледувањето на детето, во сите сегменти;

✅ Добра организација и способност за брзо прилагодување на новонастанати околности;

✅ Деловно окружување кое е разбирливо, поддржувачко, мотивирачко. Не само на хартија или за некоја објава на социјални медиуми – туку во суштина се грижи за своите вработени и нивната благосостојба; 

✅ Хибриден начин на работа;

✅ Законска регулатива и државен систем што ја промовира и заштитува мајката која работи – преку пауза за доење, можност за скратено работно време во првите 3 години по раѓање на детето во сите сектори (јас не го користам, ама убаво е да знам дека можам било кога), градинки со различно работно време (од 5:45ч најрано). 

✅ Локална заедница која нуди поддршка: работилници за мајки и бебиња, продавници каде има чист и уреден простор за пресоблекување, болници каде можеш да одиш на преглед заедно детето доколку немаш на кој да го оставиш, соседи кои не ги паркираат своите возила на патеката за колички, општина која организира разни настани за деца од сите возрасти, возачи на автомобили кои стрпливо чекаат на пешачки премин додека свежо прооденото бебе поминува на пешачкиот премин споро и несмасно и 

✅Дружење со родители кои поминуваат низ истото или слично – затоа што понекогаш се чувствуваме изолирано, неразбрано, или како на нас да ни се случува да деновите ни се толку долги и хаотични.

Предизвици постојат – на пример, понекогаш е логистички кошмар да се ускладат деловните распореди со семејните обврски, но горенаведените услови кои ги имам во непосредната околина секојдневно помагаат да бидам успешна Working Mom. 🚀

 

Автор: Катерина Ивановска