Стартување бизнис со мало дете: Да или не?

Мојата приказна со стартување бизнис започна во 2021 кога ја основавме компанијата ReThing, а подоцна и Boksy

Мојата ќерка се роди следната година, во мај 2022та година, станувајќи мојата најголема мотивација секој ден да постигнувам уште повеќе успеси. 🤱

Беше огромен предизвик да се развива бизнис со мало дете покрај себе, но пасијата и желбата ме водеа низ целото тоа патешествие. Се трудев времето максимално да го посветам на организација и планирање на обврските за да се постигнат сите барања на клиентите, а потоа да можам да се посветам на семејството. 

На почетокот, голем дел од времето го користев за да пренесам знаење и одговорност на тимот што требаше да ги преземе обврските додека јас бев на породилно отсуство. 

Две години подоцна, од денешна гледна точка, сметам дека тоа го направивме одлично, а тимот беше зрел за преземање на тој предизвик. 💪

 

Чувството на вина како најголем предизвик за една бизнис жена

Најголемиот предизвик што го надминав и сѐ уште во одредени моменти го надминувам е чувството на вина што не секогаш успевам да поминам квалитетно време со семејството. 

Ова се случува одвреме-навреме кога ќе надојдат повеќе обврски со краток рок што не може да се одложат. Во тој период, поминувам повеќе од 12 часови дневно на работа и тоа знае да потрае дури и неколку денови. Во тие моменти ми станува потешко, бидејќи чувствувам потреба да посветам повеќе време со фамилијата. 

Како се справувам со тоа? Почнувам да предвидувам во кои периоди ќе се случат таков збир на неодложни обврски, па така можам да си го организирам времето поефикасно. Ги завршувам обврските, а потоа се трудам максимално да се посветам дома. 

Сметам дека квалитетно поминато време со целосно присуство (тело и ум) вреди многу повеќе отколку само да си присутен некаде. Ова за мене значи дека сето време со мојата ќерка Сара е посветено на игра, забава, прошетки, дружење, учење, читање и сѐ што придонесува во добар и здрав развој во овој период од нејзиниот живот. 🪁

Откако научив така да го распределувам времето, имам многу подобра посветеност и мир во завршување на обврските.  


Како изгледа еден мој ден како жена-претприемач

Наутро се будам прва, некаде околу 6:30 часот кога имам време за домашни обврски, спремање на Сара за во градинка и преглед на работни активности што ги имам за денот. 

Откако ќе ја испратам Сара во градинка, во 8:30 веќе сум во канцеларија и ми започнува работниот ден. Некаде до 16 часот попладне гледам да ги завршам сите приоритетни обврски. 

Потоа, одам да ја земам Сара од градинка, најчесто со велосипед. Кога ни го дозволува тоа времето, се возиме во блиските паркчиња и одиме да се луламе на лулашки. 

Го чекаме Борјан (мојот сопруг) да дојде од работа и потоа заедно продолжуваме со игра или дружба со пријатели, најчесто по дома. 

Откако ќе заспие Сара, користам 1 до 2 часа да сработам нешто плус или да ја организирам наредната недела следствено од она што се случува во тековната. 

Секако, не секоја вечер имам енергија за тоа. Понекогаш го користам тоа слободно време за релаксација со добар филм или книга. 

Барем 2 до 3 пати во неделата имам по 1 час физичка активност и тој час не би го заменила за ништо на светот. 🏋️

 

Без поддршка околу детето е речиси невозможно да водиш бизнис

Поддршката кај мене беше клучна за да постигнам сѐ што се случи во изминативе 2 години. 

Најпрво, поддршката од сопругот што ја имам во секое време и секогаш. Понатаму, поддршката од сестра ми беше клучна во моменти кога Сара беше настината и не можеше да оди во градинка, а ние двајца имавме неодложни работни обврски. 

Поддршката од колегите и тимот беше исто така важна, особено во моменти кога одложуваме состаноци и се организиравме според времето што го имав на располагање во тој момент. 

Помошта и советите од други мајки особено кога прв пат добиваш дете и сѐ ти е непознато ми беа навистина значајни. Едноставно некој тоа веќе го поминал и ги има вистинските совети за полесно и побрзо да ги пребродиш ситуациите што се случуваат со растењето на едно бебенце. 

 

Ресурси што ми помагаат да бидам најдобриот родител за своето дете

✅Guide to a Healthy Pregnancy – Mayo Clinic

✅The Conscious Parent – Shefali Tsabary

✅Hold on to Your Kids – Gabor Mate & Gordon Neufeld

✅Разбуди го родителот во себе – Соња Китановска-Кимовска

✅Дански начин за воспитување деца – Џесика Џоел Александер и Ибен Дисинг Сандал

✅ Active Parenting – Ramg Vallath

✅ A+ parenting – Eva Moskowitz


Поставување приоритети и детален план за акција како начин за паметно организирање на обврските

Секогаш имам неделен и месечен план на работи што ми се приоритетни. Тие се дел од подолгорочна стратегија и тоа ми помага во добра организација на сите обврски. Секако дека има и ад-хок активности што се вклопуваат во тој план, но и тоа се стигнува ако приоретизацијата е добро поставена. 

Многу ретко ми се случува да не ги комплетирам поставените приоритети на неделно ниво. Речиси никогаш не ми се случило да не ги стигнам месечните приоритети. Кога нема да стигнам нешто да завршам во текот на денот, тоа обично го доработувам навечер кога Сара спие. 

Попладнето и викендот ми е целосно посветено на фамилијарни активности и обожавам кога заедно го поминуваме времето ние тројца или во друштво со блиски пријатели. 👨‍👩‍👧


Порака до жените што размислуваат да започнат свој бизнис додека имаат мало бебе

Секогаш верувај во себе дека можеш да постигнеш сѐ! Прифати ја поддршката од околината и потруди се колку што можеш повеќе да дадеш назад кон општеството од она што си го постигнала. 

Во водење и градење на еден бизнис, клучно е да знаеш дека сакаш тоа да го работиш. Само така, секогаш ќе имаш енергија за да успееш во невозможни мисии! 🚀 

 

Автор: Ивана Каралиева Петреска