Како станувањето татко од корен ти го менува бракот и односот со партнерот?

Станувањето на татко дефинитивно ми го промени односот со партнерката – се разбира на подобро. Се зацврстија нашите меѓусебни односи и доверба. Се трудевме што повеќе да сме во контакт (најчесто телефонски поради работата). 

Но, станувањето татко знаеше и да влијае негативно поради постојаните очекувања во однос на обврските во домот, многу чести мали кавги заради намалена можност за дарување на внимание, љубов, време за нас… ⌛

Позитивни страни и предизвици што се одразија на партнерскиот однос

Позитивните страни беа тоа што кон сите предизвици размислувавме како самите да ги решиме/надминеме и покрај влијанието што го имавме надвор од домот. 

Знаевме дека помошта од надвор е добродојдена во одредени моменти, но сепак таа помош имаше и одредени негативни ефекти. 

Често се чувствувавме како и да сме заглавени буквално помеѓу 4 ѕида без врата. Тоа се рефлектираше со многу непроспиени ноќи, нервози, неразрешени партнерски комуникациски проблеми. Излегуваа на мегдан како балони полни со бес, гнев, насочен еден кон друг. 😞

Кавгите гледавме веднаш да ги разјасниме (*немаше трупање под теписон) преку прашањата:

„Што и како се случува помеѓу нас?” 

„Од каде потекнува главно изворот на негативна емоција?”

Размислувавме што може да се направи за да се подобри целокупната состојба и како да ја подобриме и заштитиме нашата љубов и однос. 

Нашиот рецепт беше: Искрен, отворен и директен разговор, решавање на проблемите сега и овде, чистење на скриените проблематични предизвици скриени под теписонот.

Сметам дека тоа беше и главниот начин за да одржиме континуитет во партнерските меѓусебни односи и да си покажеме меѓусебен почит, разбирање и љубов доволна за да се изнајде начин и решение за секој нов предизвик.

Како отсутноста на таткото се одразува врз домот и бракот

За жал морам да кажам дека мојата отсутност од дома многу повеќе влијаеше на мојот брак, одколку на детето. Главната потреба на бебето во првите месеци се знае дека е мајката и тоа не може да се промени. 

Мајка е мајка – знам и денес да ѝ кажам на жена ми. Сѐ уште прво прашање на детето кога ќе стане од спиење му е: Каде е мама? А Kаде е тато? Не за џабе кажале – една е мајка! 😀

Во однос на бракот, мојата отсутност ја зголемуваше дистанцата и дикомуникацијата со жена ми. Кога човек ќе влезе во еден затворен круг, полека се губи себеси и сѐ она за кое што се бори. 

Проблемите се зголемуваа, бракот висеше. Временските шамари што пристигаа знаеја да ме освестат. Да се запрашам: Каде сум? Што сум? Што правам?

Низ истото поминуваше и жена ми. Двајцата знаевме низ што минувавме, па затоа почнавме да бараме решенија како и кога да поминуваме повеќе време заедно. 

Тоа време беше доцна во ноќта кога бебето ќе заспие, а ти со полузатворени очи ќе се сместиш во некој ќош, за да бидеш потивок и да добиеш прегратка која долго ни недостигаше на двајцата. 

Свесноста дека нешто се случува, нѐ враќаше на патеката, ни даваше сила, разбирање и љубов за да се избориме со празнината. ❤️

Справување со грижата на совест

Грижата на совест што сум отсутен од дома се обидував да ја намалам преку мојот главен мотиватор во тој период – дека сѐ тоа што го правам е за дома, за да има повеќе за “не дај боже” и за нашата подобра иднина. 

Знаев дека времето не се враќа, ама и сметките не се плаќаа сами. Како маж и родител и покрај борбата со себеси, морав да се справувам со тој терет што многу често и не беше разбран од партнерката. 

„Ти ќе си излезеш од дома уште во 6 часот наутро, ќе се прибереш вечер во 20 часот. Кај те нема цел ден и уште мрчиш дека си бил скапан? Цел ден дремеш на работа, а јас што да кажам? Цел ден се справувам со каки, лигушки, не сум спиена ниту 1 час. Вришти на секој саат дека е гладен, а нејќе ни да цица…”

 

Адаптација на новите животни улоги и влијание врз бракот

Подготовките за новите улоги ги започнавме уште кога дознавме дека ќе станеме родители. Искрено, и кога дојде бебето, мислам дека не бевме свесни дека тоа се случува. 

Мислам дека сѐ уште секој ден се соочуваме со адаптација на секоја нова развојна фаза низ која минува детето. Како секој ден да размислуваш како и на кој начин е најсоодветно да постапиш во секое ново негово барање и однесување на детето (убаво или неубаво), консултации со други особи, барање совети за полесно справување со тантруми, изливи на бес … како ова да нема крај! 😅

Во однос на бракот, полека животните улоги се изкристализираа. На почетокот бевме како “муви без глава.” Се соочивме со фактот дека колку и да се подготвуваш за доаѓање на дете и преземање на нови улоги, секогаш е поразлично од очекувањата – најчесто е многу потешко. 

Денес и двајцата партнери знаеме која улога ја играме во денот, иако некогаш тие знаат и да се измешаат. Сметам дека јасните улоги само ги разјаснуваат нештата и го подобруваат бракот.

Поддршка за справување со предизвиците

Најчесто поддршката и советувањата беа барани во однос на детето околу исхраната, доењето, вакцините, начините на справување со развојните периоди на детето, итн.

Во однос на бракот, не побаравме брачно советување затоа што и двајцата бевме доволно свесни, самокритични и спремни за промени. Знаеме и двајцата дека секој брак се темели на искреност, почит, отворена и дирекна комуникација, поддршка, разбирање…. Љубов.

Во моментите кога размислуваш: 🤷

„Дали го направив вистинскиот избор?” 

„Дали сакам да сум во брак?” 

„Дали го избрав вистинскиот партнер?” 

Секогаш се навраќаш на позитивната страна и самиот си го даваш одговорите на прашањата:

„Зошто го избрав тој партнер?”

„Дали е тој за мене?”

„Kои се моите вредности?”

Сето тоа ве држи заедно, го гради бракот и ве враќа на патеката наречена семејство.

Најважните поуки за одржување на здрав и среќен брак 

✅ Искрена и отворена комуникација.

✅ Решавање и соочување на меѓусебните проблеми/предизвици веднаш.

✅ Градење на заеднички планови за иднина, носење на заеднички решенија и одлуки, постојана вклученост на партнерите во сите сегменти од животот.

✅ Блокирање на надворешните влијанија во градење на сликата за партнерите во бракот.

✅ Недозволување на туѓите проблеми и очекувања да ти влезат дома и кој што ќе рече (да се задржи свртеност кон себеси и својот брак, а не кон другите).

✅ Постојана меѓусебна поддршка, разбирање, почитување.

✅ Изнаоѓање време на секој од партнерите одделно барем 1 час во текот на денот да помине сам со себеси, но и време за двајцата за одржување и освежување на љубовта.

✅ Изразување или филтрирање на емоции и чувствата (позитивни или негативни).

Совети до другите татковци што минуваат низ слична ситуација

💡 Храбро чекорете, задржете ја искрената љубов кон себеси и партнерката, потсетете се на моменти: Кој сте? Што сте?

💡 Oддржувајте отворена комуникација и решавајте ги проблемите веднаш.

💡 Знајте дека сѐ ќе биде во ред! 

💡 Верувам дека можете/можеме да се справите со сѐ што следува – затоа сме мажи!

Автор: Ивица Павлов