Среќна мајка = среќно бебе

Станувањето родител е важен настан што е поврзан со промена на животните навики кај родителите. Но, особено е изразен кај нас мајките бидејќи предизвикува значителни физички и психолошки промени во текот на бременоста, раѓањето и во постпородилниот период.🤱

Здравјето на мајката е од особена важност бидејќи е поврзано со здравјето на бебето.

За мене, постпородилна депресија беше тема на која не придавав посебно значење, се додека не ја почувствував на своја кожа. 

Неконтролирано плачење без причина, постојана лутина, осаменост, беа само дел од симптомите што ги почувствував една недела после породувањето. 😞

Сите овие симптоми на почетокот ги препишував на тешкото природно породување, на недоволниот сон, на тоа што Андреј се будеше постојано во текот на ноќта, итн. Се чувствував несфатено од страна на блиските, осамено, депресивно, иако сите беа покрај мене, особено сопругот. 

Како што поминуваа неделите, симптомите се зголемуваа, а најблиските сѐ повеќе се трудеа да ми укажат на тоа дека ова е само период и дека сѐ ќе помине. 

Но, после третиот месец од породувањето, конечно сфатив дека треба да ја прифатам помошта од најблиските, бидејќи општата состојба ми беше нарушена, немав енергија, не се хранев соодветно, негативната енергија ја пренесував на бебето и конечно решив да ставам крај на тоа однесување. 👀

Започнав да излегувам и да се дружам со блиските, да пешачам со сопругот и бебето, да читам статии за постпородилна депресија и да разменувам мислења со други мајки, да се грижам за себе си, особено за здравјето, за да можам да се грижам соодветно за бебето, да се чувствувам среќно и едноставно – да уживам во моментите.

Можам да кажам дека успешно и брзо го надминав тој период благодарение на поддршката што ја имав од моите најблиски. Но, потоа следуваше уште еден стресен период – почеток на работа и адаптација во градинка. 

Повторно уште еден период полн со стрес, планови и прашања како ќе се прилагоди детето во градинка, како јас ќе се прилагодам на работното место итн. 

Но, благодарение на целосното разбирање и поддршката од колегите и претпоставените, брзо се вратив на работните задачи. Ги користев правата што ми следуваат додека детето да се прилагоди во градинка и да наполни една година.

И најблиските многу ни помогнаа за Андреј да се адаптира во градинка. Се организиравме од ден за ден и тие организации до ден-денес ни траат. Многу сум благодарна што ги имам покрај мене. ❤️

Очигледно постпородилната депресија е сѐ уште табу тема во нашето општество и многу ретко се споменува и говори јавно. 

Со читањето статии од Working Mom платформата, увидов дека не сум единствена која се има соочено со некој предизвик во овој период и убаво е што постои за да споделиме свое мислење, искуство, да си помогнеме и да си бидеме поддршка едни на други. 🙏

Би сакала да споделам неколку совети кои ми беа од големо значење на мене за да ја надминам постпородилната депресија:

✅ Да се прифати помош од најблиските доколку се свесни за состојбата во која се наоѓате, а доколку не – да се побара стручна помош.

✅ Одморете се и наспијте се!

✅ Контактирајте со други мајки кои поминале низ истото.

✅ Овозможете си време само за себе, иако на почетокот ќе ви звучи невозможно.

✅ Избегнувајте сѐ што ви предизвикува стрес.

✅ Хранете се здраво и внесувајте доволно течности.

✅ Одржувајте физичка активност (пешачењето е доволно за почеток).

 

Нашето здравје е поврзано со здравјето на нашето бебе! Среќна мајка = среќно бебе!

 

Автор: Марија Богдановска