Не можеш да бидеш доволна спремна за мајчинството, додека не го осетиш на своја кожа

Како што може да ти го смени цело секојдневие едно бебе, најдобро знае една мајка. 😅

Искрено, пред да се роди Ема, не размислував премногу околу предизвиците со кои што би се соочила од самиот почеток на мајчинството. Некако сè препуштив на самиот процес. 

Не знам, можеби тоа и ми беше грешка, бидејќи не бев доволно едуцирана на таа тема, а можеби и не постои соодветна едукација околу целиот процес. Јас повеќе се држам кон ова второво дека не можеш да бидеш доволно спремен за мајчинството сè додека не го осетиш тоа на своја кожа. 🤱

Па така, со самото доаѓање на бебето, дојдоа и многу нови работи за кои требаше време на адаптација. 

Првата година беше хаотична, со будење на секои 30 минути (да, моето бебе беше едно од тие), многу непреспани ноќи и уште повеќе кофеин.

Како минуваа месеците, процесот се олеснуваше. Постепено доаѓав до крајот на првата фаза и породилното отсуство, и почеток на втората фаза со почнување на детето во градинка и моето враќање на работа. 

Сега, ситуацијата беше поинаква. Си велев: Па добро, и првата фаза не беше толку страшна ако ја споредам со вторава и што сè требаше да поминам низ неа. 

Всушност, така е со сè во животот, не само со детето. Сè што ќе помине ти изгледа полесно од тоа што доаѓа. 👀

Бидејќи сум доста динамична по природа и не се плашам од предизвици, решив дека треба да направам промена на професионално поле и да одам едно скалило погоре. 

Па така, во втората фаза со почнување на Ема во градинка и моето враќање на работа, јас додадов една под-фаза со промена на работното место и позиција. 

Да, бев исплашена од целиот процес во смисла на тоа како би го менаџирала тоа, но не погрешив! Мислам дека со целата промена ги искусив бенефитите од remote working што позитивно се одразија во секое животно поле. 👩‍💻

Мојот најголем предизвик како Working Mom беше, а и сè уште е – да направам баланс меѓу работата и детето. 

Тука не мислам на баланс од аспект на немање време за двете, мислам на баланс помеѓу тие многу чести разболувања кај детето во првите 2 години и професионално и навремено завршени работни обврски. Јас го менаџирам тој дел со тоа што имам прекрасна remote работа и најфлексибилно работно време! 

Од лична перспектива, сметам дека најважните работи за една мајка се флексибилноста и организацијата за да може да успее професионално и приватно.

Организацијата со деца е доста голем предизвик, но воспоставување на соодветната рутина може да биде од огромна помош.

✅ Многу е важно да ја најдеш соодветната рутина помеѓу тебе и твоето дете. Некој подобро функционира во утринските часови, друг во вечерните. Јас сум од тие на кои полесно им е да останат да работат до 4 сабајле, но не и да станат во 4 сабајле. Па така, најголемата продуктивност ја имам откако ќе заспие Ема.

✅ Планирање пред време! Испланирани оброци пред време олеснуваат половина ден. 

✅ Како клучен дел би навела една работа: Поддршка од најблиските!

Од суштинско значење е да бидеме флексибилни и да се прилагодуваме на нашето дете додека тоа расте, а со тоа растат и се менуваат неговите потреби. 

Наоѓање на здрава рамнотежа помеѓу структурата и флексибилноста е клучно за балансот во едно семејство со деца. 🚀

 

Автор: Викторија Талевска Трајковска