Јас и мојот сопругот се знаеме многу години. Долго време бевме само другари. Пред да започнеме врска, отворено разговаравме за сите предизвици што би следеле и прашањето: „Дали ќе успееме?” Буквално ова беше како договор, ни фалеше уште да потпишеме на нотар. 🤝
Уште првиот месец кога ја започнавме нашата врска, јас заминав да работам на брод. Тие 6 месеци беа вистински тест дали ќе издржи нашата врска на далечина.
Да не се познававме од претходно, веројатно и немаше. Секојдневната комуникација ни помогна да се зближиме уште повеќе. Кога се вратив, уште една година живеевме разделени – тој во Скопје, јас во Охрид и се гледавме само за викенди.
Но, токму таа дистанца ни помогна да изградиме одлична комуникација и доверба. Како стари пријатели, секогаш се забавуваме заедно и немавме потреба да се преправаме.
Патувањата и времето што го поминувавме разделени нè научија колку е важно да сме си поддршка еден за друг, што ќе нè направи посилни и поисполнети како пар.👩❤️👨
Кога решивме да го прошириме нашето семејство, наидовме на вообичаените предупредувања: „Сѐ ќе се промени кога ќе имате дете“.
Бев свесна дека промената е неизбежна, но мразев кога слушав зајадливи коментари дека ќе се „простиме“ со патувањата, дека нема веќе спиење или дека „ќе станете како цимери“. 🙄
И покрај предупредувањата, тргнавме кон оваа нова фаза со надеж и возбуда. Но, животот имаше други планови. Бременоста не беше она што го замислувавме.
Имав навистина тешка бременост, која поради миом на матката, морав да ја поминам лежејќи. Ако еден ден излезев од дома, цела недела после тоа повраќав од болки.
И кога конечно ја дочекавме нашата ќерка, радоста се измеша со длабока тага – се роди само неколку дена по смртта на наша многу блиска другарка.
Се чувствуваме како животот да ни подметна уште една тешка ситуација, бидејќи сè уште се справувавме со загубата на нашите татковци и баби и дедовци во претходните години.
Но, мојата ќерка беше светлината на крајот од тунелот – зрак надеж среде нашата тага. Знаев дека сакам да бидам најдобрата мајка што можам да бидам, иако бев далеку од совршена.
Важно ми беше да се осигурам дека мојата врска со мојот сопруг останува силна. Ако бевме среќни заедно, верував дека ќе можам да бидам најдобрата верзија од себе и за неа. ❤️
Периодот по породувањето не беше воопшто лесен за мене, како физички така и ментално. Се борев со сопствените демони додека морав да одржувам мало бебе во живот.
Колку и да изгледа лесно, самата ненаспаност (ќерка ми еве веќе 2 години се буди на секои 2, 3 часа ноќе), доењето, грчевите, па и неспремноста за сè што следи се предизвик и за тебе и за тие околу тебе.
Во тие тешки денови сфатив дека, покрај мајчинството, ми треба нешто што ќе ме мотивира и ќе ме врати во баланс. Желбата да останам активна и да создадам нешто значајно беше тоа што нè поттикна да започнеме со сопствен бизнис.
Па така, кога нашата ќерка имаше само 4 месеци, мојот сопруг и јас отворивме приватно училиште за ментална аритметика – SmartyKids. Тоа беше голем предизвик за нас, но е нешто што отсекогаш сум сакала да го правам. 🚀
Работата со деца, помагањето да ги развијат малите мозочиња, разбирање на начинот на кој децата комуницираат, искажуваат емоции, развивањето креативност, сето тоа ме исполнува и ме прави навистина среќна.
Но, започнувањето бизнис со бебе наоколу не беше лесно. Не му кажавме на никого за нашите планови, бидејќи не сакавме да ги слушаме сите причини зошто не треба да го правиме тоа.
Понекогаш, дури и луѓето што те сакаат најмногу, можат да те спречат од страв. Па затоа, сè направивме сами, од наоѓање простор, потпишување договори, работа со нотари, целата организација со нашата ќерка покрај нас.
Она што го правам на работа, се трудам да го правам и дома. Нашата секојдневна рутина е исполнета со учење букви, броеви, пеење, танцување, и сликање.
Нашиот дом е мала театарска сцена. Дениција има извонредна интелигенција за нејзина возраст. Гледањето на нашата ќерка среќна и успешна во оваа средина е најголемата награда. Учи многу брзо и е многу добро воспитана.
За две години, таа има развиена емпатија и способност да ги разбира ситуациите околу неа, што за нас е навистина невообичаено. Музиката е нејзината најголема страст, ја интересира повеќе од кое било друго дете што сум го сретнала на таа возраст.
Обожава да слика, ги знае деновите, месеците, годишните времиња, страните на светот, како и да ги препознава буквите и бројките. Ова е нешто на кое постојано работиме, развивајќи ги и двете мозочни хемисфери.
Никогаш не ѝ викаме и не ја караме. Таа знае како да ги изрази своите потреби на начин што нè воодушевува секој ден.
Секако, има моменти кога таа се однесува како типично дете на нејзина возраст, со очекувани тантруми. Тогаш, ние се соочуваме со сопствените фрустрации или трауми, па учиме правилно да реагираме.
Токму тие моменти се оние што ги сакам, бидејќи ми овозможуваат да научам повеќе за себе и да растам како личност, што е многу важно за мене. 💡
Живееме во Скопје, не толку блиску до нашите семејства во Охрид, па затоа одгледувањето на нашата ќерка е оставено само на нас.
Немаме „село“ кое ќе ни помогне, ретко бабите се тука за да ја почуваат. Но, ние го прифативме тоа и ја носиме со нас каде и да одиме – во кафулиња, на концерти, винарии, стенд ап комедии, планини, езера.
Секако, често ги жртвуваме нашите желби, но сакаме да ѝ го покажеме светот и да ја вклучиме во животот што го изградивме заедно.
Нешто што никогаш не сакавме да промениме беше патувањето. Важно ни беше да не дозволивме да нè забави фактот дека имаме бебе или мало дете. ✈️
Па, речиси секој викенд сме на пат, дали во или надвор од Македонија. Луѓето често велат дека едноставно „ни се погоди бебето“, па затоа патуваме, но секое патување си е предизвик сам по себе.
Од пресоблекување во скут зашто нема каде да се застани на автопат, до скок во развој и одмор поминат со плачки. Од врескање поради притисок во ушињата од долгиот лет до повраќање од многуте кривини во возење. Од вадење заби и температури до заборавени куфери – сите овие ситуации ни го тестираат трпението, но и прават да се смееме во моментите кога е најтешко.
Во првите години од животот, мозокот на бебето се развива со неверојатна брзина. Секое ново искуство, од допир и звуци до емоции и игри, помага да се формираат нови невронски врски.
Не, не е ниту лесно, ниту совршено, но на крај од денот тоа нè исполнува. Знаеме дека таа нема да се сеќава на овие патувања, но затоа ние ќе се сеќаваме на радоста на нејзиното лице кога ја одведовме за првпат на европски Божиќен пазар, кога прославивме 2 родендени надвор од Македонија, кога се капевме во 3 мориња и се качивме на Акрополис.
Видовме многу тврдини, музеи и замоци, и секое од тие искуства придонесе за создавање на нови синапси во нејзиниот мозок.
Мојата работа ме тера да размислувам на овој начин, знам колку е важно сето ова за неа и токму затоа го правиме. Секое патување, без оглед на предизвиците, не само што е предизвик, туку е и навистина убаво искуство.
Сето тоа ја поттикнува нејзината креативност и ја прави посилна. Додека ние се занимаваме со тешкотии, таа расте и учи и во сите тие моменти се создаваат спомени што ќе траат цел живот.
Мојот сопруг е мојата најголема поддршка. Заедно, создадовме живот кој функционира за нас, дури и кога изгледаше дека шансите се против нас.
Успеавме да ја балансираме нашата љубов за патување, нашата страст за бизнисот и нашата посветеност кон нашата ќерка. Не е секогаш совршено. Има денови кога е навистина тешко.
Но, не би го заменила тоа што го имаме за ништо на светот. Ние не само што опстануваме – ние напредуваме. И тоа е искуство што го славиме секој ден, со благодарност за сите убави моменти што ги создаваме заедно. 💪
Автор: Маријана Ј. Маленко
© 2023 Created with love