Каде е „селото“ што требаше да ни помогне да ги пораснеме децата?

„Како успеваш да постигнеш сè дома и на работа? И секогаш да изгледаш средено?” 🤔

Ова е прашање што многу често го добивам, особено сега откако станав мајка на 2 деца. И тоа 2 деца коишто немаат ни 2 години разлика помеѓу себе. 

Ме прашуваат и луѓе кои ги среќавам секојдневно, но и од оние кои ме познаваат и ми се пријатели само на социјалните мрежи.

Прашања добивам и оние кои знаат дека за децата се грижиме само јас и сопругот (помош од нашите родители најчесто имаме за викенди, бидејќи сѐ уште работат, а и не живеат во исти град и во наша близина…), а и од оние кои мислат дека постојано некој ни помага. И за децата и во домот и надвор од него.

Вистината е дека и ние, како и поголем дел од младите семејства најчесто, единствена помош сме си самите на себе заедно со партнерите – брачните другари. 

А како им е на еднородителските семејства, не знам… Секоја им чест, затоа што потребно е цело село за да се порасне едно дете.

Да, „It takes a village to raise a child“ – Некој некогаш мудро заклучил. 💡

Но, каде ни е (денес) селото кое ни е толку многу потребно? На работа. Со обврски. Живее во друг град или во друга држава. И буквално и метафорички.

Денеска „селото“ најчесто може да се изброи на една рака или неколку прсти. Затоа таа една рака, ставете си ја кај срцето, затоа што таму ѝ e место.

Но, да се вратиме на воведот и прашањето: Како успевам да постигнам сè?

Реалноста е, дека – не постигнувам (секогаш) сè. 👀

Вистината е дека не се ни трудам да постигнам секогаш сè, туку само она што ме прави среќна мене и моето мало семејство во моментот. Во конкретниот ден. Недела. Месец. 

А за ова ми требаше многу време, уште повеќе самодоверба и најмногу од се – организација. 

✨ Време за да прифатам дека повеќе ништо нема да исто

Ниту јас, ниту мојот живот. Ниту мојот партнер. Ниту неговиот живот. Сега сме побогати за 2 нови животи, за кои сме ние одговорни. 

2 нови животи кои се целосно зависни од нас. 2 нови животи кои ги сакаме најмногу на свет. Ништо повеќе нема да е исто. И не треба да биде. 

✨ Време за да се врати самодовербата

И тоа не само онаа што сум ја имала порано, туку уште поголема. Самодоверба и за себе и за своите деца. За тоа дека сум одлична мајка. Одличен новинар. Одлична сопруга. Одлична домаќинка, сестра, ќерка. Одличен пријател. 

Секогаш можам да бидам подобра. Но го давам најдобро во овој момент, со овие можности. Најдоброто под овие услови.

✨ А за време, потребна е организација

Планерот ми е најдобар помошник уште од 2016 година. Сепак, кога дојдоа 2те деца во нашиот свет, за да се случи новата организација потребно беше најпрво да се случи целосен хаос. 

Од пелени, облека, храна, плачење и хормони. А кога се  смири „прашината“ и откако елиминирав сѐ што е непотребно, старо, искршено, мало, неупотребливо од мојот живот (и буквално и метафорички) секојдневието ми стана почисто, полесно и поубаво со повеќе простор за сѐ она што навистина вреди. 

Сега немам повеќе време од порано, ама го трошам порационално и на работи што ми носат среќа и напредок. И во домот. И на работа. И лично за мене.

Сега имам повеќе самодоверба, затоа што знам што можам и што не можам. Прифаќам, отпуштам, продолжувам и се надоградувам.

Сега ништо не е исто, а не сум иста ни јас. 

И токму затоа, ако на некој му пречи што дома знае да е расфрлано со играчки и не сум стигнала да избришам прашина, нека дојде слободно и нека ја избрише. Ќе му сварам и кафе. 💪

Автор: Aнастасија Илиевска