Working Mom на Неделата: Сањица Србиновска

За време на неизвесноста со пандемијата, Сањица Србиновска била доволно храбра да напушти сигурна работа и да започне свој бизнис во област што не ѝ била баш позната. 🙌

Денес, таа вистински е пример дека за да водиш вистински исполнет живот, треба да преземаш ризици и да ги инспирираш своите деца преку свои храбри потези.

„Во 4та година на факултет се омажив и за брзо време останав бремена. Навреме ги положив сите испити и кога дипломирав син ми имаше 7 месеци. 5 години подоцна, запишав магистерски студии и тогаш ми се случи и 2та бременост. На денот на магистрирање, ќерка ми имаше 4 месеци. Децата ме направија подобра личност и навистина сум благодарна за тоа. Имањето деца и одгледувањето не е лесно особено кога се балансира со кариера, но не треба ни премногу да се чека погодно време за тоа. Кај мене некако коцките сами се наредија и верувам дека направив правилен избор. Никогаш не кријам од моите деца дека сум на козметичар или излезена со пријателки, со цел тие да научат дека секој има потреба од време само за себе и дека тука нема ништо лошо. Верувам дека сум им добар пример за да научат да се ценат себе, но и да ги почитуваат и туѓите потреби”. 

Сањица умешно жонглира со сите улоги што ги има една жена. Но, порано не било баш така. 👀

„Порано имав чувство на вина дека премногу заглавувам на работа или дека сум изморена и не можам да им се посветам целосно на децата. Но, во последните години како што растат – немам такво чувство. Можеби станав резилиентна но, децата се сега поголеми, самостојни се и се во нивни свет. Некако навикнати се дека може да се случи да работам подолго, а со тоа знаат и дека времето за нив е ограничено и треба да се искористи правилно. Денес, воопшто го немам тоа чувство на вина, затоа што станав свесна дека децата треба да знаат дека јас не сум само мајка, туку сум и сопруга и дека треба да си посветам време и за себе”. 

Таа вели дека искуството ја научило да не ги остава обврските за во “5 до 12”, затоа што со деца, никогаш не знаеш што ти носи денот.

„Секогаш планирам обврските да ми бидат завршени пред рокот, за да избегнам дополнителни стресови и притисок. Искуството ме научи дека не треба да чекам последен момент или рок да завршам нешто, затоа што секогаш некое дете може да се разболи или да излезе некоја обврска дополнителна и на крајот да сум незадоволна од самата себе и тоа што не сум се посветила целосно. Моето менаџирање со време беше на тест кога започнав да работам од дома со сопствен бизнис. Не е лесно да се натераш да завршиш некоја обврска што може и не ти е омилена, а знаеш дека можеш да ја завршиш и утре. Потребно е многу дисциплина и распоред на обврските. Затоа најдобро функционирам со листа на запишани обврски. Чувството е бесценето кога на крајот од денот знам дека сите обврски се завршени и штиклирани”.

Нејзините деца се на различна возраст и имаат сосема различни интереси, па затоа таа практикува на секое дете да му посвети индивидуално внимание.

„Наоѓам нешто што знам дека ги интересира и почнувам разговор на таа тема (кога биле помали тоа било преку игра). Честопати не се согласувам со нив, ама сепак ги поддржувам за да знаат дека сум секогаш на нивна страна. Се трудам максимално да ги разберам нивните потреби и да се ставам на нивно место. Секој ден разговараме дома за тоа како ни поминал денот на сите и ги издвојуваме најдобрите и најлошите работи што ни се случиле. Со тоа, ги учам и да раскажуваат, да стекнуваат комуникациски вештини, но и дознавам многу работи за нив”.

Ако би требало да промени една работа во своето досегашно искуство како мајка, тоа би било да умее подобро да го менаџира стресот кога децата ѝ биле бебиња. 👶

„Многу стресно ги доживував ситуациите на настинка или кога ќе направеа некоја „беља“ типична за тој период од развојот. Ми требаше време да сфатам дека единствената заедничка работа на сите мали деца е вниманието што им треба, а  сè друго е различно – напредокот, интересите, и сл. Воопшто не ги сакам споредувањата и фалбите на мајките за тоа кое дете како напредува и колку е „паметно“. Она што сакам да го споделам со родителите е да не им прават на децата притисок за учење, да бараат да ги имаат сите 5тки и да не ги воспитуваат како нас што нè воспитувале, затоа што се работи за огромни разлики во живеењето”.

Двата најголеми предизвици со коишто Сањица се соочила се следниве: 

„Во период на корона и неизвесност јас напуштив сигурна работа и започнав свој бизнис во област која и не ми беше баш позната. Работењето од дома си има свои предности и мани. Како позитива ќе издвојам тоа што со сопругот можеме сами да се организираме за сè околу децата и да не зависиме од никој. Но, од друга страна бев премногу достапна за децата, па им требаше доста време за да сфатат дека ако јас работам не треба да влегуваат во мојата импровизирана канцеларија и да бараат било што, туку треба сами да се погрижат за нивните потреби. Вториот предизвик со кој се соочив е најголемата трансформација на син ми – пубертет. Од мирно и повлечено дете и одличен ученик, наеднаш се претвори во целосна спротивност. Но, со сопругот заедно му помагаме да се избори со своите емоции и да се пронајде себе си. И среќна сум што веќе има резултат нашиот труд”. 

Токму нејзината најголема поддршка е сопругот. ❤️

„Заедно сме во сè. Од поддршката за дополнително едуцирање, до распределба на обврски дома. Не само поддршка, тој ми е и најголемиот охрабрувач дека можам и дека ќе успеам”. 

Таа смета дека најмногу влијание врз стилот на родителување имаат нашата самодоверба и личните уверувања. Затоа препорачува мајките да внимаваат на лажната слика што платформите како Инстаграм ја претставуваат за мајчинството. 

„Сè е индивидуално. Во ред е да прочитате некоја книга или да изгледате поткаст, но најмногу влијание имаат изградената самодоверба и личните уверувања. Секогаш велам: Кога ќе се најдеш во било која ситуација дали со дете или кариера, Бог е тој кој ти го покажува вистинскиот пат, а сите потешкотии се надминуваат со верба. Сметам дека е целосно во ред што во последно време сите имаме каде да се едуцираме бесплатно на интернет, но навистина е повеќе од потребно да се внимава и што содржина се впива. Кај повеќето луѓе коишто објавуваат на Инста, дома е сè скоцкано, средено, децата секогаш се дотерани, во игротека си играат „правилно“, во парк исто…Кај мене никогаш не било така”. 🤭

Сањица е голем поддржувач на платформата Working Mom како иновативен начин да се инспирираат и да се поддржат сегашни и идни мајки.

„Данче ми го привлече вниманието со нејзините активности и поддршката за многу жени што ја дава. Затоа и сакав да поддржам една таква активност и да се вклучам да бидам дел, со цел да дадам допринос за многу мајки. Мајчинството е огромен предизвик без разлика дали за прв пат сте мајка на 20 или на 40 години. Прашањата во главата на една мајка од моментот на забременување, до моментот додека е жива секогаш ќе бидат исти кога се работи за нејзините деца. Верувам дека оваа платформа ќе допре до што поголем број на мајки коишто ќе ги споделуваат своите приказни, ќе инспирираат и ќе даваат поддршка на многу други сегашни и идни мајки”.

Најдобриот совет што би го дала на сите идни мајки е следниов: