Working Mom на Неделата: Рената Гошевска

Некогаш сме супер мајки, некогаш супер сопруги, супер вработени или супер ќерки. Некогаш баш и не ни се станува од кревет. Најважно е да си дадеме време за себе, дури и ако тоа значи дека баш тој ден не сме мајка на годината, бидејќи на децата им требаме токму такви – исполнети и среќни. 🦸‍♀️

Рената Гошевска нѐ потсетува дека не можеме да наполниме чаша од празно шише. Затоа, најдобро e да се препуштиме на моментот, да дадеме сѐ од себе и едноставно да уживаме во улогата на родители.

„Најголемите предизвици за мајките и татковците во една компанија се да успеат да се цело време присутни, да стигнат навреме на приредбата, да напишат домашни задачи, да поиграат со децата и слично, а притоа да не страдаат работните ниту домашните обврски. Да бидеш во исто време успешен на работа, да учиш постојано, да напредуваш, а паралелно да ги воспитуваш децата, да сакаш да поминеш време со нив, но и да имаш доволно време за себе е навистина тешко. После првото породилно отсуство кога се вратив на работа, ми беше тешко да прифатам дека сега нема да можам така лесно да одам на секој настан, да учам секојдневно, да напредувам како што сакам, да работам со полна пареа после непроспиена ноќ. Но, сфатив дека сега имам поважна улога и дека можеби нема да се одвива сѐ како што сакам и со брзината со која сакам на професионален план, но тоа секако нема да е конечно. Децата растат многу брзо, а ритамот за работа се враќа додека трепнеш!”

Рената го гледа решението во воведување флексибилно работно време или отворање на градинка во склоп на компаниите. 💡

„Последното знам дека не е баш лесно. Јас за среќа сум дел од компанија што има градинка во своите канцеларии, но сепак не е невозможно. Со добра волја може да се испланира и организира. Ќе се навратам повторно на флексибилното работно време, мислам дека денес тоа треба да е задолжително во секоја компанија. Краток е животот да го поминеме со строги правила и мала флексибилност, зарем не?”

Најголемиот предизвик што таа лично го искусила како Working Mom е работење до доцна или оставање на децата неколку денови поради работни обврски. Но, благодарение на поддршката од најблиските, успеала да го помине тоа полесно. 

„Минатата година бев на службено патување во Амстердам и секако баш тогаш децата ми беа болни. Ми беше многу тешко да ги напуштам, но отидов и фала Богу – се беше во ред. Мојата најголема поддршка ми се сопругот и моите родители. Без нивната помош не би успеала ниту еден ден”. ❤️

Ако треба да промени 1 работа во начинот на којшто компаниите ги третираат мајките и татковците, таа би го променила следново:

„Би им дала поголема слобода на родителите да бидат со своите деца кога им се потребни. За среќа, дел сум од компанија каде ова не е проблем. Но, за жал во многу други компании за да одиш еден час на приредба на детето, ти треба да си земеш ден од одмор.” 😳

Кога работиш во маркетинг индустријата, границата помеѓу слободно време и времето на работа е навистина тенка. Тоа што не си во канцеларија, не значи и дека не ти се вртат неколку табови во главата поврзани со последниот пост, со следниот настан и слично, објаснува Рената.

„Нешто што го променив и што се трудам да го применувам на секојдневна база е да поминувам што повеќе квалитетно време со децата и да не ја носам работата дома. Многу често најубавите идеи ми доаѓаат токму кога сум со децата, но се обидувам кога ќе си дојдам од работа барем 2 часа да сум посветена комплетно на децата. Па, доколку идејата дојде во тоа време уште подобро, веднаш ја ставам во нотес и тоа е тоа”. 

За да компензира за пропуштеното време, таа се труди за време на викенд и после работа максимално да се посвети на фамилијата колку што може. Нејзиното правило гласи – барем 2 часа дневно квалитетно време поминато со семејството. 💡

„Си поставувам приоритети на неделно ниво со блокирање на слотови во календар и правење неделен план за работни и домашни обврски. План за оброци, активности и работни обврски. Кога имам конкретен план за цела недела навистина ми олеснува и ја намалува шансата да заборавам нешто. Истото ми важи и за на работа. Гледам неделата да ја организирам во календар, а денот да го поделам по слотови каде се концентрирам на една работа и тоа досега ми се покажало дека е најпродуктивно. На пример, 2 часа оддвојувам за планирање на постови во понеделник, 1 час координација со тимот и слично”. 

Читање книги, средба со пријателките еднаш неделно и прошетки во природа на сонце се начините како Рената вложува во себе.

„Џастин Велш има многу добри курсеви за маркетинг. За почетници курсот од Google за дигитален маркетинг е супер и секако курсевите од LinkedIn Learning. „Книга која би сакале да ја прочитаат вашите родители” Филипа Пери ја препорачувам на сите родители. Документарен филм од полето на маркетинг што последно ми се допаднал е „Pepsi where is my jet?”. И за крај, уште една многу добра книга – „Атомски Навики” од Џејмс Клир. 

А ова е нејзиниот совет до сите родители: ⬇️