Растење заедно со своите деца

Како вработена мајка се соочуваш со многу предизвици: логистички проблеми, грижата и негата за децата, управувањето со домаќинството, наоѓање време за себе. 

Потоа, тука се и емотивните предизвици како: чувството на вина, загриженоста, чувството дека треба да правиш повеќе, притисокот да се биде совршена мајка, партнер и најдобар работник. 🤯

Но, совршенството е само илузија што одзема премногу енергија. Затоа, јас се водам по принципот да бидам подобра личност од тоа што сум била вчера. 

Истиот принцип го користам и кога станува збор за споредувањето. Кога си мајка никогаш  не сме навистина сами во нашите мисли. Мајката секогаш треба 2 пати да размисли, еднаш за себе и еднаш за своите деца. 

Во животот единствената титула што ја добив без претходни полагања на испити беше токму титулата МАЈКА. Но, од тој ден започна и моето учење и растење како родител. Родителувањето е како дрво што ќе го посадите –  потребно е да поминат години за да почнете да ги берете плодовите од него. 

Во нашата култура поддржана е заблудата дека стануваме возрасни кога ќе наполниме 18 или 21 или кога за првпат ќе имаме свои деца. Но, повеќето од нас знаат дека тоа не е точно. ❌

Многумина од нас не успеваат да пораснат до крајот на животот. Тоа не значи дека секогаш се однесуваме детски, туку само дека честопати се однесуваме незрело, особено кон саканите. 

Па, оттука произлегува и потребата за доживотно учење, отвореност за раст и развој на личната самосвест,  постигнување емоционална зрелост паралелно со нашите деца. 

Кога за прв пат станав мајка, покрај тоа што веќе неколку години работев со деца од предучилишна возраст, за мене тоа беше сосема ново искуство, нов предизвик. Едноставно кажано – нов начин на живеење. 

Така дојдоа и првите фрустрации што ги носи родителувањето. Немав упатство, немав ни учебник, а уште помалку рецепта за тоа како треба да бидам мајка. Единствено нешто ми беа инстинктите и обрасците што сите од нас ги носиме од нашите родители (во најголема мера од нашите  мајки).  

Со раѓањето на мојата прва среќа – Теа, сега веќе тинејџерка, започнав  да работам на  мојот личен развој, на свесноста, на себеспознавањето, на развивање и поставување  лични и професионални граници и  секако – на самодовербата. 🤱

Читав книги, најчесто од жанрот модерна психологија, посетував работилници за личен развој, посветував внимание и грижа за себе одвојувајќи “време за себе“. Слободното време и викендите ги поминував со долги прошетки во природа заедно со моето семејство. Тоа е нешто што сѐ уште го правам во континуитет.  

Грижата за себе, за децата, за домот и за работата, не се само логистичко управување, правење планови и потсетници. Според мене, најважно е работењето на сопствените емоционални способности или едноставно кажано работење на „mindset“ – начинот на размислување што е збир на верувања кои го обликуваат начинот на кој го разбираме светот и себеси.

Сето тоа влијае на тоа како размислуваме, чувствуваме и се однесуваме во било која дадена ситуација. Тоа значи дека она што веруваме за себе влијае на нашиот успех или неуспех. 💯

Мојот личен развој се должи на континуирано вежбање на трпеливост, асертивност и препознавање на личните потреби и потребите на другите. Работењето на сопствените емоционални способности придонесе за моделирање на однесување што сакам да се отслика на моите деца, според добро познатата мисла „Децата се огледало на родителите”. 

Освестувањето на сите мои доблести и мани значеше и прифаќање на туѓите доблести и мани. Разбирање и почитување на личните потреби и потребите на другите. Негувањето на емпатичен и позитивен став е одлука и избор кој секојдневно го избирам. 

Со раѓањето на мојата втора среќа – Христина, одлучно, ги продолжив моите студии што подолго време беа во мирување. Никој не рече дека ќе биде лесно. Следеа долги непроспиени ноќи спремајќи колоквиуми и испити. 

Но, мојата упорност, желба и волја да бидам тоа што сум сакала, беше посилна од сите препреки и предрасуди со кои се соочував. За мене, доживотното учење е клучот за среќен живот.  

Предизвикот да се биде студент, мајка, сопруга и вработена беше навистина макотрпен, динамичен и енергетски исцрпувачки период. Но, ништо не е тешко кога се сака. Успеав  да ги завршам студиите во предвидениот рок за веднаш потоа да продолжам на мастер едукација за психолошки советник, сега веќе и психотерапевт во супервизија. 🙌

Поддршката што ја добивав од моето семејство имаше големо значење и дополнителна мотивација за да се движам напред. Неизоставни беа и моментите, животни ситуации, кога беше потребно да се потпрам на сопствените способности, уште една работа што добро ја истренирав и научив – да си бидам поддршка на самата себе.

И во меѓувреме, токму додека го подготвував текстов, се најдов себеси пред нов предизвик – нова работна позиција. Во човековата природа е да се плашиш од непознатото и затоа не треба да се осудуваме ниту себе ниту другите. 

Но, она што е важно да се запомни е дека кога животот ќе нѐ исправи пред нова патека, само ни дава можност да растеме и да изградиме повеќе од она што досега сме го имале. И ова е исто така нешто што можеме да го земеме како лекција од децата.

Како што нашите деца ги прават своите први бебешки чекори, полни несигурност и сопнувања пред да стекнат самодоверба во одењето, така и ние возрасните тргнуваме на своето професионално патување. 👣

И двата подвизи се исполнети со несигурност и страв од непознатото. Бебето паѓа, учи да се крева повторно, постепено развивајќи рамнотежа и координација. Слично на тоа, ние возрасните се движиме низ предизвиците и неуспесите, усовршувајќи ги своите вештини и издржливост со секое искуство. 

Двете се подложени на трансформативен процес што еволуира од состојба на зависност во состојба на способност и самоувереност. На крајот на денот, без разлика дали станува збор за првите чекори на бебето или пресвртница во кариерата, патувањето на растот и развојот е обележано со упорност, учење и храброст да се прифатат нови предизвици.

Свесноста и себеспознавањето се клучот за постигнување на целите како на приватен така и на професионален план. Животот не е рамна линија. Напротив, тој е како планина по која час се искачуваш, одмараш, па се спушташ и така во низа ден по ден, недели, месеци, години. 

Со други зборови, ние не можеме да ги контролираме сите настани што ни се случуваат, но можеме да имаме контрола на тоа како на нив емоционално ќе реагираме. 

Благодарна сум на моите деца што секојдневно ме потсетуваат дека среќата не се бара, туку е во секој еден од нас и е наша одговорност.  Родителството е идеално место за учење, развој и растење заедно со нашите деца. А трпението, разбирањето и љубовта се основните состојки за добро родителство.  💡

 

Автор: Билјана Малинова, дип.педагог, ОЛИ психотерапевт во супервизија