Како да се пронајде рамнотежата помеѓу улогата како мајка, желбата да се задржи автентичноста и да се успее како индивидуа?

Јас сум Катерина, мајка на две момчиња (4 и 1 година), дипломиран италијанист со пасија за човечки ресурси и talent acquisition. Работам remote веќе 5 години, од кои 2 години како регрутер во компанија со седиште во Лондон. 

Работењето од дома ми беше олеснувачка околност во последниве години кога станав мајка и завршив магистерски студии. Ова е период за кој сум многу горда сама на себе, бидејќи успеав навреме да магистрирам со 2 деца, во регуларен рок. 🙌

katerina-dojchinovski

Во 2019 година, една година пред пандемијата, ја добив стипендијата за магистерски студии за Човечки Ресурси на Универзитетот „Шефилд“. Во тој период, моето првото синче имаше 6 месеци и сè уште го доев. 

Паралелно, имав интензивни предавања што се одржуваа еднаш во месецот во тек на три последователни дена во Солун од 9 часот наутро до 8 навечер. Морав да се организирам многу добро и да усогласам сè, како би течеле деновите непречено. 

Работев на својата дисертација во втората бременост. Ја финализирав дисертацијата со едномесечно бебе до мене – моето второ дете. 🤱

Морам да го спомнам сопругот – my rock! Тој уште од самиот старт ме мотивираше и ме поддржуваше да запишам магистерски студии. 

Ме придружуваше во Солун и се грижеше за нашиот син додека јас имав предавања. Ми го носеше на кампусот да го надојам за време на паузите од часови. 

Како дел од предавањата беше и задолжителна посета на Букурешт, каде што цела една недела бев отсутна од домот и морав да го оставам, тогаш моето 10-месечно бебе дома.

Во екот на пандемијата, за мене лично, не се променија многу работи во однос на начинот на работа. Како и претходно, работев од дома, но обврските со магистерските, заедно со сите останати обврски, беа задача плус за мене.

Всушност и мојата дисертација беше за истражување за новосоздадените услови во екот на пандемијата и пост-пандемично, со посебен осврт на Working Moms. 

Во ниеден момент не помислив да се откажам, бидејќи сонував за магистратура за Човечки Ресурси. Сакав да си го докажам самата на себе, она во што отсекогаш сум верувала: „И кога мислиш дека можеш и кога мислиш дека не можеш – и во двата случаи си во право!” 💡

 Во истиот период, променив и работно место – уште еден предизвик. Но, еве веќе 2 години сум во компанијата Kandidate, работејќи со тим што го обожавам и сум навистина среќна со промената. 

Ова ми покажа дека никогаш не е доцна за исполнување на некој сон што го имаме. Иако, факт е дека секоја помош и поддршка во овој процес е добредојдена и пожелна.

Да се биде родител е една од најпредизвикувачките улоги што може некој да ја има. Но, со вистинско планирање, огромна љубов и поддршка, рамнотежата може да се пронајде! ⚖️

Сметам дека децата се благослов што треба да го збогатат нашиот живот и да ни покажат дека целите и желбите да се успее на професионално поле, треба да бидат уште посилни. 

Цврсто стојам зад тоа дека во никој случај не треба да се откажете од некоја намера да успеете во нешто, бидејќи со тек на време, сфаќаме дека децата ни биле само мотивација плус, уште едно раче што не буткало напред кога сме мислеле дека нема да успееме. ❤️

Титулата мајка е благородна. Таа треба да е додаток на она што веќе сме, да нè збогати, но не и во целост да нè промени и да го турне под тепих секој сон кој сме го имале пред да добиеме деца. 

На крајот од денот, тоа е мотивација плус и за нашите деца, кои ќе научат преку пример дека ако се сака – сè се може. Иако знаеше да биде „згужвано“ со обврски и рокови, не би сменила ништо во моето искуство како Working Mom. 

И би сакала да завршам со фразата: „Do it – so that your kids can have a mother to brag about!” 😊


Автор: Катерина Дојчиновски