Работењето фриленс како спас во бременоста

По 10 години поминати како модерен морепловец со бродска кариера како фотограф на луксузни крстарења, решив да си останам на копно. 🚢

Домот во Скопје го заменив со новиот дом во Бразил, во мал град во внатрешноста на Сао Пауло, Индаиатуба.

Уште пред да ми заврши последниот бродски договор, знаев дека со новинарската диплома ќе биде тешко да се најде работа во Бразил, а работата како фотограф е уште потешка без потребните контакти. 

Затоа, се запишав на Aкадемијата за Дигитален Маркетинг на Семос со цел да сменам кариера како Content Writer или Copywriter. 

Кратко по доаѓањето дома, продолжи и мојата соработка со порталот ЦрноБело, што започна за време на пандемијата.

Но, најголемото изненадување беше мојата бременост, која иако дојде непланирана, беше долго посакувана. Поради работата на брод, го чекавме „правото време“ со сопругот кој е Бразилец и во моментов работи на брод. 

Па така, за многу кратко време, ми се промени целиот живот. Од активен бродски фотограф станав студент и фриленс новинар. 

Дополнително, требаше да се навикнам на животот во Бразил и како јаготка на шлагот – бев бремена за прв пат. 🤰

Утринските мачнини во 1то тримесечје ми траат до ден-денес, иако сум веќе 7 месеци бремена. Секој необичен мирис ми е тригер да трчам и пак да си ја прегрнам мојата добра пријателка – тоалетната шолја. 

Бременоста ми е вистински ролеркостер на емоции и промени коишто ми влијаат и физички и психички.

Во овие моменти, кога се соочувам со 2 нови предизвици во животот, работењето фриленс навистина ми е вистински благодет. Навистина не би можела да се замислам на работно место од 8 до 17 часот, што е практика во Бразил. 

Како фриленсер, успевам да ги балансирам предавањата и проектите од Академијата и работата како новинар, а имам време и дополнително да учам и да се надоградувам во областа на Content Writing и маркетинг. 🙌

По скоро 10 години поминати на брод со војнички распоред за работа, ручек и вечера, слободата што ми ја донесе работењето фриленс ми беше повеќе од добредојдена. Тоа ми помогна да си го организирам животот како идна мајка, но и странец во нова држава. 

Откако ја вкусив оваа слобода што ми ја носи работењето од дома, никогаш не би можела да се вратам на кариера со фиксно работно време. 

Дефинитивно, по завршувањето на Академијата за Дигитален Маркетинг, целта ми е да продолжам со работа од дома како фриленсер од мојата мала канцеларија во аголот во дневната соба. 

Сметам дека само така ќе можам да му се посветам на моето новороденче, но и да ја градам својата кариера. Добитна комбинација. 🚀

И додека сите велат дека бремените жени јадат за двајца, јас очигледно спијам за двајца. Во текот на денот, морам да си дремнам после секој поголем физички замор, па затоа често пишувам во текот на ноќта, а учам рано наутро. 

Освен задолжителните предавања, немам фиксно определен распоред за работа. Секој ден ми е нова авантура, како идна мајка, странец и студент.

На своја кожа ја почувствував тежината и сите подеми и падови што бременоста ги носи, особено првата бременост кога сè ти е ново и непознато. 

Затоа, сакам да им симнам капа на сите мајки и бремени жени коишто успеваат секојдневно да работат по 8/9 часа и истовремено да се грижат за своите најмили. 🦸‍♀️

 

Автор: Ивана Јариќ Соуса Роша