10 лекции за родителувањето што ги научив работејќи од дома vs. работејќи од канцеларија

Враќање од породилно отсуство во втор бран од ковид пандемија, работа од дома, мерки за привремена забрана за запишување деца во градинка, ограничени можности за наоѓање на жена за чување деца, отказ од работно место со постојан раст и кариерен напредок повеќе од 10 години (моја одлука), работа од дома како самостоен експерт на неколку краткорочни проекти, па до моментален работен однос во компанија како правен експерт и бизнис советник, со физичко присуство во канцеларија. 

Ова се фазите во мојот професионален живот во изминатите 4 години од моето родителување, а ова се 5 лекции кои ги научив работејќи од дома vs. работејќи од канцеларија.

5 лекции што ги научив работејќи од дома

 

💡 Лекција #1

Работењето од дома дава флексибилност во извршувањето на работните обврски, која е можна само доколку истите обврски може да се завршат надвор од стандардното работно време (08:30-16:30h). Но предизвикот е што ова создава состојба да, на крајот од денот, Вие работите многу повеќе од 8 часа, односно работите цел ден бидејќи работите кога можете.

 

💡 Лекција #2

Имате повеќе време за да се посветите на родителувањето. Ова зависи од вештината за добра подготовка на денот и организација на сите обврски во истиот (не само на работните денови). 

Ова е нешто што се учи и затоа може да Ви помогнат неколку алатки како:

✅ Планери за оброци

✅ Одвојување време за игра со детето

✅ Време за проверка на мејлови

✅ Време во кое закажувате и одржувате состаноци

✅ Строго придржување до времето кога детето/децата спијат

Ова изгледа многу убаво за читање, но во реалноста може да се реализира единствено со поставување на дневни приоритети од сè што е потребно да направите во еден ден, во сите улоги што ги имате (мајка, работник, сопруга, пријателка итн). 

Но, факт е дека, времето во денот што го поминувате во подготовка за работа, излегување и враќање до работното место е придобивка што ја имате кога работите од дома. 

Уште еден факт од искуство е дека секогаш треба да сте спремни дека обврските може да бараат промени заради тоа што се грижите за детето/децата и не секогаш може да завршите како што сте планирале. 

Ова знае да биде многу фрустрирачко. Но, на крај заради Вашиот мир најдобро е само да прифатите дека некогаш деновите ќе бидат такви.

 

💡 Лекција #3

Чувство на исполнетост и опуштеност што може да ја зголеми Вашата продуктивност и да придонесе да остварите подобри резултати во извршување на обврските. 

Кога работите од дома, најчесто создавате простор во кој ќе работите по Ваш вкус и она што Вас Ви се допаѓа (дури и да е некое ќоше, бидејќи немате избор за многу простор, но сепак си ги поставувате работите да Ви бидат удобни). 

Затоа, најчесто тој простор ќе предизвика кај Вас чувство на опуштеност и ќе придонесе за поголема леснотија во извршување на обврските. 

Ова е придобивка кога работите од дома бидејќи ги нема ситуациите на стерилна просторија (корпорациска/канцелариска) и намалени можност за директно создавање на притисок во извршување на задачите. 

 

💡 Лекција #4

Поголема индивидуалност која придонесува за повисок степен на фокус во спроведување на работните задачи. 

Ова е придобивка само во оние професии во кои обврските се спроведуваат индивидуално или во помал круг на луѓе, наместо од страна на поголем тим. Ова може да биде голем предизвик бидејќи реалноста е дека само за договарање и координација ќе трошите голем дел од времето.

 

💡 Лекција #5

Не секогаш и не сите може да дадат фидбек ако ти е потребен, во истиот момент кога тебе ти е потребен за ти да ја завршиш твојата работна обврска. 

Многу често во извршување на работните задачи ни е потребно некој да ни даде материјал, можеби преглед или одобрување, или пак едноставно потребен ни е коментар. 

Кога работите од дома, Вашето работно време не е исто како на Вашите колеги/соработници или клиенти (без разлика дали истите работат од дома или од канцеларија) бидејќи Вие работите само кога можете. 

Ова може да претставува голем предизвик доколку психолошки не го прифатите и едноставно се потрудите да се прилагодите.

 

5 лекции што ги научив работејќи од канцеларија

 

💡 Лекција #1

Социјализација, неформални разговори со колеги/колешки и зголемена можност за запознавање нови лица може да предизвика позитивни чувства што ќе придонесат за поголема продуктивност. 

Честопати може да се случи, при размена на идеи и искуства со други луѓе, на поинаков начин да согледаме некоја работна задача или воочиме подобар пристап. 

Од друга страна пак, доколку сте личност која е екстроверт, работата од дома може да Ви создава чувство на осаменост. 

 

💡 Лекција #2

Физичкиот изглед драстично ќе Ви се подобри. Ако сте личност која сака да се грижи за изгледот во смисла на уредност (не мислам на грижа за добри комбинации на облека, посветеност на шминка итн. туку на фактот да не работите во тренерки или пижами😊), тогаш работа од канцеларија дефинитивно ќе придонесе за тоа. 

Според мене, многу често, кога емотивно не се чувствуваме добро, промена на физичкиот изглед или пак дури и мала грижа за него, може да направи чудо во нашето расположение кое пак позитивно ќе се рефлектира во извршувањето на работните задачи. 

 

💡 Лекција #3

Помош и поддршка се многу важни аспекти кои може да ги добиете при работењето од канцеларија. Доколку за вршење на Вашата работа Ви е потребно тоа, тогаш со работата од канцеларија ова е полесно да го постигнете. Бидејќи кога работите од дома изразена Ви е индивидуалноста и функционирате на принципот – јас можам сама. 

Тоа е така, затоа што Ви е потребно да завршите конкретна обврска (целта е само да ја завршите побрзо што можете за да можете да завршите друга работа).

 

💡 Лекција #4

Фокусирана и квалитетна посветеност на родителувањето. Кога работите од канцеларија поминувате помалку време со Вашето дете/деца но заради ова остатокот од времето што ќе го поминете ќе биде фокусирано и полно со љубов. 

Многу често не е важно колку часа поминувате во Вашето родителување, туку тоа да го правите квалитетно и со љубов. Ова е лесно да се прочита, а малку потешко да се спроведе, но реално е така. 

 

💡 Лекција #5

Подобро балансирање на работното време и времето за приватен живот преку нивно одвојување. 

Ова е голема придобивка бидејќи откако ќе се вратите дома, Вие Вашата работа ја оставате во канцеларија и се посветувате на другите улоги во домот. 

 

Кој е Вашиот избор?

 

Читајќи ги лекциите од двете страни се поставува прашањето: Дали работa од дома е привилегија или присилна обврска? 

За да согледате кој е Вашиот избор, препорачувам да си ги поставите следниве прашања:

Како се чувствувам во врска со ова што го работам и за начинот на кој го работам?

Како мислам дека ќе се чувствувам доколку изберам да работам од дома и како ќе се чувствувам доколку работам во канцеларија?

Што чувствувам откако ќе ги одговорам овие прашања и што тоа ми кажува?

Може да си ги запишете одговорите, но и не морате, бидејќи во суштина истите имаат за цел само да Ви помогнат да размислувате и да Ви дадат насоки за тоа што повеќе Ви одговара, и што е многу важно, како Вие се чувствувате во врска со тоа. 

Работата од дома е во суштина способност да се прилагодите на сè и секого (буквално). Работата во канцеларија пак, е способност во точно определено време и услови спроведете точно утврдени задачи. 

Предности и недостатоци имаат и двата модела и нивното остварување во голема мера зависи и од секторот во кој работите, типот на задачи што ги извршувате, па дури и фазата од родителување во која се наоѓате.

Читајќи ги овие лекции, може да си помислите многу е лесно да се каже дека е вака или така. Како родител знам дека во реалноста не е сè како што читаме или како што ни кажуваат и секој ден има нови предизвици со кои треба да се справите како Working Mоm. 

Она што е важно да знаете е дека нема правилно или погрешно. Вие правите најдобро што можете со времето и ресурсите со кои располагате во даден момент. 

Верувајте во себе и во Вашите способности! Грижете се за себе и Вашите потреби секогаш кога можете додека родителувате со љубов кон Вашето дете/деца. 

Мојата порака е: Според кој и модел да работите, најважно е да е Ваш избор и да се чувствувате добро додека работите на тој начин. 🚀

 

Автор: Маја Савеска