Навигација низ работа, мајчинство и страст

Работам во истражувачка маркетинг агенција во центарот на Скопје од понеделник до петок и со овој текст имам мисија да докажам дека можеме да постигнеме сѐ само ако искрено пристапуваме кон сите сегменти на животот. 💯

Да, Вие жените, особено мајките кои надминале безброј пречки за да ја постигнат својата животна цел. И да сте успеале, или пак да не одело според планот, прочитајте ме, Ви се обраќам на сите од срце. 

Моите денови се непредвидливи земајќи предвид дека секојдневно балансирам кариера и работни обврски, водење прифатилиште за бездомни кучиња, следење на предавања за сертификација за дигитален маркетинг на академијата Галексија, и се разбира, семејството чиј дел е и мојата тригодишна Ерика. 

Ерика, мојата мини копија е преполна со енергија. Ми се чини дека поголем дел од нејзиниот живот е БУДНА И АКТИВНА отколку што е спиена. На штрек сум откако е родена, а тешко се станува наутро за на работа ако си легнал 30 минути пред да ѕвони алармот…

Спиењето за нас е далечен спомен, буквално. А тоа знае на моменти да направи непријатно да се чувствуваме сите членови на семејството. Секој предизвик има своја тежина и бара различно ниво на ангажман, како и количина на неопходна енергија за да се надмине.

Во мојот дом, покрај сопругот се разбира, живеат и две кучиња, Макс, 8-месечен џин тежок преку 30 килограми и мојата седумгодишна другарка, ‘табуретката’ Хани. Тие се тие што предизвикуваат безброј анегдоти и смеење на глас во нашето хаотично домаќинство. 🐶

Среде жонглирањето со овие улоги, најдов време да се запишам на Академијата Галексија за Сертификација во областа на дигитален маркетинг преку DMI. 

Учењето и надградбата во мојата професија се од суштинско значење за мене, дури и ако тоа значи откажување од задоволствата на животот додека траат предавањата помеѓу работата, пропуштени семејни викенд прошетки и датумите за ‘цупкање’. 

Балансирањето на работата, мајчинството и личните определби не е мала работа, но мојата тајна лежи во тоа што секоја улога ја прифаќам со ентузијазам и позитивен дух. 

Стоп, не е така. Не во секој момент. ✋

Балансирањето на работата, мајчинството и личните определби не е мала работа. При секоја најмала промена на навиките се чувствувам поразено и преморено. На дневна база тоа го доживувам многупати, само што веќе сум доволно истренирана (ја менувам сопствената реакција на ситуацијата) да се носам подобро со тоа. 

Кога човек ќе се потпре исклучиво на сопствените способности, резултатите се брзо видливи (ова ми го кажаа пред некое време во форма на совет за решавање на конкретен проблем). 

Мојата страст за техно сетовите и фестивалите произлегува од енергијата и атмосферата на подиумот, танцуваш и забораваш на остатокот од околината. Културата на таквите настани е фасцинантна, љубезноста е на прво место. 

Пулсирачките ласери, живописните светла кои се адаптирани на динамиката на музиката и непогрешливата имагинативна енергија што се врти на подиумот во loop се совршена комбинација за мојот начин на refill, бегство од негативни вибрации и инспирација во исто време. Оваа пролет, техно фестивалот во Амстердам на крај на Март е мојата ​​шанса да се ослободам од стегите на секојдневието барем на ден/два. 💃

И додека едвај го чекам датумот на фестивалот, си повторувам во себе дека животните предизвици се можности да ја покажам издржливоста и да ја споделам мојата искрена енергија со светот, но истовремено да научам што повеќе за себе. Мислата ми е – со страст, одлучност, дисциплина и нишка од позитивна енергија, можеме да се надминеме себе си. 

Дали хаос, мајчинство и техно подиум одат во иста реченица? А на кого треба да му е гајле тоа? 

Прифатете го привремениот хаос како репер за периодите и процесите кои природно е невозможно да бидат поинакви. Прифатете го фактот дека залудно се лутите на природен процес, како дете кое расте, што е класичен пример за тоа. 

Остатокот од грижата и силата ми е насочен кон бездомни и болни кучиња кои немаат никој освен нас неколку основачи и волонтери од “Шепасти Ентузијасти” и изградбата и надградбата на прифатилиштето за кое не ми се верува уште дека навистина постои и, да чукнам во дрво, функционира сега за сега. 🙌

Тоа е доста храбар потег во време кога ништо не е сигурно, но ние им ветивме на Шепастите засолниште и си го одржавме зборот. Во исто време е една од одговорностите што носи најмногу грижи, интензивен број на обврски околу здравјето на Шепастите станари на The Barking Lot Shelter, но и најмногу придобивки од емотивно терапевтски аспект кога го поминуваме времето заедно. 

Немам тајна формула, ама почитување на сопствената вредност е нешто најдобро што можете да го направите со себе во поглед на мотивација и резултати на било кое поле. 

Другите веќе немаат време да се обидат да Ви објаснат, веројатно се заглавени меѓу наложениот ритам на животот, старите и вредностите на новото време и силната желба за едноставни моменти на среќа. 

Следете го инстинктот и негувајте интегритет, нема да згрешите! 

 

Автор: Габриела Марковска