Да се биде наставник е прекрасна професија, а истовремено има доста предизвици кога работиш со деца. Како наставник по англиски јазик во приватно училиште, веќе 10 години секојдневно среќавам различни генерации на деца, а со тоа се менува и начинот на работа и пристапот кон нив. Во овие 10 години, „истуркав’’ две бремености до крај (поминати термини и во двата случаи).🤰
Мојата работа за мене лично не е макотрпна физички, бидејќи сум доста активна како личност. Единствено треба да бидам секогаш насмеана и да ги пречекувам децата со раширени раце. Бидејќи поголемиот број на ученици се деца од претшколска возраст, замислувате веќе која енергија треба да се вложи за успешно да заврши еден час.
Првата бременост ми беше пред речиси 6 години и реално немав никакви предизвици во текот на работата. Стануваш, завршуваш некои обврски, одиш на работа, се враќаш дома.
Веќе со втората бременост имаш едно поголемо дете и доста дополнителни обврски за разлика од претходно. Така да, ќе зборувам за предизвиците од мојата втора бременост (која беше претходната година) затоа што оваа бременост ми беше сосема различна од првата, што се вели – како од книга.
Како што веќе спомнав погоре, мојата работа физички не ме изморува, но, овој пат сè што гледав пред очи беше кревет и желба за сон. Едноставно ми се спиеше цело време во првите 3-4 месеци (не дека не бев наспиена) и ми беше доста напорно да ги издржам последните часови.
Работењето втора смена никогаш не ми било проблем претходно, сѐ си завршував рано наутро и спокојно одев на работа. Овој пат, од работа – директно во кревет, што значи не се гледав со пријатели, ниту пак имав сила да одам некаде. За среќа, ова заврши после 4-ти месец.
Термините и на двете бремености ми беа во лето, јули и август, а во нашиот град летно време температурите знаат да бидат и повеќе од 40 степени. Јас не сакав да седам дома, многу сум енергична и постојано се движам, па сакав до последно да си ги завршам часовите. Со првата бременост имав среќа бидејќи тоа лето не беше пеколно жешко.
Но, со втората бременост, топлиот бран започна веќе од мај месец. Жешкото си го правеше своето, хормоните вриеја, нозете ми беа подуени, но си останав како знам активна до крај да си ги испратам децата заедно со доделувањето дипломи.
Малите детски умови се совршени за да ти постават 1000 слатки смешни прашања на коишто нема да знаеш секогаш што да одговориш. Штом забележат дека стомакот се зголемува, забавата почнува: Дали имаш лубеница голтнато? А како го направи бебето? Сега кој ќе нѐ учи нас следната година? Мајка ми има поголем стомак од тебе. А дали твоето бебе е гладно? …….. И на љубопитноста ѝ нема крај.
Ова се случува на крајот 8-ми, 9-ти месец кога прашањата се редат и тешко е да се одржи целиот час без да се избегне таа тема. Но, сепак тоа е и забавно и смешно истовремено.
Сепак, нешто коешто го работиш долги години, а и со многу љубов, не дозволува нешто да се испречи на патот. Предизвици или не, сѐ си помина во најдобар ред.
Второто породилно, решив да си посветам малку повеќе внимание на себе. Што сакам да кажам? Не сакав да заглавам и да се жалам дека имам еден куп алишта за перење или пеглање. Со добра организација, успеав за време на породилното да завршам многу онлајн курсеви, да слушам многу вебинари и да се надоградам себе си.
Се стекнав со многу сертификати и сум горда на себе затоа што си докажав дека и со две деца можам да постигнам многу, дека сега ми е шансата да си отворам нови гледишта и да излезам надвор од комфорната зона.
Овој цитат од Стив Џобс ми беше мотивација, се надевам ќе Ве мотивира и Вас: „Никогаш не е доцна да бидеш она што би можел да бидеш!“
Автор: Маја Вацев
© 2023 Created with love