Дали постигнувањето рамнотежа помеѓу работата и животот е невозможен сон?

Како мајка што работи, преминувањето кон хибриден модел на работење во изминативе 3 години беше навистина трансформативно искуство за мене. Продуктивноста и мотивацијата на работа добија нова димензија кога се споија со флексибилноста да имам можност да си го организирам своето време. ⏳

Самата автономија што ја добив да управувам со работните и домашните обврски, не само што ми ги зголеми моите професионални перформанси, туку ми донесе и чувство на рамнотежа што никогаш не мислев дека е можно да го постигнам.

Враќајќи се неколку години наназад кога моите деца беа помали, постигнувањето рамнотежа помеѓу работата и животот ми делуваше како невозможен сон. Тие рани години беа обележани со постојано жонглирање на сите обврски, но и со длабок копнеж да бидам што е можно поприсутна во времето поминато со моето семејство. 

Денес, работејќи, можам да си го прилагодам својот распоред за да ги исполнувам не само професионалните рокови, туку и моите лични ангажмани. 

Компаниите кои навистина ги разбираат потребите на вработените мајки, препознаваат колку длабоко оваа флексибилност влијае не само на нашата продуктивност, туку и на нашата севкупна благосостојба. 💯

Тие знаат дека ако нè поддржуваат во балансирање на работните и семејните обврски, тоа ќе создаде позитивен ефект на дејствување, што ќе биде од корист и за вработениот и за организацијата. 

На крајот на денот, без разлика дали работиме хибридно или не, она што навистина ми е важно е емпатијата што ја чувствувам од страна на колегите. Мене лично ми прави огромна разлика кога се чувствувам разбрано и поддржано во мојата професионална средина.

Работејќи професија што ја сакам во навистина поддржувачка околина, можам со сигурност да кажам дека сега имам квалитетно време што го поминувам со семејството, напредувам во моето професионално патување со успех и амбиција и што е најважно, горда сум на себе што одржувам здрав ментален дух.

Совети за да бидете посветени родители дури и кога работите од дома

Би сакала да споделам неколку совети и навики по кои јас лично се водам и кои можат да ви бидат повеќе од корисни.

☑️ Поставете граници кога работите, а кога сте со фамилијата

Јасно дефинирајте ги вашите работни часови и времето за семејството. Информирајте ги вашиот работодавец и колегите за овие граници за да се осигурате дека сите ќе ги почитуваат.

☑️ Поставете приоритети на денот и планирајте го времето 

Алатки како календари или списоци со задачи за да го испланирате денот се навистина корисни. Најпрактично е да ги идентификувате најважните задачи за на работа и дома и тие да бидат првите што ќе ги завршите.

☑️ Ако работите од дома, создадете посебен работен простор

Ова помага ментално да ја одвоите работата од домашните активности, па макар дури и кога сте во истиот простор.

☑️ Бидете присутни во моментите поминати со вашите деца

Кога сте со вашите деца, бидете целосно свесни во моментот – тргнете ги мобилните настрана и фокусирајте се на нив. А за време на работното време, посветете им го целосното внимание на вашите задачи.

☑️ Отворено комуницирајте ги вашите потреби

Бидете транспарентни за вашите потреби и ограничувања со вашиот работодавец и семејството. Само така ќе ја добиете поддршката што ви е потребна.

☑️ Грижете се за себе и не занемарувајте ја сопствената благосостојба

Без разлика дали се работи за вежбање, читање книга или едноставно одморање, ставете приоритет на активностите што ве мотивираат, релаксираат и исполнуваат.

☑️ Прославете ги вашите достигнувања, дури и да се мали

Славете ги вашите достигнувања, без разлика дали се големи или мали. Само така ќе останете мотивирани и горди на целиот тој напор што го вложувате.

☑️ Потпрете се на вашата поддршка и побарајте помош кога е потребно

Мене лично, поддршката од најблиските што ја добивав во времето кога работев во смени и без можност за работа од дома, е нешто што најмногу ми помогна да го поминам тој период, но и сите последици што ги носи тој тип на работа врз моето семејство, да бидат сведени на минимум.

Затоа, никогаш не двоумете се да побарате помош – без разлика дали ќе биде тоа од партнерот, семејството или колегите. Тимската работа го прави родителското патување многу полесно.

 

Автор: Кристина Илиевска