Дали за едно дете е најдобро мајката да се откаже од кариерата и да се посвети само на родителството?

Станав мајка на многу млади години – кога сѐ уште студирав. Па затоа мојот пат да изградам кариера заедно се развиваше со мојата улога како мајка. 

Да се биде бремена жена од 22 години, да се полага испити, воедно и да се работи, беше предизвик што не беше ни малку лесен.

Подоцна добив бебе и бев млада жена која што учеше што значи да се биде родител, како да се посветам и правилно да градам врска со мојата ќерка. Магистрирав на Правниот Факултет додека мојата ќерка беше 2 години. 🤱

Тој пат беше тежок, но не би го менувала за ништо. Мојата амбиција значително се зголеми од кога станав мајка поради мојата ќерка која ми беше мотивација за да можам да достигнам сѐ. 

Како  мајка на едно малечко девојче од 4 години, честопати се соочувам со предизвици и со чувство на вина: Дали сум на правиот пат? Дали ѝ посветувам доволно внимание и време на ќерка ми? 👀 

Многу пати сум се соочила со критики и „совети’’ дека за едно дете е најдобро мајката да се откаже од кариерата и да се посвети само на родителството. 😳

Ако кажам дека тие реченици не ми создале грижа на совест и вина би Ве излажала. Верувсм исто како и на Вас. Можам само да кажам дека на едно дете му е потребна среќна мајка. 

Верувам дека со добар баланс и добра организација може да се успее во сѐ. Можеме да бидеме добри мајки и притоа да градиме успешни кариери. 

Сум се соочила со многу предрасуди и коментари како:

❌ „Млада мајка не може да биде добра мајка!’’ 

❌ „Каква мајка си ако имаш работа, никогаш нема да ѝ се посветиш на ќерка ти!’’ 

Кога ја открив платформата „Working mom” се пронајдoв во споделените искуства и согледав дека не сум единствената мајка која се бори со времето, се стреми да гради кариера и воедно да биде добар и посветен родител. 

Мило ми е што гледам како повеќе мајки го рушат стереотипот. Ни покажуваат дека не е грешка доколку сакаме да имаме кариера, но и да бидеме добри мајки, како што е во ред и доколку Ве исполнува само мајчинството. 

Мојата тајна за успешно градење на кариера и посветување на детето е наоѓање на баланс. Времето кога сум на работното место се посветувам на работата и работните обврски. 

Но, кога сум дома, се посветувам целосно на ќерка ми. Оставам настрана сѐ – телефон, лаптоп, буквално сѐ што ми смета за да можам да ѝ ги посветам целосно моето внимание и грижа. 🫴

Мојот ден започнува со план за активностите и обврските за тековниот ден, што се испланирани уште од претходната вечер. Организацијата за мене е најдобриот пријател затоа што кога сѐ е добро испланирано и организирано, работните обврски се завршени професионално, додека во времето што го поминувам со мојата ќерка, можам да ѝ се посветам 100%. 

Нормално дека има денови кога овие 2 работи се косат една со друга, а времето секогаш изгледа како да недостига, но не треба да забораваме дека сме луѓе и дека и тој ден ќе помине. 

Не е лесно да растеш мало човече кое е зависно од тебе и те гледа како свој херој, додека се обидуваш да го постигнеш потребното образование.  

Денес, ние две растеме заедно, без обѕир на годините. Првото дете е секогаш прво, првото хранење, успивање, паѓање, секогаш ќе биде прво и ново, затоа учиме и се надоградуваме со секој изминат ден. 

Најголемата и најдобрата мотивација ми е ова мало човече да има пример за силна жена. Мајка која е посветена и среќна, која успева и во мајчинството и во кариерата.

Не е лесно, но не е и невозможно. Не сте себични ако сакате да се остварите на други полиња освен во улогата на родител. Сѐ можеме да оствариме ако се потрудиме.

Мојот совет кон сите мајки што се обидуваат да се издигнат во овој понекогаш суров свет е: “Да не се откажувате – вие сте борци и во очите на Вашите дечиња, Вие сте херои.” 🦸‍♀️

За крај, на нашите најмили им требаме во најдобрата верзија од себе, за да можеме да пораснеме и воспитаме дечиња кои што ќе се сакаат себеси. 💯

 

Автор: Радица Малиминова