Добра организација на време како најдобар начин за справување со секојдневните обврски и предизвици

Како ефикасно да управувам со моето време? 🕔

Ова е еден од најголемите предизвици за мене како мајка и личност со голема желба за самонадоградување и континуирано учење во полето на проектниот менаџмент и софтвер тестингот како поле за кариерна трансформација.

Жонглирањето со работните обврски и грижата за децата може понекогаш да биде неверојатно тешко. Има денови кога самото тело очајно бара одмор и релаксација. 

Но најчесто, тоа е невозможно, особено кога имаш 2 мали деца од 4 и 6 годишна возраст на кои им е потребно посветеност, работа и љубов.  

Верувам дека секоја жена има денови кога „батериите ѝ се празни“ и кога ѝ доаѓа да се откаже од сѐ. Но, љубовта кон семејството, пред сѐ – кон децата и желбата за само-надоградување се движечка сила што ми дава волја за полесно да се справам со секојдневните обврски. 

Исто така, позитивниот став кон животот и позитивната мисла придонесува многу за нештата да бидат поубави и полесни во оваа напорно и динамично време во кое живееме. 

Секако, денес немаше да бидам тоа што сум без поддршка од семејството и луѓето со кои сум опкружена дома и на работа. За среќа, опкружена сум со луѓе кои се полни со разбирање и честопати наоѓаме заеднички јазик. 🫴

 

Како одржувам рамнотежа помеѓу работниот и личниот живот, грижејќи се за своето ментално здравје?

 

✅ Грижа и време за себе

Понекогаш, иако перидов тоа е многу ретко, се трудам да одвојам време за активности во коишто уживам како топла шолја кафе во самотија, убава книга доцна навечер, пијалак со другарките и секако – повеќе слободно време за патување со семејството. 

Како личност која обожува да патува и да истражува, би сакала да ја пренесам таа пасија и на своите деца.

 

✅ Поставување граници

Воспоставувањето јасни граници помеѓу работата и личниот живот ми помага во намалување на стресот и создавање на побалансиран начин на живот. Тоа значи поставување на одредени работни часови и избегнување на работни обврски надвор од работното време. 

Ова е доста тешко, поготово во период на кариерна трансформација што бара многу работа, посветеност и откажување од некои работи. Се трудам да одвојам што повеќе време за дружење со децата, да растам и да се развивам заедно со нив, затоа што детството нема реприза. 

Малите работи се тие што нѐ прават среќни како семејство и остануваат запаметени засекогаш. 

 

✅ Приоритети во различни животни фази

Концептот на рамнотежа помеѓу работата и животот е субјективен и постојано се менува. Не станува збор за наоѓање статичка рамнотежа, туку за разбирање на нечии приоритети во различни животни фази. 

Како родители, растеме заедно со децата, се менуваме и развиваме заедно со нив. Кога се мали бебиња, потребно и неопходно им е директно внимание и присутност. 

Со растењето се развиваат во личности со свои ставови, карактер и желба за поголема самостојност и донесување на одлуки. 

 

Негување на ставот ЈАС МОЖАМ!

Добра организација и квалитетно и ефикасно поминато време е секогаш најдобриот избор за полесно справување со секојдневните обврски и предизвици. Сето тоа овозможува и поголема посветеност кон работата и семејството. 

Но, има денови кога е многу тешко да се воспостави тој баланс помеѓу работните и семејните обврски. Понекогаш се појавува чувство на вина и тага дека не поминувам доволно време со своите деца или дека работата е недовршена или половично завршена. 

Во тие моменти земам длабок здив и си велам „Јас МОЖАМ!“ На тој начин тешкотијата која ја чувствувам се намалува и продолжувам напред. 💪

 

Автор: Драгица Чобанова