Working mom: Некогаш и сега

Во насока да ги искажам своите мисли и ставови за мајките коишто работат денеска, не можам, а да не се потсетам, на не толку дамнешно време кога и јас за првпат станав мајка.

Мајките коишто работат, независно дали работеле пред 1 деценија или работат сега, се соочуваат со слични предизвици и обврски. Меѓутоа, денес постојат некои разлики и промени во општата динамика на работата и семејниот живот.

Кога би требала да се претставам себе, би рекла: вработена мајка, сопруга, со работно искуство во континуитет во својата втора деценија. 

neda-spasevska

Working mom: НЕКОГАШ

Пред 13 години кога станав мајка на мојот прв син, бев вработена во приватна компанија, кадешто ја градев својата кариера. 

Во моето опкружување имав и колешки мајки коишто со своето искуство укажуваа на сите предизвици со кои тие се соочувале од претходно, се поддржувавме и разбиравме, а понекогаш само си велевме: „Ако успевале нашите мајки – ќе успееме и ние!” 👀

Грижата за децата, социјалните предизвици од перспектива на рамноправност и очекувања од нашето општество генерално, беа поригидно поставени. Некако прифатливо беше мајката да стагнира во кариерата. 

Бременоста и субјективноста во тоа искуство, нè менува како индивидуи, наспроти работните обврски коишто остануваа исти до самиот крај. 

Доењето како предизвик

Еден од најтешките предизвици беше доењето. Немавме часови доделени за доење, па оттука тоа беше дополнителен стресор. Моравме да одиме на работа, секое друго отсуство се сметаше за боледувања и одмор, а тие денови се трошеа и за покривање на истите. 

Мојата работа конкретно зависеше од тоа да бидам присутна физички. Овде сакам да споменам дека тоа беше една матрица и стил на живеење и општо прифатена норма за ефикасност на работа, не и задолжително слика за еден конкретен работодавач.

Сметам дека денес за мајките кои работат, работата од дома и флексибилното работно време е навистина бенефиција. Да ја имавме претходно, истата ќе придонесеше многу. Ќе олеснеше да се избалансираат личните потреби, а за сметка на тоа, да не трпи работниот процес. ⚖️

Воедно кога се децата мали, почесто се разболуваат, имаат потреба и од дополнителна нега. А тогаш, пред една деценија, и нашите мајки работеа. За места по градинките како и денес беше борба. Отсуствата се еднакви на боледување, а финансискиот товар и стресот од сите тие ситуации, најмногу отпаѓаше на мајката како родител, особено ако бебето е доенче.

Дали да се вратам на работа или да останам дома?

Се прашував често: Дали треба да останам на работа? Се доживувам како амбициозна личност и тогаш и сега, но приоритетите се променија. 

Ако се остане дома, тоа за почеток ќе биде одлично и за мајката и бебето или детето. Но, што е со финасиите? Што е со задоволување на потребите за работа и постигнување на кариерните цели? Каде ќе најдам работа? И безброј слични прашања. 🤔

Кога стануваш мајка, кариерата треба да ти стагнира: ДА или НЕ?

Не е далеку од вистината дека на некои интервјуа за работа на почеток во 2000тите нè прашуваа дали имаме деца. Другиот поларитет беше дека јас навистина не се замислував како жена, мајка којашто постојано ќе биде дома. 

Владееше мислењето дека кариерата на една мајка замрзнува на некој период и стагнира. Ќе се сложам дека се менува животот, но не мора значително да значи и стагнација што ќе се прифати како императив. 💡

Додека сме биле на породилно отсуство, нормално дека работата морала да тече и многу од обврските ги наследиле други. Така што и процесот на враќање назад на работното место беше потежок. Веројатно и денес е слично кога ќе се вратите назад на работа со оглед на тоа дека веќе и вие како личност сте се промениле. 

Посакувам да не се случеше пандемија, а сепак некои работни процеси да можеа да се изведуваат онлајн. Свесна сум дека не сите работни позиции можат да се одвиваат онлајн, но ситуацијата покажа дека сепак и асинхроно се извршуваат некои работни задачи. 

Working mom: СЕГА

Дефинитивно нашето размислување и општество се менува. Балансот и рамноправноста полека, но сигурно веќе е тема и практика на многу компании. А со тоа се олеснува инклузивноста како концепт. Драго ми е што резултатите и перформансите на работа не се ценат само со присутност на работното место, туку се мерат резултати. 🎯

Да се биде мајка, сеуште е една далеку неплатена и неценета професија. Но значително имаме подобрувања, па се повеќе сме толерантни кон испадите на бебешки плач додека течат состаноци. 

Се радувам што забележувам дека повеќето од компаниите нудат можност за работа од дома и флексибилни работни часови. Со тоа им помагаат на мајките полесно да ги надминат предизвците што секако се наметнуваат со мајчинството како искуство.

Предизвиците го трасираат патот кон подобрување

Треба да се спомене дека ситуациите и предизвиците можат да се разликуваат во зависност од културните и социјалните контексти и индивидуалните околности на микро или макро ниво. За огромен поздрав се и самохраните мајки, кои и тогаш и сега се вистински борци. 💪

За мене голема предност да се справам со сите потешкотии, тогаш и сега, е поддршката од мојот сопруг со кого се менувавме и ја делевме грижата за нашите две дечиња. 

За крај, би додала дека соодветната поддршка од страна на семејството, работното место и општеството може да помогне мајките успешно да ги надминат овие предизвици.

Автор: Неда Спасевска