Некогаш VS. Сега: Што значи да бидеш Working Mom?

НЕКОГАШ                                                                

Бремена си. Немаш интернет и не се заморуваш со куп стории од типот „Сѐ за мојата бременост“, „Што да јадам за време на бременост“, „Дали е подобро да го дојам или не“, „Породување: природно или со царски рез“, „Како да бидам добра мајка“ и слично.

Едвај наоѓаш некоја книга, ја читаш, фаќаш забелешки небаре наместо на породување ќе одиш на полагање. 😅 И среќна, заклучуваш дека си подготвена на свои речиси 27 години да станеш мајка!  И тоа добра мајка! 

Додека го чекаш денот кога ќе се запознаеш со своето дете јадеш сѐ и сешто и тоа за двајца, оти така требало. Стомакот не го покажуваш оти е срамота. Револуција беа трудничките пантолони и хеланките. 

Се пораѓаш со царски рез не затоа што така си сакал, туку затоа што итно си завршил на операција поради компликации….И најинтересниот дел е што два дена си на интензивна нега без можност да се запознаеш со своето бебе. 😔

СЕГА

Остануваш бремена, па прво објавуваш на Инста, Тик Ток, ФБ и слично, па потоа им кажуваш на најблиските.  

Одма вртиш по 128 илјади сајтови, блогови, портали и читаш сѐ и сешто и правиш „bookmark this tab“ и си велиш – ќе го читам кога ќе треба. Ама тогаш не знаеш дека, кога ќе треба, ќе немаш време за читање. 

Со голема возбуда на Инста, Тик Ток или ФБ, го објавуваш полот и приредуваш забава. Постојано го сликаш и објавуваш твоето прекрасно стомаче и собираш лајкови и се така до денот кога одиш на договорен царски затоа што не сакаш да трпиш болка. 

НЕКОГАШ        

Си доаѓаш од болница среќна и самоуверена дека “јас знам како се гледа бебе”. 

Цврсто си газиш дури цели саат-два додека бебето не почне да плаче без престан иако си го надоила, избањала, преповиткала (со пелени и тоа од оние памучните, големите за кои ти треба обука како да го повиткаш бебето), па почнуваш да го лулкаш, думкаш прво ти, па маж ти, па мајка ти, свекрва ти и сите комшии по ред. Ама НЕ – тоа си плаче. 🥺 

Па почнуваш и ти да си плачеш и си заспивате со мислата „утре е нов ден“. Доаѓа утре ама пак е исто. Па почнува маститис, па температури во пакет за мајката и бебето, па бабите и комшиите не знаат кого попрво да го гледаат и се така додека не излезеш од бунилото и кругот и велиш стоп! Вртиш друг лист и почнуваш да се организираш. 

СЕГА

Доаѓаш дома со принцот/принцезата и сѐ е спремно за најубавата бајка на свет. Исто цврсто си газиш и си следиш упатства од интернет: доколку бебето плаче, а е нахрането и преповиено (со памперс) оставете го да си плаче и по некое време ќе си заспие. 

Бабите се возбудени сакаат да го думкаат ама интернетот вели не смеат, па го гледаат од далечина и си плачат (што од среќа, што од мака што не можат да го земат во раце). 

НЕКОГАШ   

Го доиш бебето затоа што тоа е најдобро за него и почнуваш да му даваш сок/храна уште на 3-4 месеци и ништо не му е. До најмалку 3 години трчаш по него со лажичката и му „буташ“ храна во уста.

Потоа, водиш дебата со поширокото семејство кога да тргне детето во градинка. Бабата не дава и џабе и објаснуваш дека треба да се социјализира, ама некако се нагодувате и на 4 години тргнува во градинка ама не е цел ден, туку само до пред да дојде време за преспивање. 😴

СЕГА

Не го доиш оти тоа не е модерно, а уште неродено, му бараш жена што ќе го чува или пак земаш бројче за чекање на ред за во градинка. 

Не му даваш ништо друго освен млеко до 6-7 месеци, а кога ќе почнеш, го оставаш само да јаде оти така велат на интернет, само да заспие итн. 👀 

НЕКОГАШ   

Заљубен си во својата професија, ти недостигаат рефлекторите во студиото, но чувствуваш грижа на совест и го пролонгираш породилното отсуство. 

Доаѓа и денот кога мора да тргнеш на работа и се чудиш што да правиш со детето бидејќи градинките работат класично, а ти некласично и никогаш не знаеш кога ќе си дојдеш. 

Се снаоѓаш во стилот „повикај џокер“, а џокерот е бабата. Таа е „на дугме“. Стиснеш „дугме“ бабата трча да го земе од градинка, пак стиснеш „дугме“ бабата трча во недела да го чува оти тебе те викнале итно на работа.

И така ти си живееш во светот на телевизијата, а бабата?? Таа е само едно обично „дугме.“  

Па сега имаш двојна грижа на совест. Прво, што си пропуштил битни моменти во растењето на децата и второ, што си дозволил сопствената мајка да има третман на „дугме“. 😔

СЕГА

Имаш можност за „работа од далечина“ или за хонорарна работа (freelance) или народски кажано слободен стрелец и си газиш цврсто во остварувањето на своите идеи без да се грижиш што некој/а мисли за тоа. 

Искрено, на оваа можност најмногу им „завидувам“ на денешните мајки. Сам свој газда за време на бременост во првите години од растењето на децата, е најубавото нешто за една мајка. 

Се разбира, притоа треба убаво да им се објасни на татковците дека и таа мајка што седи и работи од дома има потреба од одмор од детето, па грижата да биде споделена максимално. 

БОНУС СОВЕТ ОД НЕКОГАШ КОЈ ВАЖИ И СЕГА

Мојот почитуван доктор гинеколог кој беше во години и кој ги водеше моите две бремености уште на почеток ми даде еден совет што го споделувам со секоја девојка/млада/идна мајка. 

На моето прашање: „До кога јас можам да водам емисии во студио, бидејќи тоа значеше изложување на стрес, на ТВ рефлектори и останата техника која зрачи?“, ми рече: 

„Жаклина, кариера секогаш можеш да градиш, дете нема да можеш секогаш да родиш!“ 👀

Тогаш можеби не сфаќав, но сега знам што сакаше да ми каже. Нашата најголема и најуспешна кариера е да ги израснеме и да ги воспитаме децата да станат ЛУЃЕ во вистинска смисла на зборот. 

П.С. Ми остана сосем доволно време и за кариерата, па и за усовршување во струката. Денес ги имам Иван и Нина, млади, креативни и слободни во сопствениот избор за градење на живот и кариера. ❤️

Тие денес го имаат светот пред себе, затоа што стекнатите вредности им ги отвораат сите врати. Слава му на Бога за сѐ!   

 

Автор: Жаклина Величковска