Наоѓање на хармонија : Навигирање помеѓу бизнисот и мајчинството

Да се биде мајка и претприемач во исто време е постојано балансирање што бара добра организација, отпорност, прилагодување и секојдневно адаптирање на новите предизвици. 💯

Јасно е дека децата се секогаш приоритет и како мајка, моите денови се исполнети со радост, игра, топлина и безрезервна љубов. 

Но, како да се направи совршениот баланс кога имате одговорна позиција, во мојот случај претприемач, чиј живот е потопен во динамичниот и брз свет на одлуки, стратегии, ризици и предизвици? 

Ова се неколку тактики што мене лично навистина ми помогнале: 

 

✅ Поставете реалистични цели и приоритети

Како успешна мајка на 3 девојчиња, на почетокот не ми беше воопшто лесно и едноставно. 

Со првата ќеркичка, која сега има 5 години започнав бизнис за еколошки производи и пелени за бебиња. 

Додека бев дома – работев. Додека ја доев, пишував меилови и организирав дистрибуција. Цело време правев стратегии за бизнисот кој го сакав тој период. Лана ми беше инспирација и сила за да успеам. 

Кога влегуваш прв пат во улога на мајка, добиваш неверојатна сила. Верувајте – ништо не е потешко и поодговорно од улогата на мама. 🤱

 

✅ Ефикасно управување со времето

Во меѓувреме, кога Лана наполни 18 месеци и целосно бевме затворени дома поради COVID-19, јас започнав да работам како Извршен Директор за компанија со седиште во Норвешка. 

Во тој момент, имав флексибилно работно време и поголем дел од денот поминував со Лана. Подоцна, кога обврските почнаа да ми стануваат доста динамични, вработив дадилка која ми беше неопходна во моментите кога имав онлајн состаноци и слично.

 

✅ Отворена комуникација 

Одржувањето на отворена и чесна комуникација со работодавачот, колегите и семејството е од особена важност во целиот процес. Пред да ја прифатам работата, имав поставено јасни граници и не сакав да работам по секоја цена. 

Во периодот на COVID-19 ни беше наметнато да работиме од дома, така што за мене тоа беше еден доста олеснителен процес.

 

✅ Делегирајте и побарајте поддршка

Не се плашете да делегирате како работни задачи, така и домашни задачи. Кога имате јасно поставени цели и организација на вашето време, си олеснувате во целиот процес на делегирање. 

Сите сме свесни дека поддршката од семејството, или пак вклучување на надворешно лице за помош дома е од исклучителна важност. 

 

✅ Флексибилни работни уредувања

Дигиталната ера во која што живееме ни нуди низа на можности каде можеме да се насочиме. Сигурно ќе се пронајдеме во нешто што нѐ прави исполнети, среќни и најважно – ни дава приходи. 

Имаме работа со флексибилно работно време, курсеви што можеме да ги искористиме за надоградување на нашите вештини, знаења и сл. 

Кога немате опција за работа во смени, едноставно не работите. Треба да ги кажувате и пишувате Вашите услови, па доколку на некој работодавец тоа му одговара, ќе Ве ангажира. 

Во мојот случај, имам флексибилно работно време. Некои денови навистина се работи комбинирано од 9 до 15, па потоа од 20 до 22 часот. Но, сама си го креирам работното време според мојот животен тек и распоред. 

Кога работите на проекти, флексибилното работно време е од особено значење и е супер за една мама. 

 

✅ Поставување на граници, фокус и приоритети 

Тука, многу е важно да разјасниме дека кога е време за работа имаме фокус и сите мисли и енергија ни се насочени таму. А кога сме со семејството и децата, се фокусираме кон нив и сме присутни како физички, така и психички. 

Запазување на редот и тие здрави граници мора да постојат и во однос на тоа кога се јаде, кога се спие и слично. Организацијата на времето, како за нас така и за нашите малечки е од особено значење. 

 

✅ Грижа за себеси 

Грижата за себеси се однесува на сѐ што правите за да одржите ментално, емоционално, физичко социјално и духовно здравје. 

Доколку не практикуваме редовна грижа за себе, ја ризикуваме нашата благосостојба и ќе се чувствуваме исцрпени и незадоволни од самите себеси. 

А најважно нешто во нашиот живот е признавањето на самите себеси дека е во ред да не се биде совршен цело време. Ако се сакаме и бидеме љубезни кон себе, тоа ќе доведе до поголема среќа и опуштање. 

Сакајќи се и прифаќајќи се себеси, можеме да изградиме издржливост, да негуваме поздрави односи и да живееме поавтентично. 💪

 

✅ Квалитет vs. квантитет

Фокусирајте се на квалитетот на времето што го поминувате со Вашите деца. Направете ги моментите значајни за паметење, играјте и прошетајте заедно.

Заборавете на мобилните уреди и правете активности што ќе ги направат децата среќни, но и ќе им покажат како изгледа една среќна и успешна мама.

 

✅ Бидете прилагодливи

Животот е непредвидлив, работите се менуваат, децата растат, ние напредуваме и плановите ни се менуваат. Наоѓањето на правилна рамнотежа е процес што трае и често се менува. 

Но, во ред е да го рекалибрирате својот пристап, да продолжите со позитивни мисли, да се прилагодите според Вашата конкретна ситуација. Во ред е да сте уморни, ненаспани, нервозни, да се чувствувате исцрпено и немоќно. 

Но, тоа се периоди што ќе нѐ научат дека во животот ништо не е лесно. Без разлика на ситуацијата во која моментално се наоѓате, кога се сака нешто, ќе успеете успешно да навигирате помеѓу мајчинството и кариерата.

 

Децата ни даваат неверојатна моќ и желба да создаваме и да сме поуспешни од тоа што сме 

Со оваа перцепција и жонглирање со обврски и 3 деца, од кои 2-годишни близначки, научив дека сите предизвици биле периоди што поминуваат и ми даваат неверојатна глад за успех и личен развој.

Затоа, верувам во сите Вас неверојатни мајки, жени, кралици. Ајде да се поддржиме заеднички за да можеме да одиме само напред. 

Да сме добри и здрави за нашите дечиња, но најважно – да се сакаме себеси и да сме добри пред сѐ за себе!  ✨

 

Автор: Лолита Цимеркова