Мојата формула за успех работејќи во 2 различни средини: во друг град и од дома

Јас сум Елена од Куманово, мајка на 7-годишно момче и 3-годишно девојче. По професија сум економист, моментално вработена во американската компанија Shortlister како Финансиски Менаџер. 

Предизвик #1: Working Mom со работа во друг град

Моите предизвици како Working Mom започнаа во 2017-та, кога се вратив од породилно отсуство на работа во една компанија во Скопје каде што патував секојдневно. 

На 9 месеци, го оставив моето мало момче на чување кај мајка ми, која за среќа, во тој момент беше невработена. 🤱

Моето работно време беше од 8:30 до 16:30 часот, но земајќи ги во предвид сообраќајните гужви во главниот град, ми требаа уште 2-3 саати поминати во возење, што значи вкупно 10-11 саати отсуство од дома. 

За бебе од 9 месеци коешто пиеше само мајчино млеко и беше алергично на сите други видови на млекo – тоа беше предолго отсуство од дома. 

За мене, најголемите предизвици во тој период беа следниве: 👀

  • Доење само наутро и навечер;
  • Недоволното спиење преку ноќ затоа што бебето така ја надоместуваше потребата за мама и се будеше по неколку пати во текот на ноќта;
  • Станувањето рано и возењето до Скопје и назад (околу 100км на ден);
  • Работата со калкулации и бројки пред компјутер каде што е потребно многу фокус, концентрација и одговорност;
  • На сето тоа, добив унапредување во компанијата на повисока и поодговорна позиција, што на моменти ми беше поголем товар, но и поголема мотивација да издржам; 
  • Тука е и моментот со разни болести или повреди на детето, кога само ќе ти се јават и ќе ти кажат дека не му е добро, но ти не можеш да излезеш веднаш ниту да стигнеш за брзо време и да бидеш со него. 

 

Решението на сите овие предизвици како Working Mom со работа во друг град е да имаш голема поддршка, најпрвин од својот сопруг, а потоа и од останатите блиски во семејството коишто секогаш се на првата борбена линија и се трудат максимално да го надоместат отсуството на мајката. 🫴

За да бидеш успешна и да се носиш со сето тоа, мора пред сé да се грижиш за себе, да бидеш фокусирана на приоритетите, многу истрајна и секако – многу да го сакаш тоа што го правиш (и работата и родителството). 

Јас во тие моменти кога живеев со најголема брзина и кога мислев дека не може да биде потешко или покомплицирано, доживеав многу успеси, извојував многу победи и научив многу работи. 🚀

 

Предизвик #2: Working Mom со работа од дома

Следниот предизвик почна во 2020-та како мајка на две деца во време на пандемија. Периодот го поминав во карантин, на ново работно место, во нова компанија, со remote work (работа од дома). 

Во прв момент, работата од дома се чинеше како најдобра опција, затоа што отсуство по 10 саати од дома со две мали деца коишто имаат многу потреба од мајка во тој период од животот, не беше тоа што јас го сакав. 

Сметав дека моето место со 4-годишно дете (кое едвај ја прифаќаше градинката) и бебе, во време на пандемија е дома, покрај нив. ❤️

Иако кариерниот успех во тој период од животот одеше по нагорна линија, приоритетите ми беа на страната на домот, семејството и децата.

Најголемите предизвиците со кои јас и мојот сопруг се соочивме во тој период беа овие:

  • Потребата за внимание на поголемото дете;
  • Ново работно место што бараше премногу посветеност и жртва од моја страна;
  • Повеќе работни часови од планираното;
  • Бебе-доенче со свои потреби;
  • Хронична ненаспаност;
  • Пандемија, болести и карантини… 

 

Решението на предизвиците како Working Mom со работа од дома, повторно лежеше во огромната поддршка од сопругот, како и силна истрајност, дисциплина и љубов кон работата. 

Поставување на приоритети и добра организација се секогаш важни за решавање на сите предизвици. Јасно утврдување на време за себе, време за работни обврски и време за децата е многу битен фактор. 

Иако понекогаш има денови кога истите не можат јасно да се одвојат, бидејќи има бебе кое е болно, има потреба од гушкање со мајка му, која пак истовремено има фактури за книжење кои се со рок за истиот ден. Па, тогаш работата се завршува со бебето во раце. 🤱

Меѓутоа, за тоа е потребна вештина за апсолутна концентрација на работата и способност за мултитаскинг со многу јасен фокус и одговорност, што благодарение на моето долгогодишното искуство, но и пред сé на мојот карактер – се едни од моите најголеми вредности и причини за мојот кариерен успех.

 

Најдобрата формула за успех

И се разбира, после дождот секогаш доаѓа сонце! 🌞

Да се биде Working Mom со работа од дома, со две деца и со сите можни домашни обврски е можеби тешко и напорно, но во исто време е возможно и многу убаво доколку: 

  • Знаеш да се организираш со приоритети;
  • Си дисциплинирана, истрајна и максимално посветена на она што го работиш во тој момент (дали пишување домашна задача и играње со децата или работа во финансии);
  • Уживаш во својата работа и во родителството;
  • Имаш поддршка од работодавачот и од семејството (јас конечно пронајдов компанија што навистина ги разбира и се грижи за вработените и за вистинските вредности).

 

Флексибилното работно време и место, според мене, се најдоброто нешто што можеше да се измисли за сите Working Moms, па и општо за луѓето коишто сакаат и знаат да воспостават work-life баланс. 💡

Денес, работам од каде сакам, го организирам денот како сакам, имам време за моите најблиски, и најбитно – имам време за себе. 

Имам време да испијам кафе кога сакам и колку време сакам, да вежбам во фитнес клубот во кој термин сакам, да седам на терасата од станот или можеби некаде во природа и да си ги организирам мислите и обврските. 

И можам нескромно да кажам, дека денес сум успешна и во кариерата и во родителството! 🙌

 

Автор: Елена Јовановски