Здраво, јас сум Софија и мислев дека одам на одмор, а не на породилно 🙃 … Ова е мојата приказна.
Накратко за мене. Јас сум Софија, дипломиран економист кој работи повеќе од седум години во маркетинг секторот, претежно во компании од ИТ индустријата.
За разлика од повеќето жени кои ги следев на Instagram кои се качуваат на Водно до 42-та недела од бременоста, јас немав толку гламурозна бременост: повраќање секој ден до 20-та недела, селидба, смрт на блиска личност, вирус и температура вклопени во интензивен период на работа со промена на менаџментот, работа на нова веб страна, нови очекувања, и врвот на сѐ – покачени 17 килограми поради кои мислев дека се тркалам, а не дека одам. Може да се каже слободно дека кога влегов во 9-ти месец веќе едвај чекав да се породам.
Повеќето луѓе што ме знаат, знаат колку сум организирана и дека имам листи за сѐ. Се сеќавам на последните недели од бременоста кога мислев дека релативно сум спремна за сѐ и кога разговарав со колешки од работа дека додека сум на породилно ќе имам време, ќе се надоградувам, ќе работам на себе, ќе земам неколку курсеви и така натаму… си мислев дека одам на одмор, не на породилно.
Си имав план: состаноци, предавање на работата, па одмор, породување, и после породилно. Ама во реалноста не може сѐ така да помине.
Последен работен ден завршувам со сè, гасам лаптоп, одам на преглед и докторката ми вика „Софи, те чекам утре во 9 часот наутро 😅.“
Тогаш сфатив колку не сум спремна. Ама спремна, неспремна бебето дојде на овој свет. Се роди моето синче Демијан и сè се смени од корен.
Си викав не ми треба помош, можам сѐ сама, само да си одиме дома и ќе си го фатам редот.
Од сите видеа на YouTube и книга на подарок што ми ја дадоа, мислев дека знам сѐ и дека ќе се снајдам. Огромна среќа што бебето е прекрасно, не плачеше многу, па можев да се грижам за него без премногу стрес.
Но, пак нешто фали. Тука те удира реалноста на огромната промена што се случила:
🤔А што е со мене, со моето време?
🤔 Кога да пијам кафе? Кога да гледам reels на Instagram, кога да се бањам без брзање или грижа на совеста?
🤔 А што правиме со тоа што си го планирав? Со листите?
🤔 Кога да седнам и да ги слушам Udemy курсевите што ги планирав?
Викаат дека главен фактор за нееднаквоста во напредување на работа помеѓу мажите и жените е токму тоа, породилното отсуство, и тоа што жените девет месеци на некој начин мора да се фокусираат на друго нешто, поважно, и професионалниот развој да го стават на последно место.
Многу жени исто така чувствуваат притисок дека ќе бидат заменети на работа затоа што не можат да се посветат и да напредуваат со исто темпо како порано.
Сега кога знам како е, и кога знам дека породилното не е одмор, капа им симнувам на сите мајки што секој ден даваат максимум, стигаат секаде, кои и покрај сѐ, се успешни професионалци.
Ако си како мене, амбицијата те тера да туркаш и да имаш потреба од нешто повеќе, за да ги импресионираш сите колку повеќе можеш да направиш и да постигнеш.
Затоа, со години жонглирав помеѓу повеќе работни позиции (истовремено работев повеќе работи: една со полно работно време, друга со пола работно време и плус неколку други freelance проекти).
Па почнав со листата, ги започнав курсевите од Udemy и следење на LinkedIn секој ден што има ново. За 8ми Март добив подарок музички инструмент укулеле, па додадов и видеа за и тоа да го вежбам, и ми одеше добро со тоа темпо две недели… можеби… две недели. Си кажав секој ден пет минути до пола саат е супер.
Хахаха, како да не. Втор пат ме удри реалноста во глава. 🤦♀️
На почетокот беше предвидливо, бебето спиеше 2-3 саати, сега не е така. Сега бара повеќе внимание, останува буден, треба да го занимаваш за да се развива правилно. На крај, кога ќе заспие, ми доаѓа желба само да гледам во телевизорот и ништо да не правам, на ништо да не мислам.
Ми се случуваше кога ќе почнам да гледам видео од некој курс каде што презентираат некоја алатка, да почне да плаче па да морам да престанам, или ако забележам дека ми лета паметот на друго место, да го враќам назад делот што сум го пропуштила.
Сè додека на крај не си реков: Зошто се форсираш толку? Кој сакаш да импресионираш? Што мислиш дека ќе постигнеш? 😣
Во принцип ништо не беше како што замислував, не бев задоволна со самата себе.
Кога ништо не е како што треба, значи треба да се почне од почеток. Ако нешто не оди, треба да се евалуира зошто не оди.
Во мојот случај, јас си ставав притисок сама на себе. Имав непотребна грижа на совеста кога не одеше така како што сум замислила, сè додека не сфатив дека освен себеси никој друг не ми е важен за да го импресионирам.
Успехот, надоградувањето и самодовербата ќе си дојдат дури и ако сè тече органски, па го баталив стариот принцип на организација каде што сѐ мора да е дел од листа, планирано, пет минути – макар и на сила. Не повеќе.
Си дадов време да се адаптирам на улогата на мајка прво, па пропратно кога станува збор за грижа за себе каде што го вклучувам и развојот, учење нови работи, останување во тек со сè што се случува. Ги приорeтизирав сите работи кои ми беа важни, но најбитно, без форсирање и грижа на совеста.
Може да е пет минути во цела недела додека работам друго нешто истовремено, како на пример пеглање, ама главата да ми е таму, да ми е интересно тоа што го слушам, да се чувствувам убаво, да сум среќна пред сè за себе, па после да се пофалам пред другите, на пример на LinkedIn, ако треба. На крајот на денот, зошто па и да не се пофалиш за секоја мала победа? 🏆
Тука би сакала да спомнам дека многу е битна и поддршката од кругот на луѓето што се околу мене: партнерот, поширокото семејство, пријателите, колегите.
Да можеш без грижа да отидеш на настан на настан организиран од Women in Tech Macedonia, па таму да видиш нови трендови, да научиш нешто ново, да слушнеш какви предизвици имаат другите.
Од многуте работи кои мислев дека ќе успеам да ги направам изминативе неколку месеци до тука стигнав на патот. Листата е заборавена, а фокусот кога станува збор за професионалниот развој се сведува на тоа – што мене ми е интересно, битно и ново, и секако сѐ оди бавно и органски, без брзање.
Мојот совет до сите мајки е дека на крајот на денот, бавниот успех, е сепак успех. Никој не ти става притисок, сама си го ставаш на себе.
Само потсетувај се себеси дека добро ти оди и само продолжи така, со свое темпо и без грижа на совеста, другото сè ќе си дојде само по себе. 🚀
Автор: Софија Танчева Захариева
© 2023 Created with love