Менталното здравје на мајката - столб за благосостојба на целото семејство

Менталното здравје на мајките кои се обидуваат да ги балансираат обврските помеѓу децата, домаќинството и кариерата често се занемарува. 🥺

Општеството го гледа тоа, како нешто што “природно” треба да се случи кога жената ќе ја добие најважната улога во животот – да биде мајка, што го става детето над неа. Сепак, важно е да се напомене дека на тоа дете му е потребна здрава, исполнета и задоволна мајка. 

Како поддржувач на менталното здравје, верувам дека треба да се работи на поголемо освестување за неговото значење и да ја прифатиме работата на себе како најважен животен проект што треба да го работиме со радост.

Периодот на породилното отсуство за многу мајки е осамен и изолиран, исполнет со големи телесни и животни промени. Тоа често завршува со враќање на работа, што претставува повторно нова транзиција во која бебето треба да биде оставено на згрижување – дали во градинка, со дадилка или со баба и дедо. За мајката, тоа значи отсуство од домот од најмалку 8 часа. 

6 чекори за да си за сочувате внатрешната благосостојба како мајки

Како мајка на две ќерки, една од 10 години и една од 18 месеци, сакам да споделам некои чекори и со останатите сегашни или идни мајки кои се вработени, што јас ги превземам за да ја сочувам својата внатрешна благосостојба. 

Се надевам дека можеби некоја од вас ќе препознае добра идеја што ќе сака да ја примени за себе: 

 

☑️ Време за себе, секој ден, без исклучок

Без оглед колку е тоа кратко, 15 минути на ден можат да направат огромна разлика. За мене, тоа време е посветено на различни активности – од пиење кафе сама со себе, читање книга, слушање поткасти, работа во кујната или шопинг, до кратка прошетка со слушалки, каде што уживам во музика или поткаст. Тоа е мој начин да се опуштам и да наполнам енергија. 

 

☑️ Планирање на неделното мени, набавка на намирници и одржување на домот

Ова ми помага да останам организирана и ми овозможува да заштедам време, што е од големо значење во секојдневието. 

 

☑️ Грижа за себе 

Секогаш, дури и додека бев на породилно, се трудев да ги почитувам рутините за нега што ги имам воспоставено. 

Првата дремка на бебето обично ја користев за средување на лицето и косата, облекување чиста и уредна облека, која не е пижами, и минимална шминка. Сево ова ми дава едно чувство на самопочит. 

Сега кога сум веќе на работа, практикувам да станам барем половина час пред сите, да испијам чаша топла вода, суплементи како колаген, омега 3, витамин Д, да имам рутина на кожа, шминка, уредна коса, па дури и кога работам од дома. 

Грижата за себе ја гледам и преку избор на балансирана исхрана и активност, макар тоа било пешачење секој ден како и приоретизирање на добар сон (не е секогаш возможно со мало дете, знам, но затоа добра организација со партнерот е суштинска). 

 

☑️ Поставување рутини и правила во семејството

Имаме утврдени правила кои сите ги почитуваме. Сите членови на семејството учествуваат во создавање на истите, каде што ги разгледуваме придобивките, но и последиците ако не се почитуваат. 

Едно од правилата е заеднички ручек секој ден, што е многу важно. На крајот од работниот ден, седнуваме сите заедно и ги дискутираме случувањата од денот. 

 

☑️Активности за викенд

Ова е одличен начин за поврзување со семејството. Без разлика дали станува збор за прошетка во парк, во природа или во трговски центар, поминуваме квалитетно време заедно. 

Се трудиме да го одржуваме домот во текот на неделата, па викендите се резервирани за релаксација и заедничко уживање. 

 

☑️Време со партнерот

Ова е многу важен аспект кој често знае да биде занемарен кога ќе дојдат деца и се влегува во еден вртлог од активности од кои се чини дека немаат крај. За мене поддршката и разбирањето од партнерот се движечка сила за сѐ што спомнав погоре, па затоа се трудиме да приоретизираме и заедничко време сами. 

Кога децата ќе заспијат, партнерот и јас заедно ги подготвуваме оброците за следниот ден и ја средуваме кујната. Потоа, посветуваме барем еден час каде правилото е да не разговараме за децата, туку за теми кои ни се од личен интерес или идни планови.

Во последниве месеци воведовме нова практика. Бидејќи немаме надворешна помош од никого и не можеме да си дозволиме вечерни излегувања ако не се однапред испланирани, моравме да ја ангажираме дадилката екстра. Па така еден ден од месецот земаме слободен ден од работа, додека децата се згрижени во училиште и со дадилка и го минуваме времето заедно надвор од дома, во активности кои не релаксираат и полнат со енергија. 

 

Порака до сите сегашни и идни мајки

Ајде да ги смениме наративите кои се наследени со генерации, а не ни носат ништо добро! 

Не, не сте ниту себична ниту лоша мајка ако ги изразувате своите потреби и одвојувате време за нешто што ве прави исполнети и среќни. За да можете да ја имате потребната енергија за раст на тие мали човечиња, потребно е прво вие да се наполните со енергија. 

Вашите деца се ваша слика, затоа покажете им преку личен пример како да се сакаат и почитуваат себе си во иднина. 💪

 

Автор: Ивана Јаневска