Working Mom на Неделата: Мартина Анѓелковиќ Апостолоска

Кога стануваме мајки, сфаќаме дека многу нешта не се толку приоритетни како што сме мислеле порано. 🤷‍♀️

Но, од друга страна пак, често знаеме и да претераме, да се исфорсираме најчесто на наша штета за да ги завршиме сите обврски во денот, а потоа кога треба да им посветиме време на децата – да бидеме крајно исцрпени.

Мартина Анѓелковиќ Апостолоска ни покажува дека дури и кога имаме одговорна професија како адвокат, треба да бидеме дисциплинирани и да не го погледнеме службениот телефон или да ја провериме електронска пошта во времето наменето за семејството. 

„Секој ден правам листа на обврски – како за работните, така и за домашните обврски.  Оваа листа постојано ја надополнувам или ја менувам во зависност од она што во моментот е приоритет, што е завршено, што е одложено и слично. Се трудам да сум максимално организирана и да го менаџирам времето, да не си задавам премногу обврски што реално не можам да ги завршам во еден ден, за да не чувствувам постојан притисок. Моето правило е – работата се завршува во работното време. Понекогаш се борам сама со себе да не го погледнам службениот телефон и да не отворам електронска пошта во времето наменето за семејството. Но, затоа се трудам во работното време да сум максимално посветена и продуктивна за да не си оставам незавршени обврски што ќе ме “прогонуваат” во слободното време”. 💡

Реинтеграција назад на работното место по породилно отсуство, немање доволно слободно време, недоразбирања со колеги/претпоставени коишто немаат деца, страв дека ќе работиш прекувремено, се само дел од најголемите предизвици за родителите, смета Мартина.

Таа решението го гледа во следново: ⬇️

„Поголема флексибилност за работа од дома и флексибилно работно време! Една идеја што веќе некое време ми се врти во глава е отворање градинки во склоп на компанијата, како што сме гледале по америчките филмови. Сметам дека на овој начин, би им се олеснила интеграцијата назад на работното место на родителите и би се намалил притисокот што го чувствуваат, како и грижата на совест за изгубеното време со децата”.

А најголемиот предизвик што таа лично го искусила како Working Mom е времето потрошено во патување до работното место и назад.

„Пред некое време започнав да работам делумно од канцеларија. Со отсуството од дома во текот на работно време се помирив, но со оглед на тоа дека не живеам во истиот град каде што работам, времето потрошено во патување сѐ уште ми е голем предизвик. Често чувствувам грижа на совест за тоа што отсуствувам од дома повеќе од што “треба”. Ме тешат моите пријателки кои се Working Moms и сопругот, кој секогаш ме потсетува дека сум добра и посветена мајка, иако јас често заборавам на тоа”.

Токму нејзиниот сопруг ѝ е најголемата поддршка и партнер во секоја смисла на зборот. ❤️

„Најчесто кога ќе завршиме со работа (и службена и домашна), одвојуваме време за планирање на идниот ден. Листите со обврски ги правиме заедно и ги делиме обврските за да можеме да завршиме повеќе, а сепак да си дозволиме доволно време што ќе му го посветиме на нашето дете секој ден. Двајцата работиме од дома и сами се грижиме за нашиот син. Благодарение на неговата посветеност, јас можам во текот на работното време да бидам целосно фокусирана и посветена на мојата работа”.

Дополнително, овде се и нејзините пријатели коишто имаат деца на слична возраст како одличен извор на информации и поддршка.

„Следам повеќе едукативни профили на Инстаграм, најчесто на педијатри коишто поставуваат содржини за развојот на децата. Монтесори методите ги учам преку книги и преку информации што ги наоѓам на интернет. Но, би рекла дека најдобриот ресурс се пријатели коишто имаат деца на блиска возраст. Дополнително, се трудам да се посветам и на моите хобија, да готвам, да печам колачиња и други десерти, да планинарам, да слушам гласна музика во кола, да вежбам заедно со сопругот и секако – да издвојувам време за кафе/чаша вино со другарките”. 🍷