Working Mom на Неделата - Марина Стојановска

Уморот по непроспиена ноќ и болно дете се едни од најголемите пречки за вработените родители. Тоа се моменти кога работиш со намалена концентрација, додека мислите постојано ти лутаат кон добросостојбата на детето. 👀

Но, во тие моменти, го вежбаш својот фокус и го даваш максимумот од себе со лимитираното време и ресурси што ги имаш на располагање.

Марина Стојановска вели дека дел од нејзините најпосветени, највредни и најуспешни колеги се родители, а на долги стази, ретките моменти кога се уморни и загрижени не се рефлектираат на успехот на тимот, бидејќи за сѐ што се сака, се наоѓа начин. 

„Компаниите можат да им помогнат на своите колеги и колешки родители да ја добијат поддршката и флексибилноста што им е потребна со воведување на флексибилно работно време по потреба и со одобрување на платени отсуства. Но исто така многу се важни и редовната комуникација и разбирањето од страна на претпоставениот. Често на родителите им требаат мали работи – како на пример да бидат слушнати и разбрани. Тоа дава често голема мотивација и волја за работа”. 

Марина вели дека често посакува да има двојно повеќе време на работа и време дома. Но и во овие ситуации таа е свесна за своето отсуство. Тоа го прави со поголема цел – за тие имаат подобра иднина и посреќна мајка, која ќе им надомести со дупло повеќе позитивна енергија кога ќе заврши со задачите. 👨‍👩‍👧

„Кога сум на патувања, се трудам секој ден да се видиме на камера. Им снимам пораки, а и тие ми снимаат мене што им се случило интересно во текот на денот. Како што растат, станува полесно да останеме поврзани бидејќи можеме повеќе да комуницираме, а и тие повеќе разбираат. Понекогаш на големиот син му оставам мотивациони пораки напишани специјално за него, да има нешто позитивно од мене што ќе го води низ денот”.

Таа е личност што ужива да си го организира времето. За неа правењето to-do листи претставува забава и задоволство. 

„Секојдневно низ мојот дом може да се начекаат разни ливчиња со списоци за денот, за неделата, за месецот. Овде се и пораки на таблата што служи за нешто фино да се нацрта, а кај нас дома се моите планови. Тука се и алармите и потсетниците на телефонот. Работниот ден не можам да си го замислам без постојано да го имам отворен календарот, кој освен со состаноци е полн и со време за фокус и задачи што си ги додавам сама за себе. Се трудам да се држам до времето што ми е испланирано за задачата за да не трпат следните, но не се осудувам и ако нешто мора да се премести за друг ден поради поитни непланирани обврски”. 

Најголемата поддршка ја гледа во својот сопруг. ❤️

„Тој е навистина мојот најголем навивач. Отсекогаш верувал неизмерно во мене за било кој предизвик. Дури и кога јас не можам да видам ниту 10% од нешто да се реализира, тој отсекогаш бил сигурен дека тоа и уште повеќе ќе успеам да го постигнам. Не сакам да речам дека “ми помага“ во домот и со децата, бидејќи навистина во сите активности сме и двајцата подеднакво присутни, дури и на моменти повеќе тој бидејќи јас често имам службени патувања и понежно здравје. Тука се секако моите родители, а до скоро беа со нас и свекор ми и свекрва ми. Ние навистина сме како поговорката „Потребно е село за да се израсне дете“. Ни се наоѓаат околу домот, често околу земање и носење деца на активности, кога се настинати итн. Ние се трудиме секогаш да помогнеме и да возвратиме најмногу што можеме. Мајките поготово секогаш ме охрабрувале да присуствувам на сите настани вон работното време, активности, семинари, патувања, бидејќи со ова ќе си помогнам дополнително во професионалниот развој, а и ќе се забавувам”. 

Мотото според кое таа се води е максимална посветеност на работните задачи, а по завршување на работното време, исто толкава посветеност на децата и сопругот, затоа што и тие го заслужуваат најдоброто од нејзе.

„Затоа што добро го разбирам поимот „време“, за мене периодот од 9 до 5 е време во кое сметам дека мојата концентрација припаѓа на фирмата и дека не е фер ниту една минута (освен паузата за ручек) да биде посветена на било што друго. За мене и ова време е кратко, затоа што секогаш има толку многу работи што сакам да ги направам и навистина секој ден сум возбудена за работниот ден. Тешко е кога некој од семејството е болен, но за среќа во тие моменти имам големо семејство на кое можам да сметам и се организираме добро. По завршување на работното време, сакам да сум исто толку посветена на децата и сопругот затоа што и тие го заслужуваат најдоброто од мене. Во организација со сопругот, можам да си дозволам време за себе, да се одморам, да наполнам батерии. Ако сум преморена и испразнета, никој не може да расте со мене, ниту децата ниту тимот ниту јас самата. Некогаш кога нешто ме мачи по завршувањето на работното време, сум имала и неколку непроспиени ноќи поради неразрешени ситуации и предизвици на работа. Но, има момент кога знам да си речам „стоп“, да си поразговарам со себе дека ова не е во ред и да се вратам во реалноста дека ништо не може да биде толку страшно и дека за сѐ има решение”. 

Најголем предизвик со кој се соочила како Working Mom е враќањето од породилно во Ковид lockdown, со исклучиво работење од дома и справување со чувствата на изгубеност и безнадежност.

„Моето отсуство од работа траеше една година. Голем предизвик беше да си ја вратам улогата назад додека во меѓувреме имав замена тим лидер (која беше прекрасна личност, морам да напоменам, да не ме сфатите погрешно), неколку нови вработени, неколку нови клиенти и значителни промени на продуктот и начинот на работење. Неможноста долго време физички да се видам со тимот, значително ми ја отежни ситуацијата. Се чувствував изгубено и безнадежно на почетокот. Сакав прво да научам сѐ што сум пропуштила за продуктот и клиентите, додека еден ден не сфатив дека тоа не е тоа што ѝ е најмногу потребно на мојата организација од мене како тим лид/менаџер на оддел. Решив како приоритет да си поставам под итно враќање на конекцијата со моите луѓе! Закажав редовни 1:1 состаноци со сите и ги слушав долго додека не почувствував инспирација дека можам да предложам и имплементирам позитивни промени за сите”. 

Но, денес таа многу добро ја научила лекцијата дека за да биде успешна и посветена мајка и професионалец, треба најпрвин фокусот да го стави на својата добросостојба.

„Со текот на годините, чувствувам дека ми е потребно повеќе одмор пред сѐ. Време да бидам сама со себе е нешто што значително ме полни. Тоа време обично започнува со многу гласна музика, играње и пеење. 😀 „Да се вратам на себе“, велам често. Обожавам да читам претежно литература од областа на психологијата, со акцент на позитивна психологија. Од пред две години ги открив благодетите на медитацијата која стана дел од моето секојдневие. А од пред година дена, сфатив колку вежбањето делува пред сѐ позитивно на духот, а потоа на телото, и станав зависник од теретана”.

Таа смета дека ресурсите од областа на позитивна психологија можат да помогнат на секого како родител, но и во работна средина, особено ако професијата е поврзана со комуникација со луѓе.

„Ги издвојувам книгите „Ти си ѕвер“, „Барај и ќе ти биде дадено“, „Лидер без титула“ и сѐ од Ана Бучевиќ и Абрахам Хикс. Се сеќавам дека книгата „Свесно мајчинство“ од Нада Бучевиќ ми беше многу корисна пред и по раѓањето на моето второ синче. „Се викам мама“ од Јелица Грегановиќ е одлична приказна што ќе ве расположи и насмее додека ја читате. Во однос на социјални медиуми, обожавам да следам родители кои семејните ситуации ги прикажуваат на хумористичен начин, а избегнувам сериозни родителски профили затоа што колку некогаш знаат да помогнат, исто така знаат и да фрустрираат. Се трудам да се држам до комичните но реални профили како на пример: Father of daughters, Fun Dad Dean, Big Time Adulting, Five minute mum”.