Working Mom на Неделата: Марија Дишовска

Нема поголема среќа кога се враќаш дома после работа и детето ти трча во прегратка. 

Но, нема и поголем предизвик од тоа да му објасниш на тоа дете дека мама мора да оди на работа и истовремено да се осигуриш дека ќе биде безбеден и среќен додека си отсутна. 👀

За Марија Дишовска само среќен и задоволен вработен ќе биде и добар вработен и посветен родител. 

Затоа, таа смета дека компаниите треба да имаат разбирање за новата улога на вработените што се родители. Да не инсистираат на прекувремена работа, работа навечер или работа за викенд што не е дел од нивното работно време. ⚠️

„Мислам дека би било идеално кога породилното отсуство би траело 1 година, но тоа не зависи од компаниите, туку од државата. Она што го слушам во разговор со други трудници кои биле со договор на определено време е дека кога ќе кажат дека се бремени, често им завршува договорот за вработување или не им е продолжен. Сметам дека ниту една мајка не смее да има такви грижи дали ќе има работа или не по раѓање на детето. Треба да постои некој закон кога некоја жена е бремена, а е во работен однос на определено време, барем до почеток на породилно отсуство да не смее да добие отказ или раскинување на договорот. На идните мајки им претстои најубав, но воедно и најодговорен период во животот. Затоа не треба да дозволиме да ги оставиме без работа, а воедно и без примања што се најзначајни во тој момент”.

Најголемиот предизвик што Марија досега го почувствувала на своја кожа како Working Mom се службените патувања. 

„Неодамна, за прв пат го оставив детето и тоа на 5 дена. Имав хаос во главата и немир во душата. Од една страна, сакав да одам, да бидам малку сама и да спијам мирно, а од друга страна, страв ми беше дали ќе плаче и многу ќе ме бара, дали максимално е безбеден итн… Имав оставено план и рецепти буквално за сите 5 дена доручек, ручек, вечера, ужинки и насоки кога и каде да играат. Тоа е мојот freak control во мене. 😄 На крај испадна Веран да ужива со баба и тато и иако ме барал каде е мама, повеќе плачеше баба му кога си замина дома, откако јас кога се вратив од пат”.

Таа вели дека нема конкретни тактики за организирање на времето, па е флексибилна во која насока и да тргне денот. Се труди работните обврски да ги завршува во работното време и ништо да не остава за следниот ден, и плус да не си ја носи дома работата. 

„Домашните обврски никогаш не се завршени целосно како јас што сакам. Можеби затоа што сум девица во хороскоп. Кога е убаво времето, тогаш Веран попладне игра и шета надвор со тато, а јас останувам дома за да средам и да направам вечера. Меѓутоа, мора да признаам дека имам огромна помош и од сопругот. Заедно се договараме кој и кога нешто ќе заврши. Ако видам дека не може сѐ да се заврши во работното време, гледам обврските што не се итни да се префрлат за следниот ден. Не можам да кажам дека од дома не сум се јавила на телефон или не сум отворила компјутер за да завршам некоја работа, но тоа е толку ретко што е незначително. Само со добра организација може да се постигне сѐ што треба!”

Токму сопругот е нејзината најголема поддршка и мотиватор. ❤️

„Најголема поддршка имам од сопругот со кој секогаш се договараме за сите домашни обврски. Има потполно разбирање кога знам да заглавам со работа и ја презема грижата за синчето и обратно. Ме мотивира и ми дава совети или мислење кога и да сум во недоумица или ќе побарам совет. Она што многу ми е важно е што не се меша и не ме кочи во работите за коишто сметам дека во тој момент ми се важни. За по некој викенд или приватни настани знаеме да побараме помош од бабата. Таа не живее во ист град со нас, па не можеме да ја користиме почесто нејзината помош.”

За да се наполни со енергија и да има сила за сите обврски, таа се труди секојдневно да одвои барем 2 часа за себе.

„Тоа е најчесто навечер кога ќе заспијат сопругот и детето. Тогаш е мое време. Гледам филм, серија, подкаст, пијам кафе (да, обожавам кафе пред спиење), сѐ што ми прави да се чувствувам добро, бидејќи знам дека детето ми е на безбедно и душата ми е мирна”. 😇

Емисиите и подкастите со Доктор Ранко Рајовиќ се нејзиниот омилен извор на совети за родителување.

„Човекот е неисцрпен извор на мудрости и совети за деца и родители. По социјалните мрежи сум дел од многу групи што даваат совети за правилна исхрана на бебиња и деца и во групи за заеднички активности и работилници за деца и родители”.