Првите недели после породувањето имав чувство дека испуштам многу работи како настани на кои нема да можам да одам, цели што нема да стигнам да ги исполнам, време што нeма да го имам за себе.
Јас сум човек којшто сака да му биде организиран денот до последната минута. Но, првите недели со бебе ми беа тотален хаос и се чувствував како сè да правам погрешно. 😳
Дури подоцна сфатив дека моето тело веќе не истото и дека му треба и нему време да се прилагоди на новото јас.
Мој мал совет до сите родители е следниов:
Kолку и да мислите дека сте подготвени, колку и да стe реално подготвени за своето бебе, секогаш ќе има нешто што нема да го правите правилно околу вашето дете. Но, верувајте дека ВИЕ и само ВИЕ знаете што е тоа што му е најпотребно на ВАШЕТО дете!
Kако и секоја нова мајка, мислам дека имав 1001 правило за однесувањето на луѓето околу моето бебе. Тоа беше со цел да си го олесниме секојдневието за мене и мојот сопруг.
Но, за жал, секогаш постоеле луѓе кои правилата ги гледат како нешто што треба да се прекрши. И најчесто, најголемиот притисок кој некогаш ќе го почуствувате во врска со вашето дете е токму од тие луѓе. Таков притисок сметам дека ниту на работа нема да доживеете. 👀
Како што поминуваше времето, така и моите цели се менуваа. Станував пофлексибилна во врска со агендата на мојот ден, чуството дека испуштам можности полека избледуваше, бидејќи јас создавав нови можности сама за себе.
Додека сè уште ми траеше породилното отсуство, решив да си го надоградам знаењето завршувајќи курс за ИТ вештина.
Тоа ми помогна своето мало хоби заедно со моите сестри да го претворивме во хоби што ќе ни носи и заработка. Така и се впуштив во еден поголем проект што во моментот мирно си чека за својата финална реализација. 🚀
Со текот на времето, разбрав дека новиот член на фамилијата никогаш не треба да биде изговор за нешто да не направиме, изговор за да се откажеме од работите што ги сакаме.
Напротив, тој секогаш треба да ни биде причина за да продолжиме напред, да продолжиме да работиме на себе.
Со цел постигнување на одреден баланс помеѓу кариерата и приватниот живот и посветување внимание и љубов на новиот член, секогаш до мене беа сопругот и моето семејство.
За нас не постоеше и сè уште не постои дежурен родител. И двајцата сме еднакво влезени во водите на родителството.
Кога донесов одлука да се надоградувам, сопругот ми беше најголемата поддршка. Тој немаше дополнителни прашања од типот „Зошто?,” „Како?”
И денес, кога имам потреба да издвојам минутка за себе, тој ја претвора таа минута во часови што за мене лично вредат цело богатство. ❤️
Во моментите кога ми требало рамо за плачење, кога ми било најтешко или ми требало совет кога сум се наоѓала на одредена раскрсница, моето семејство секогаш беше тука за да ме поддржи.
Љубовта што ја добивам од нив е инспирација за љубовта што му ја давам на моето мало.
И моите пријатели се овде за да ми ги наполнат батериите. И покрај нивните обврски, тие ми се билет надвор од моето секојдневие.
Се разбира, сè уште постојат моменти што ги планирам до последен детаљ и во мојата глава тие се одвиваат совршено. Но, за жал, не секогаш твоето мало дете се согласува со твојот “совршен” план. 😅
На пример, постојат денови што си ги планирал за прошетка. Но, баш тогаш детето ќе биде најнервозно. Или, пак, времето планирано за дремка, се претвора во 2 часа лулање во парк. Па, мирната ноќ што толку долго ја очекуваш е само уште една во низата на непроспиени ноќи бидејќи му излегуваат запчиња.
И во секој миг ќе мислиш дека толку, сега е моментот кога ќе “пукнам”, ја чувствуваш нервозата во секоја клетка од твоето тело, нервозата од замор, нервозата од премногу мисли во главата, нервозата од работа.
Но, разликата е во тоа што сега си родител, па цел тој бес наоѓаш начин како да го смириш со последните твои сили.
На крајот од денот, секоја минута замор се заборава во моментот кога на подот ќе ги истуриме играчките за сите тројца заедно да си играме. 🧸🎈
Автор: Надица Шимова
© 2023 Created with love