Мама Муабет на Екс со Теодора Томовска Ристовска

💔 Најтешкиот момент во моето мајчинство беше кога…

Самата организација и начинот на функционирање кога не сум само само јас, туку има некој друг кој потполно зависи од мене, особено кога се бебиња. Приоритетите се менуваат, па постепено се навикнуваш на сосема поинаков начин на функционирање.

 

✨ Пресвртна точка во тоа како ја доживувам улогата на мајка беше кога сфатив дека…

Моите деца се однесуваат како што се однесувам јас. Јас сум им модел во првите години од нивниот живот за тоа како да ги изразуваат емоциите, како да комуницираат, колку можат да толерираат. Подлогата на градбата на нивната личност е – домот.

 

🕰️ Да можам да го вратам времето, би…

Не би менувала ништо. Затоа што свесно влегов со одговорностите кои се дел од еден период. Тие одговорности ме променија и мене. 

Ми укажаа дека со многу повеќе обврски, и промени на планови, може да се функционира доколку знаете како да се организирате, но исто така и да не очекувате нешто што не е реално од ваша страна во тој момент да го направите.

 

☕ Кога сум уморна и преоптоварена, најефикасно ми е да…

Имам празна состојба на умот. Со тоа се одмара и моето тело. Овој период е многу краток, понекогаш и неизводлив но, наоѓам начин да се ресетирам. 

Прошетката надвор без разлика на временските услови ми дава енергија за денот што следи или што веќе трае.

 

💡 Најважната лекција што ја научив од моите деца е…

Првото дете ме научи на трпение, чекање, време, а второто дете ме научи и уште ме учи на присутност во момент и периодот во кој се наоѓаат.

😨 Мојот најголем страв како мајка е…

Здравјето на моите деца. Бидејќи свесна сум дека безбедноста и сигурноста може да ја совладаат со текот на животот, не можам да ги заштитам од сѐ. Тоа е лекција што ќе трае. 

Воспитувањето е од дома, дома е безбедноста. Колку можам и умеам се трудам да ги насочувам. Социјалниот момент како пресудна ставка во нивниот живот е значаен момент за доградба на самите нив. Гледаме и слушаме секакви сценарија особено во адолесцентиот период, предизвик кој за мене како родител ќе биде огромен.

 

📚 Нешто што би сакала да го знаев пред да станам мајка е…

Сметам и мислам дека бидувањето на мајка е во моментот кога требало да биде. Што требаше да знам предходно не би можела да издвојам, бидејќи мајчинството не е рецепт за торта, туку рецепт за надоградба на самата мајка и предизвикот со кој ќе се соочувам понатаму. 

За мене како мајка е важно во секој период на детето да бидам присутна, свесна, потребна за него. Не сакам ниту премногу, ниту премалку да знам, туку онолку колку што ми е потребно за моментот во кој сум. Тоа не е ограничувачки. Тоа е живеење во ТУКА и СЕГА.

 

😥 Најчесто се чувствувам виновна како мајка кога…

Кога не сум присутна во сѐ што прават.

 

💡Најдобриот совет што го добив за мајчинството беше…

Уживај во секој момент, брзо растат!

 

🫂 Осаменоста во мајчинството ја надминувам со…

Разговор и терапевтска поддршка која ми беше потребна во одредени периоди од моето мајчинство.

 

Автор: Теодора Томовска Ристовска