Мама Муабет на Екс со Симона Ташева Крстовски

💔 Најтешкиот момент во моето мајчинство беше кога…

Кога мислев дека не можам повеќе, но токму тогаш научив колку сум силна и колку многу можам да постигнам.

 

✨ Пресвртна точка во тоа како ја доживувам улогата на мајка беше кога сфатив дека…

Мајчинството не е трка, туку патување полно со љубов и учење. И заклучокот е дека во тој период, не се менува светот. Се менуваме само ние – а токму тоа е најубавото нешто.

 

🕰️ Да можам да го вратам времето, би…

Не би менувала ништо — само би го прегрнала посилно секој миг што е создаден тогаш во тоа време.

 

☕ Кога сум уморна и преоптоварена, најефикасно ми е да…

Се повлечам за миг, длабоко вдишам и да си речам: Не мора сè денес!

И што сум го направила е доволно. Не секогаш мора сè да биде завршено како што е замислено.

 

💡 Најважната лекција што ја научив од моите деца е…

Љубовта не бара совршенство. Пред мајчинството, мислев дека треба секогаш да бидам подготвена на сè, уредна и смирена. А потоа дојдоа тие – со валкани рачиња, со хаос и со насмевки што ги топат сите грижи.

Научив дека највредното нешто што можам да им го дадам е мојата присутност, не мојата совршеност.

Моето дете не гледа колку сум уморна, ниту колку обврски имам. Тоа гледа мајка што го сака. И тоа е доволно. Таа мисла ме ослободи од потребата да бидам совршена. Денес, само се трудам да бидам присутна.

😨 Мојот најголем страв како мајка е…

Дека нема секогаш да можам да ја заштитам ќерка ми. Од светот, од разочарувања, од тагата и сите нешта што не можам да ги контролирам.

Но потоа сфаќам – мојата улога не е да ѝ го изгазам патот, туку да ѝ дадам корени и крилја. Да ѝ помогнам да се пронајде и да има храброст да полета во правецот која што таа ќе го избере.

Иако знам дека тој момент ќе боли, ќе ми биде доказ дека сум направила нешто правилно и вистинско.

 

📚 Нешто што би сакала да го знаев пред да станам мајка е…

Нема совршена подготовка за мајчинството.

Може да прочиташ милион книги, да слушаш совети од сите страни, но ништо не те подготвува за моментот кога ќе го земеш своето дете во раце и ќе сфатиш дека сè е ново, страшно, прекрасно и неверојатно во исто време.

 

😥 Најчесто се чувствувам виновна како мајка кога…

Кога мислам дека не посветувам доволно внимание поради работните обврски.

 

💡Најдобриот совет што го добив за мајчинството беше…

Не мораш сè сама! Побарај поддршка од партнер, пријателите или семејството.

 

🫂 Осаменоста во мајчинството ја надминувам со…

Преку поврзување со другите – разговарам со пријателите, со партнерот, излегувам на кратки прошетки или на кафе и учествувам во различни активности со други мајки.

Овие мали, но значајни моменти ми ја враќаат поврзаноста и чувството дека не сум сама.

 

Автор: Симона Ташева Крстовски