Мајка, но и ЈАС

Некогаш бев жена со планови. Со кафе кое се пиеше бавно, со книги со свиткани агли и пријателки што ми го знаеја смеењето по боја. Бев јас — гласна, своја, полна со соништа и непресушни разговори до полноќ.

А потоа дојде ти — моето најголемо чудо. 👼
И светот се смали до твоето лице.
До твојот плач.
До твоето „мама“.

Станав тивок хероин без плашт, со раце полни со мали чорапчиња и очи што се борат да останат будни уште малку. 

Идентитетот ми се разлеа како боја во вода — мајка, партнерка, готвачка, болничарка, раскажувачка на бајки… А каде сум јас во сето тоа?

Пријателствата станаа тивки. Повиците — поретки.
Не затоа што љубовта згасна, туку затоа што времето побегна.
А кога ќе се јавам, често е со глас малку поизморен, со реченица која почнува со „извини што не се јавив порано…“

Но, ме има сè уште. Помеѓу кашичките и бајките.
Помеѓу ноќните будења и скриените солзи во бањата.
Ме има. Само што сум променета. Поширока, подлабока, посензитивна.

И знаеш што? Повторно учам да бидам ЈАС.
Не иста, но нова.
Не помалку вредна, туку повеќе вистинска.

А на пријателките што ме чекаа, што сè уште ме сакаат — и во хаос и во молк — ви благодарам.🙏
Вие ми помагате да се сетам дека жената пред „мама“ не исчезна.
Само што малку ја затрупаа играчките и нежноста.

Мајчинството не е само нова улога. Тоа е цела вселена што го менува времето, просторот и начинот на кој јас се гледам себеси. 

Бев навикната на брзи чекори, на планови што ги правев за себе, за кариера, за животот кој мислев дека е мој. Сега чекорите ми се побавни, а плановите — помали и поблиски, со мирис на детска кожа и звуци на некој што ме вика „мама“ со неизмерна љубов.

Губењето на идентитетот понекогаш не е загуба, туку трансформација. Но, таа трансформација може да биде и болна. Да те боли што нема повеќе време за книга што ти ја напишаа пријателките, за кафе со насмевка без грижа, за долги разговори без прекини. 

Сакам да те прашам: дали си се пронашла повторно? Дали ти ја прифати таа нова себе?

Јас се борев со тоа. Некогаш се гледав во огледало и се прашував: „Која си ти?“ 

Жената што сум ја знаела исчезна, а мајката што сум станала — не ја препознавам. Но, од секоја солза што ја исплакав, од секоја ноќ без сон, од секој гест на нежност кон моето дете — ја создадов новата себе. 🪄

Пријателствата… Ах, тие. Некогаш беа ветер во косата, сега понекогаш се далечина што боли. Не затоа што сакаме да се оддалечиме, туку затоа што животот не нè пушта лесно да се сретнеме. 

Понекогаш се плашам дека сум ги изгубила, дека тие не ме препознаваат, дека јас повеќе не сум доволно она што бев за нив. Но, вистината е дека вистинските пријателства не исчезнуваат — тие само се менуваат со нас. Тие остануваат, дури и кога зборовите запираат, кога срцата не можат да пронајдат заеднички ритам.

И затоа денес, кога ќе најдам момент само за себе, кога ќе пуштам музика и ќе танцувам сама во дневната соба, се сеќавам на онаа жена што бев — слободна, силна и полна со соништа. 

Но потоа, погледнувам кон моето дете и знам дека новата жена, оваа мајка со изморени очи, е една од најмоќните верзии од мене.

Да бидеш мајка значи да се научиш да сакаш толку длабоко што боли. Да се жртвуваш, да дадеш сè — и да се пронајдеш повторно во тоа „сè“. 

Не е секогаш лесно. Некогаш се чувствувам како да сум заборавена во приказната за себе, но истовремено, во таа приказна, моето срце добива нови главни улоги.

Ти што си мајка, ти што се бориш со своите сенки, ти што се прашуваш каде исчезна твојата „стара“ јас — не си сама. Тие се тука, пријателките што те чекаат. Тие што не ти судат. Тие што те сакаат и кога не си „претходната“ ти. 

Затоа дозволи си да се менуваш, да растеш и да се сакаш онаква каква што си — со сите стравови и сите победи.

Мајчинството не е крај на жената што си била, туку почеток на нова, посилна, поубава и подлабока. Идентичноста не се губи — таа се трансформира, созрева, цвета.🌼

Затоа, пријателките што останаа — ви благодарам. Вие сте моите острови на стабилност, мојот глас кога не го наоѓам својот, моето огледало каде што гледам не само мајка, туку и жена.

И за крај, на сите мајки што го читате ова — прегрнете се себеси. Прегрнете ги вашите стравови, вашите успеси, вашата љубов. 

И запомнете: мајчинството е патување, не дестинација. Не заборавајте да ги негувате пријателствата, да ги одржувате огновите на она што биле вашите животи пред мајчинството, зашто тие ќе ви помогнат да ја најдете себе кога ќе се изгубите. ❤️

 

Автор: Надица Кузелова Јованова