Што значи да се биде мајка на 4 деца и да се има одговорна позиција?

Прво ти е? Не, 4то! 😅

Најчестото прашање што го добивам во изминатава година.

Уште како мала си мечтаев за големо семејство. Можеби бидејќи израснав во семејство со 3 деца, а можеби и од големата љубов кон децата и мајчинскиот инстинкт што го имав уште од мала.

Денес сум мајка на 4 деца од 1 до 8 години и слободно можам да кажам дека желбата и сонот за големо семејство ми се оствари. 🙌

Многумина ќе речат: 

„Леле, алал да ти е!”

„Како се снаоѓаш, како издржуваш?”

Жртвата е голема – секоја мајка ќе се сложи. Независно дали е едно, две или повеќе деца, животот на една жена се менува од моментот кога ќе стане мајка.

Секојдневно се соочувам со најразлични предизвици. Некои веќе познати од искуство, а други нови и поинакви.

Како мајка на многу (повеќе) деца, ги имам научено следниве лекции:

Лекција #1

Планот е план само во првите 10 минути. Колку и да имаме план за денот, во 90% од времето ништо не оди по план. 😅

Важно е да научиме да се опуштиме и да оставиме работите да течат спонтано.

Лекција #2

Секое излегување од дома, изгледа како да одиме 10 дена на одмор. А кога одиме на одмор, изгледа како да се селиме од дома. ⛱️

Лекција #3

Будна си и кога спиеш. Мозокот ти мисли за денот што ти поминал и за денот што ти доаѓа. 

Си правиш ретроспектива, поминуваш низ табовите во глава за да видиш до каде си. На почеток тоа те уморува. Но, потоа се навикнуваш.

Лекција #4

Од луѓето слушаш: „Ејј браво храбра мајка! Најјака!” 

Те “тапшаат” по рамо иако некои денови се распаѓаш од внатре, што од умор, што од неспиење, што од физичка и/или психичка оптеретеност. 😩

Лекција #5

Никогаш не си сама. Секогаш во секоја ситуација, барем едно од децата е присутно. Па така и се учиш дека приватноста скоро и не постои и си тераш.

Лекција #6

Доаѓа време на вируси, настинки и бактерии од градинка и од школо. Веќе си спремна дека ќе има маратон од настинки, па со време си спремаш инхалатор.

Со 4 деца маратонот трае, бидејќи таман едно оздравело, другото почнува да се разболува. 🤒

Сè ова поминува и се заборава (зборувам од искуство). Сè што поминало и е заборавено за веќе поголемите деца, како DejaVu се случува сега со помалите.

Повеќе не сте сами, па дури и кога нема никој дома. Мозокот ви работи и кога спиете, а задачите се вртат и пребројуваат. 

Дали е сè завршено, дали е сè спремно за утрешниот ден? Дали нешто заборавив? 🤔

А потоа се будиш и сфаќаш дека веќе почнал новиот ден… 

Во сите тие динамики, промени, предизвици и привилегии што ги носи мајчинството, мајката не треба да заборави на своите потреби, своите лични, но и кариерни соништа.

Не запоставувај ја личноста што била во тебе пред да станеш мајка и во новата улога со новите предизвици. Во целиот тој хаос – најди време за да се грижиш за себе! 🫴

 

Автор: Ана Гакидев