Мајчинството не се учи од книга, потпри се на својот инстинкт!

Моето име е Марија, 35 години. Мајка сум на за мене две чудесни деца, Стефан (7 години) и Марко (2,5 години) и сопруга на музичар. 

Во 2017 година, станав мајка на првото бебе, Стефан. Голема возбуда, среќа, радост, но и страв дали ќе знам што да правам како мајка. 🤷‍♀️

Од друга страна, имав веќе започнато работа на докторатот, кој планирав да го завршам додека го користам породилното отсуство. Бев со мислата: „Супер, сега ќе си бидам дома, нема да одам на работа, ќе имам време да работам на докторатот, додека бебето спие”.  

Во овој мој план не беше вклучено дека бебето ќе плаче, ќе цица по еден час, во текот на денот ќе преспива по 10-15 минути, навечер ќе се буди на секои 2 часа и сега имам за работа 2 докторати, тој по економија и овој мајчинскиот… 😅 

Првите месеци се посветив комплетно на него, го гледав додека спие, го слушав како дишe и многу, многу го гушкав. Но, како поминуваа месеците, се зголемуваше притисокот од незавршениот докторат, за кој имав и некој рок. Пробував неколку пати да го завршам, но не успевав да напишам ни страна. Имаше моменти кога помислував и да се откажам од него. 

За среќа, тука беше мојот сопруг кој ми даваше поддршка и ми помaгаше околу обврските околу бебето и домашните работи. Дојде време да се вратам и на работа. Искрено и сакав да се вратам, имав потреба за тоа, сакав да работам, да сменам малку од секојдневната рутина на менување пелени, доење, подготовка на храна, плачки. 

За некое чудо, враќањето на работа ми даде сила, енергија и мотивација конечно да го завршам докторатот и тоа се случи кога Стефан имаше 1,5 година. Некако работите си идеа на место, успеав да фатам некој ритам, на работа, дома, со бебето. 

Работам како референт за трет циклус на Економски факултет Прилеп, работна позиција која ама баш не ми е драга, но и покрај тоа работните обврски секогаш ги извршувам професионално. За колегите важам за вредна, квалитетна, иновативна, професионална, коректна личност. 

Секако, завршувањето на докторатот и стекнувањето степен доктор на науки, за мене значеше можност за унапредување, но за жал или среќа тоа не беше така во очите на мојот менаџер кој ми даде до знаење дека такво нешто нема да се случи. 😳

Неможноста за напредување на работното место и кочниците што ми ги даде претпоставената за мене беа фрустрирачки, разочарувачки, но во исто време и охрабрување дека треба да се борам и својата енергија да ја насочам и на друго место, онаму каде што трудот би се вреднувал навистина. 

Искрено имав и некој инает за да докажам колку можам. Така се вклучив во невладиниот сектор, најпрво со пишување апликации за проекти. Но и таму работите на почеток не одеа лесно, скоро сите поднесени апликации ми беа одбиени. 

Во меѓувреме, се појави пандемијата со корона вирусот. Во време кога имаше голема паника, никој ништо не знаеше што точно е вирусот, имаше голема смртност, се ширеше страв и паника кај луѓето, немаше тестови, јас кренав температура. 

Пред да напрам тест за ковид, направив тест за бременост кој беше позитивен. Во тој момент ме фати голема паника, па првите месеци од бременоста ги поминав многу стресно, со лоши мисли до мисли за прекин на бременост, одење по доктори, правење ризични тестови. 

За среќа во јуни 2021 година се роди и мојот втор син Марко, здрав, прав и многу мирно бебе. Брзо после неговото раѓање, ми дојде и информација дека една од претходно поднесените апликации за проект ми е одобрена. Ова значеше повторно работно породилно отсуство. 🤱

На проектот бев раководител, но заради пандемијата главниот дел од активностите се реализираа онлајн и тоа ми беше олеснителна околност. 

Дополнително, сакав да ја искористам можноста за следење на онлајн обуки и работилници што беа важни за моето професионално надоградување (се случуваше Марко да треба да цица, а јас седната да го слушам предaвачот. За среќа имаше можност да се исклучи камерата). 

По неколку месеци, ми стигна уште едно известување за уште еден одобрен проект, па трет и така трудот од пред неколку месеци сега доби потврда. Следеше добивање и лиценца за вешто лице, лиценца за овластен сметководител, но и време да се вратам повторно на работа. Тоа значеше работа на работно место, дополнителна работа на добиените проекти и на предмети за вештачење. 

Имав еден период кога не знаев што попрво да направам, немав време за ништо, не можев да ги завршам работите на време, ме фаќаше паника, правев грешки, немав време ни за децата, често купував готов ручек бидејќи немав време да направам нешто за јадење, дома ни беше растурено и многу си плачев … 😔

Тоа беше така одредено време, кога во еден момент почуствував дека се растргнав и се распаѓам и морав да си кажам стоп, доста е, мора да се организираш, не можи да се товараш со обврски, треба да процениш колку, што и како можеш. И така полека почнав да намалувам од обврските и да гледам најпрво да му се посветам на децата, се трудев подобро да планирам и да си ги организирам времето и обврските. 

Што јас научив од оваа моја приказна? 💡

Во однос на кариерата, научив дека морам да бидам смирена, да не реагирам бурно на работите, понекогаш да ги оставам такви какви што се, да не се тензирам за нешто што не можам да го променам, да се посветам онаму каде што имам можност за развој. 

Научив дека ништо не е невозможно, само понекогаш може да биде тешко, многу тешко, но на крај се може да се оствари. Во секој од нас постои доволно сила за да кога тогаш си ги оствариме нашите цели. 

Животот е постојана борба, некогаш губиме, некогаш добиваме. Важно е секогаш да се бориме и да не застануваме, како кога возиме велосипед, се додека вртиме на педалите, велосипедот ќе вози, кога ќе престанеме, губиме баланс и паѓаме. И секогаш, ама баш секогаш мора да имаме време за себе и некоја активност која ќе ни дава нова енергија. 

Јас тоа го најдов во авантуристичките работи и адреналинските активности. Уживам кога искусувам некое ново такво искуство и сакам да ги пробам сите авантуристички понуди. Па така досега, имам летано со параглајдер неколку пати, летано со авион двосед, летано со едрилица, нуркано, возено чопер мотор, атв мотор, одреден период редовно одев на стрелаштво и кајакарење. 

За среќа, мојот поголем син се погоди на мене. 🤭Во некои од овие активности ми е придружник, па така често заедно одиме да кајакариме, одиме на адреналински паркови, на планина, заедно летавме со едрилица, а ме радува и што малиот покажа интерес за планинарење. На ваков начин имаме едно добро време поминато заедно. 

На крај кон оваа приказна сакам да го споделам и моето искуство со доењето и 4,5 годишниот стаж во доење како мотив и поддршка кон сите мајки да дојат и да уживаат во тој момент. За мене тоа беше еден од најубавите моменти кој и сега ми недостасува. Уживав да ги гледам додека цицаат, како ме гледаат со очињата и ме галат со рачињата. 

И покрај сите критики од околината од типот на „одбиј го, доста му е, голем е”, јас не се откажав од тоа. Верувам дека доењето е многу важно како за физичкиот развој на бебето, така и заради блискоста со мајката. Во еден период кога го доев поголемиот син, го доев и бебето од мојата другарка бидејќи таа немаше млеко. 

Во однос на мајчинството исто научив дека мора да сум смирена, да не ме вади од такт кога децата не ме разбираат, не се мирни, истуриле млеко на креветот, намачкале чоколадо на тепихот, го наполниле фрижидерот со снег, донесле земја во собата… 

Најважно е да поминувам квалитетно време со моите деца. Така најчесто кога се добри временските услови тоа го правиме надвор, во некој парк, планина, покрај река, во дворот во песокта или дома месиме тесто, боиме, редиме лего, но секогаш валкани. 

Научив дека мајчинството не се учи од книга. Може некој совет да прочиташ, ама она вистинското секоја мајка го има во себе и треба да му верува на својот инстинкт кога се работи за гледањето, воспитувањето и растењето на децата. 💡

 

Автор: Марија Мидовска Петкоска