Мајчинството не е причина за отказ: Време е за поддршка, не за казни!

Денес, кога живеењето во заедница е сè поретко, грижата за децата е препуштена само на родителите. Многу е поретка надворешната помош од баби и дедовци, кои најчесто  уште се во работен однос. 

Ова значи дека кога детето ќе се разболи, родителите се тие кои мора да останат дома, а во најчест случај тоа е – мајката. 🤱

Како мајка која го доеше детето до втората година, при секое разболување знам дека ништо не можеше да ја смири повеќе од мојата прегратка. Во тие моменти, таа не сакаше да биде ниту со татко ѝ, ниту со некој трет. 

Но, тоа што природно му припаѓа на секое дете – утехата од својата мајка – за жал, во очите на работодавачот е проблем! ⚠️

Наместо разбирање, мајките најчесто добиваат отказ или притисок да се вратат назад на работните задачи побрзо од времето што е потребно нивното дете да заздрави. 

Јасно е дека многу мајки се соочуваат со истиот проблем – компаниите ги третираат како непродуктивни ако земат боледување за да бидат со своите деца. Се очекува од нас да бидеме и мајки и посветени работници, но кога детето ќе се разболи, мора да избираме помеѓу работата и детето. 

Никој родител не би требало да се двоуми околу тоа дали да остане дома со своето болно дете или не. Болно дете не оди во градинка, бдејќи тоа не е безбедно ниту за него, ниту за другите деца. Тогаш, зошто мајките се казнуваат за тоа што прават нешто што е природно и правилно? 

Време е работодавачите и општеството да покажат повеќе разбирање и поддршка. Време е да престанеме да ги казнуваме мајките што ги ставаат своите деца на прво место. 

Законите, политиките и работните услови мора да бидат прилагодени на реалноста – дека мајките не можат и не треба да бидат отпуштени затоа што се грижат за своите болни деца.❗

Ако навистина сакаме општество кое ги почитува семејните вредности, тогаш мора да се бориме за правото на секоја мајка да биде со своето дете без страв од губење на работата.

На крајот на денот, без разлика каква е работата, семејството секогаш треба да биде на прво место. Ниту една работа не е поважна од здравјето на нашите деца. 

Мајките треба да бидат храбри, да ги бранат своите права и да не се чувствуваат виновни што го избираат своето дете пред работното место. Децата растат брзо, но љубовта и сигурноста што им ја даваме во тие најважни моменти остануваат засекогаш. ❤️

 

Автор: Памела Атанасова Нешов