Мајчинство – вечен баланс во обидот да му помогнете на Вашето дете да го открие неговиот идентитет, без притоа да го заборавите својот!

Што е жената?

Столб на семејството?

`Рбетот на општеството?

Синоним за издржливост, упорност и мултитаскинг? 👀

Мост помеѓу кариерата и семејството?

Огледало на домот пред општеството и обратно – на општеството пред домот?

Секогаш се прашував како животот на жената се менува кога станува мајка. Како може да се живее во тој континуиран баланс помеѓу она што сакаш да бидеш како

професионалец и она коешто знаеш дека ќе ти го исполни срцето до препукнување за навек.

Многупати, пред да добијам дете, знаев се подзамислам и размислувам дали правецот на патеката наречена живот, се менува кога ќе станеш мајка или, едноставно застануваш, се закотвуваш и на едно место го распнуваш семејното знаменце. 🎌

Исчезнуваш ли тогаш кога ќе го добиеш првото дете или пак добиваш нов идентитет кој нема да го најдеш ниту на личната карта, ниту во пасошот, ниту пак во твоето минато?

Речиси симболичен е оној момент кога ќе сфатиш дека сите твои фотографии ги заменуваш со оние од твоите деца, а џепарлакот наменет да си го трошиш на себе го трошиш на некое ново ,,залче” од илјадитите кои веќе ги имаш за своето дете.

Не знам зошто, но кога порано се соочував со овој парадокс околу мене, тоа апсолутно ме нервираше. Се прашував како е можно толку целосно да се изгубиш во мајчинството и истото го осудував.

СЕГА ЗНАМ! 💡

Апсолутно го губиш својот идентитет кога ќе станеш мајка. Апсолутно го знам тоа бидејќи и јас се изгубив во оној лавиринт од нови епизоди на серијалот наречен – мајчинство.

Најпрвин започнува епизодата на бременост, па на раѓање, па на надоаѓање млеко, скокови во развој, менување пелена, редослед на спиење и оброци, епизоди на раснење заби, епизоди на настинки… И кога ќе видиш си се заборавила во серијалот во кој полека од главна улога си преминала во споредна.

Апсолутно забораваш како да зборуваш за работи надвор од доменот на мајчинството. Го губиш допирот со работите во надворешниот свет. Твојот репертоар станува ограничен и да бидам искрена, малку сум дури и на самата себе досадна. 🤭

За среќа, наоѓам други мајки, луѓе со кои можеби не сум се снашла толку добро порано, но сите заедно се снаоѓаме во оваа ситуација. 

Знам длабоко во себе дека сум воодушевена откако станав мајка. Открив емоции и способности за кои не сум ни била свесна дека ги поседувам. 

Најинтересно ми е тоа што открив дека имам и можам да се носам со една огромна љубов во мене и истата да ја сокријам од секое зло и повредување. Во таквиот оклопен штит кон најчистата ми љубов, скоро и заборавив дека таму постои свет, различен од мајчинството, на кој исто така можам да се потпрам.

Полека ги тргам очилата кои ми ја даваа способноста да го гледам само моето дете и пред мене се потсетувам на глетката на хоризонтот каде што некогаш сум постоела и полека се обидувам да се прилагодам, да се напијам и го почувствувам стариот вкус на животот и да го вратам својот идентитет.

Всушност станува збор за баланс, обид да му помогнам на ова мало лице да го развие својот идентитет, а притоа да не го заборавам својот! ⚡

Си велам дека ми треба социјализација, размена на монотонијата и одмор од секојдневието, па речиси едвај чекав со едната срцева половина да се вратам на работа и да го продолжам животот онаму кадешто застанав, а со другата половина се борам да не се распрсне бидејќи сум свесна дека ќе продолжам но ќе оставам дел од себе дома или во градинка да ме чека.

И во оној момент кога навидум се враќаш на почетната сцена и продолжуваш да ја играш драмата на животот, сфаќаш дека си го заборавил текстот и дека дури и суфлерите отстрана кои те потсетуваат на секое твое движење и збор, ги земаш со резерва и не ги разбираш што сакаат да кажат.

Се враќаш дома и ги гледаш очите кои нема потреба да ти суфлираат за секој твој чекор, бидејќи тоа сценарио, дијалогот и гестикулации ти се веќе познати и многу повеќе од природни.

Тогаш во тој момент сфаќаш дека жената е индивидуа која може во исто време да игра повеќе улоги: улога на жена, улога на сопруга, улога на пријател, улога на професионалец и накрај онаа непроменливата, незаменливата и омилената – УЛОГА НА МАЈКА. 🤱

Автор: Надица Кузелова Јованова