Working Mom на Неделата: Љиљана Трајковска

За Љиљана Трајковска, семејството и пријателите се нејзината најголема поддршка во животот. А својата ќерка – најголема мотивација во секој аспект. 🚀

Поради неа, таа сака да биде подобар човек со добри навики, а во работата, да ѝ биде пример на својата ќерка дека е можно да се има успешна кариера, да се најде време за семејството и за себеси, но исто така и да се ужива во дружењето со пријателите. 

„Кога би можела да сменам нешто во моето “работно” искуство како мајка, тоа би било да го искористам својот флексибилен работен распоред уште повеќе. Во минатото, бев многу ориентирана кон кариерата, исполнување на кариерните цели и задачи. Сега, со флексибилноста што ја имам и што ми ја нуди сегашната компанија, би сакала да ја искористам правилно за да ги балансирам моите одговорности како мајка и професионалец”.

Како и за секој родител, поставувањето на приоритети и цели за домашните и работните обврски знае да биде предизвик. Ова се тактиките што многу ѝ ги олеснуваат организацијата и квалитетното користење на времето:

✅ Си поставувам реални цели.

✅ Секогаш се трудам да ми е испланирано времето. Работата преку недела ми е во текот на работното време од 09-17 часот, потоа следува краток одмор, па потоа време за семејство и другите активности. 

✅ Според мене, најважна е самодисциплина. Се стремам да ги исполнам целите и задачите што си ги имам зададено за тој ден или таа недела. 

✅ Одморот е најважниот дел за постигнување продуктивност.

„Правењето на баланс помеѓу работата и приватниот живот понекогаш може да биде предизвик, особено кога работните обврски налагаат повеќе одговорности. Во такви ситуации, го применувам пристапот на делегирање на домашните обврски со коишто ми треба помош. Организираноста е клучна и прифаќањето на фактот дека не може да очекуваме дека секогаш ќе успееме да ги завршиме сами сите обврски. Овој пристап ми овозможува да ги задржам здравите граници помеѓу работата и семејниот живот, додека истовремено сум сигурна дека сите аспекти на мојот живот се под контрола и организирани”.

Ако треба да промени една работа во начинот на којшто компаниите ги третираат вработените кои се родители, тоа би било воведување на опции за флексибилен или хибриден распоред на работа, смета Љиљана. 💯

„Презадоволна сум што сум дел од компанија што ми обезбедува таков баланс во животот. Ретко се случува да не можам да присуствувам на некој важен настан од градинка, детски роденден на другарчето на моето дете или нешто слично. Сепак, дури и во таквите исклучителни случаи, секогаш наоѓаме решение преку разговор. Моето дете е исклучително разумно и лесно се договараме кога има потреба да ѝ објаснам зошто во одреден момент не можам да бидам присутна. До сега, секогаш имаме разбирање и тоа функционира одлично”.

Деновите или ноќите кога детето е болно се најтешките моменти за родителите. Но, истовремено, тоа е и време кога ја наоѓаме нашата вистинска сила и упорност како родители. 💪

„Моментот кога стануваме родители нè вовлекува во едно ново, но и чудесно патување. Дури и кога сме изморени и кога навистина недостасува сонот, наоѓаме сила која нè води да ги исполниме нашите родителски и работни обврски”. 

Времето наменето за себе е клучно за една мајка да го зачува менталното здравје и да собере сили за сите предизвици дома и на работното место.

„Секогаш гледам да одвојам време за себе. Тоа може да биде време за пријатели, гледање на серии или буквално само одмор цел ден. Ова време за себе ми помага да се освежам и да се подготвам за новата недела пред мене”.

А за да се едуцира околу родителувањето порано слушала поткасти, а денес информациите ги црпи од разговори со нејзините пријатели. 🫴

„Kога моето дете беше помало, се посветував повеќе на читање и слушање на поткасти на овие теми. Сега, повеќе се фокусирам на разговор со моите пријателки кои се и мајки, каде споделуваме заеднички искуства и учиме заедно. Преку овие разговори, ги споделуваме нашите искуства, добиваме нови перспективи и совети”. 

Љиљана ни даде идеја да го прошириме нашето портфолио на услуги и да споделуваме за компании што нудат флексибилни опции за работа.

„Продолжeте со споделување искуства од родители затоа што сметам дека најдобро се учи од реални ситуации.  Исто така, сметам дека платформата може да обезбеди информации за компании што нудат флексибилни работа или работа од дома. Ова може да им помогне на родителите да најдат работодавци што се соодветни за нивните очекувања”.